Шефот на Делегацијата на ЕУ, Михалис Рокас, вели дека целта е веднаш по втората меѓувладина конференција за заокружување на отворањето на пристапните преговори, да се одржи уште една – за отворање на кластерот „Темели“, но за тоа е неопходно земјите членки на ЕУ да одобрат уште три документи. Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 тој одговара на прашања и за статусот на протоколите со Бугарија во преговарачкиот процес, улогата на историската комисија, можноста за ново вето, реформите од Планот за раст, укинување на роаминг-тарифите
360 степени: Општопознат факт е дека земјава е 21 година кандидат за членство во Европската Унија. Таа е меѓу кандидатите за коишто се смета дека го има најдобро усогласено своето законодавство со заедничкото право на Европската Унија, добива добри оценки за спроведувањето на задачите од Реформската агенда во рамките на Планот за раст на Европската Унија, но неодамна, кога беше објавен Извештајот на Европската комисија и целиот пакет документи за проширувањето, не доби патоказ со индикативни рокови за динамиката во пристапните преговори и за тоа кога би можеле да завршат тие, за разлика од Црна Гора, Албанија, Молдавија, Украина. Прашањето во овој контекст би било дали е тоа дополнително оддалечување на земјата од Европската Унија односно од членство во ЕУ?

Михалис Рокас: Пред сè, би рекол дека сте сосема во право и за тие 21 година, и за усогласеноста, и за многу доброто ниво на подготвеност, и за стопроцентната усогласеност со надворешната и безбедносната политика на Европската Унија, и, за жал, за тоа што земјата веќе 21 година е кандидат. Но, ова не е чекор назад. Треба да се разбере која е целта на патоказите за овие четири земји. Тие активно водат пристапни преговори. Отвораат и затвораат поглавја и кластери. Годинава Европската комисија успеа да направи нешто без преседан – во преговорите со различните земји работеше на повеќе од 65 поглавја и кластери. За жал, бидејќи земјава сè уште ги нема отворено пристапните преговори, не доби патоказ. Но, уверен сум дека штом се исполнат условите и она за што сме се договориле и штом ги отвориме пристапните преговори, Северна Македонија, пред сè поради својата подготвеност, може да напредува со голема брзина и многу брзо да ги стигне другите. Прилично сум сигурен дека штом ги отвориме преговорите, ќе добиеме и индикативен патоказ за Северна Македонија.
И судството и обвинителството добиваат помалку од половина од парите што им следуваат
360 степени: Се разбира, во овој разговор ќе зборуваме повеќе за тоа што се условите, има ли и скриени услови, има ли нивна различна интерпретација, но уште малку за Извештајот. Во него Европската комисија има критики за борбата против корупцијата, за состојбите во судството, во Јавното обвинителство. Една од работите за коишто имаше забелешки, има забелешки Брисел, е буџетот за правосудството — и за судството и за Јавното обвинителство. Премиерот неодамна изјави дека седнале на разговори со двата совета – Судскиот совет, Советот на јавни обвинители, и договориле скалесто, постепено зголемување на буџетите за двете институции и рече – сега чекаме оценка од Брисел. Дали Европската комисија веќе има мислење за овој договор?
Михалис Рокас: Да, точно е, но сè уште не можам да изнесам став бидејќи оценувањето е во тек. Оваа област е од клучно значење. Сите знаеме дека за да имаме ефикасно, делотворно и независно правосудство, средствата што му следуваат според Уставот и законите на земјата треба и да му бидат префрлени. А знаеме дека правосудството работи со мошне ограничени средства. Судството добива помалку од половина од она што му следува, а и Јавното обвинителство добива помалку од половина од она што му следува. Во исто време им недостига и кадар. Во судовите има многу непополнети работни места, во моментов можеби и 40 проценти. Ако продолжи така, проблемот ќе се продлабочи. Затоа е неопходно за правосудството да се обезбедат доволно средства за да може да ги извршува своите должности транспарентно и отчетно. Многу е важно и при пополнувањето на слободните места да се избира според заслугите. За тоа разговараме. Разбирам дека јазот меѓу она што е предвидено и она што е реалност е голем и дека треба да се премости. Премиерот навистина предложи тоа да се направи постепено, чекор по чекор, но ќе коментирам дури откако Европската комисија ќе ја даде својата оценка.
360 степени: Кога можеме да го очекуваме тоа мислење?
