„360 степени“ го праша Рокас што би значело тоа во конкретен случај – ако заедничката историска комисија не може да постигне согласност за тоа како да ги опише Гоце Делчев или Охридската архиепископија, дали таквото несогласување би можело да биде основа Бугарија да стави вето во пристапните преговори

Дали протоколите поврзани со Договорот за добрососедство со Бугарија се дел од пристапните преговори на Северна Македонија со Европската Унија? На ова прашање во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, евроамбасадорот Михалис Рокас одговори дека протоколите се спомнуваат во Преговарачката рамка, а од двете страни се очекува да ги спроведуваат договорите во добра верба.
„Во Преговарачката рамка се спомнуваат протоколите, а она што се бара е да се оди напред со спроведувањето на договорите во добра верба. Клучниот израз тука е ‘во добра верба’. Она кон што се стремиме се добрососедски односи. Нивната важност е очигледна. Тие се однесуваат на сите земји кандидатки, а се однесуваат и на оние што денес се членки на ЕУ. Тука нема разлика, бидејќи станува збор за договори. Тука се Договорот за добрососедство со Бугарија од 2017 година, Преспанскиот договор и така натаму“,
рече Рокас.
За евроамбасадорот, правилата според кои земјава ќе напредува се јасни бидејќи Преговарачката рамка е веќе договорена, а скринингот е спроведен. Најдобрата гаранција за напредок, според него, е двете страни да имаат конструктивен пристап и да разговараат меѓу себе.
Што ако нема согласност за Гоце Делчев или за Охридската архиепископија?
„360 степени“ го праша Рокас што би значело тоа во конкретен случај – ако Заедничката историска комисија не може да постигне согласност за тоа како да ги опише Гоце Делчев или Охридската архиепископија, дали таквото несогласување би можело да биде основа Бугарија да стави вето во пристапните преговори?
„Јас ја претставувам Европската Унија и никако не можам да коментирам каков став би можела да заземе некоја земја членка во процесот на проширување. Но, мислам дека повторно треба да се вратиме на добрососедските односи и на спроведувањето на договорите во добра верба. Тоа е суштинско, тоа е клучно. Тоа е најважно и треба да се воспостави таква практика. Историјата секогаш можеме да им ја оставиме на историчарите. Меѓу сегашните членки на ЕУ имаме примери на земји кои и по зачленувањето продолжуваат да разговараат за вакви прашања“,
одговори Рокас.
Може ли ЕУ да спречи вето?
На дополнителното прашање дали, ако Бугарија сепак реши да стави вето поради несогласување во Историската комисија, Европската Унија има механизми да го спречи тоа, Рокас во одговорот се повика на искуството на Црна Гора со Хрватска.
„Повторно барате од мене да коментирам, да шпекулирам што би можела или не би можела да направи една земја членка на ЕУ. Знаеме дека во пристапните преговори некоја земја членка може да нè изненади со нешто што не сме го предвиделе. Веќе гледаме што се случува меѓу Хрватска и Црна Гора. Прашањата за кои разговараат се познати во јавноста. Затоа навистина не би сакал да го користам ова гостување за да шпекулирам“,
рече евроамбасадорот.

Зборувајќи за билатералните обврски, Рокас додаде дека е важно да се види како работат комисиите и каков напор вложуваат двете страни за да има напредок.
„Важно е ова што го кажувам, бидејќи комисиите не постојат само за да дискутираат и формално да се забележи дека нешто е направено. Важно е да се вложи напор, бидејќи тој напор може да се оцени како значаен чекор напред. Лично сум уверен дека ако има напредок во важните прашања за усогласувањето со ЕУ, во борбата против корупцијата, во владеењето на правото и во реформите, и ако ги имаме отворено пристапните преговори, тогаш ќе го имаме потребниот замав. Ако истовремено се негуваат добрососедските односи и предвидените комисии работат јасно, решително, посветено и конструктивно, јас лично верувам дека нема од што да се стравува“, рече Рокас.
Прашањето за можноста од ново вето се отвора и во контекст на барањето на премиерот Христијан Мицкоски за предвидливост на пристапниот процес пред да побара од пратениците да ги внесат Бугарите во преамбулата на Уставот. Прашан какво уверување може да даде ЕУ, Рокас потсети дека за Преговарачката рамка се согласиле сите земји членки и дека нивна согласност е потребна и за секој следен чекор.
„Во процес во кој, како што знаете, за секој чекор е потребна едногласност од земјите членки, единственото нешто што можеме да го понудиме е јасност. ЕУ нуди предвидливост со тоа што се знае како се напредува – во инклузивен процес, според заслугите и според правилата за проширување на ЕУ“, рече Рокас.
