Според Рокас, воведувањето на „роаминг како дома“ би било конкретен пример за тоа како Планот за раст им овозможува на земјите од Западен Балкан да почувствуваат дел од придобивките од членството во ЕУ уште пред да влезат во Унијата

Граѓаните на Македонија би можеле до средината на 2027 година или малку подоцна, да користат мобилен интернет, да разговараат и да испраќаат СМС-пораки во Европската Унија по истите цени како дома. Таква процена во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 даде евроамбасадорот Михалис Рокас. Истото би важело и за граѓаните на ЕУ кога патуваат во земјава.
„Европската комисија ги отвори преговорите за оваа регулатива на 6 ноември. Веќе многу се работи и има добар напредок. Ако треба да дадам процена, мислам дека можеби до средината на следната година, а можеби и малку подоцна, ова би можело да им биде достапно на сите граѓани на Европската Унија и на Северна Македонија“,
рече Рокас.
Според евроамбасадорот, воведувањето на „роаминг како дома“ би било конкретен пример за тоа како Планот за раст им овозможува на земјите од Западен Балкан да почувствуваат дел од придобивките од членството во ЕУ уште пред да влезат во Унијата.
Во меѓувреме, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски денеска (26 ноември) соопшти дека Северна Македонија е првата земја од Западен Балкан што го завршила техничкиот дијалог со Европската комисија за „роаминг како дома“. Според Андоновски, во последната размена меѓу двата преговарачки тима се усогласени сите отворени прашања за текстот на спогодбата.
Летото 2027 година како цел за приклучување на сите шест земји од Западен Балкан кон роаминг-зоната на ЕУ го предложи и австриската министерка за европски прашања Клаудија Бауер. Како што објави „360 степени“ на 1 октомври, Бауер на конференцијата за Западен Балкан во Виена побара од Европската комисија паралелно да преговара со земјите од регионот, а на оние што порано ќе ги исполнат условите да им овозможи и порано да се приклучат.
„Заштедите мора да стигнат до сметките за телефон на луѓето пред следното лето“, порача тогаш Бауер.