Михалис Рокас: За дел од чекорите од Реформската агенда рокот истекува на крајот на годинава, а меѓу нив е и ова за што разговараме. Тоа е дел од Реформската агенда на земјата. Првичниот рок беше на крајот на декември минатата година, но во оваа постапка секогаш даваме дополнителен рок од една година за да се спроведат мерките. Сега интензивно се работи бидејќи Владата вложува големи напори до крајот на годинава да не се загуби ниту едно евро за мерките за кои истекува рокот. Тоа се однесува и на ова прашање. Има и други чекори во областа на владеењето на правото и реформата на јавната администрација. Работата е во тек и се надевам дека ќе видиме добри резултати, но оценката, повторно ќе кажам, ќе им ја препуштам на нашите експерти во Брисел.
За десетина чекори од Реформската агенда истекува дополнителниот рок
360 степени: Кога веќе ја спомнуваме Реформската агенда, колку чекори се под ризик да не бидат исполнети до декември?
Михалис Рокас: Ако добро се сеќавам, има десетина чекори за кои тече дополнителниот рок. Тие се од различни области, а три или четири се од областа на владеењето на правото. Ние во седиштето на ЕУ ќе дадеме сè од себе. Треба да имате предвид дека тоа е напорна, тешка задача. На пример, кога ни го доставија Кривичниот законик – тоа е оволкав документ. Не може да се оцени за толку кратко време. Затоа ќе дадеме сè од себе. Можно е и за некои чекори да се оцени дека се делумно исполнети, па во тој случај не би се исплатил целиот износ. Даваме сè од себе бидејќи сме се обврзале на тоа, а можам да потврдам дека и кај Владата има силна волја да се постигне оваа цел. Можеби ќе можеме повторно да разговараме за ова на почетокот на следната година, кога ќе ги имаме оценките.

360 степени: Сега, околу пристапниот процес, мислам дека тоа е најинтересното прашање за граѓаните на оваа земја. Пристапните преговори во овој момент се блокирани. Премиерот Мицкоски бара предвидливост пред да побара од пратениците да ги внесат Бугарите во преамбулата на Уставот. Какви уверувања може да даде Европската Унија, а поврзани со овие очекувања на премиерот?
Михалис Рокас: Имаме Преговарачка рамка за која се согласија сите земји членки. Нагласувам – сите земји членки. Од неа е сосема јасно како ќе се одвива процесот откако ќе се отворат пристапните преговори. А условот, како што добро знаете, се уставните измени, според договореното меѓу Европската Унија и Северна Македонија во 2022 година. Во процес во кој, како што знаете, за секој чекор е потребна едногласност од земјите членки, единственото нешто што можеме да го понудиме е јасност. ЕУ нуди предвидливост со тоа што се знае како се напредува – во инклузивен процес, според заслугите и според правилата за проширување на ЕУ. Ако добро се сеќавам, ова прашање ѝ беше поставено и на госпоѓа Кос кога беше во посета во јули. Таа многу јасно кажа дека предвидливоста доаѓа со напорна работа и со одржување на ова темпо на реформите. Кога ги имаме сите овие елементи, тие ќе ѝ овозможат на земјата да напредува многу брзо штом ги отвори пристапните преговори. Тоа е најголемата предвидливост што можеме да ја понудиме во систем во кој за секој чекор во проширувањето се одлучува едногласно.
360 степени: Е добро, еве да речеме конкретно — и вие знаете дека протоколите поврзани со Договорот за добрососедство со Бугарија се меѓу најспомнуваните, а нејасни можеби елементи од преговарачката рамка. Дали протоколите се дел од пристапниот процес? Дали тие се дел од пристапните преговори?
Михалис Рокас: Во Преговарачката рамка се спомнуваат протоколите, а она што се бара е да се оди напред со спроведувањето на договорите во добра верба. Клучниот израз тука е „во добра верба“. Она кон што се стремиме се добрососедски односи. Нивната важност е очигледна. Тие се однесуваат на сите земји кандидатки, а се однесуваат и на оние што денес се членки на ЕУ. Тука нема разлика, бидејќи станува збор за договори. Тука се Договорот за добрососедство со Бугарија од 2017 година, Преспанскиот договор и така натаму. Но, истото важи и за другите. Затоа е од суштинско значење да им овозможиме на двете страни, на земјите, да разговараат во добра верба и да го придвижат процесот напред. Повторно ќе кажам, Преговарачката рамка е договорена, а спроведен е и скринингот. Значи, во таа смисла има јасност. Јасни се правилата според кои Северна Македонија ќе напредува откако ќе ги отвори пристапните преговори. Сметаме дека најдобрата гаранција за напредок е двете страни да постапуваат во добра верба, да имаат конструктивен пристап и да разговараат меѓу себе.
Може ли ЕУ да спречи потенцијално ново бугарско вето?
360 степени: Еве уште поконкретно. Да претпоставиме дека Историската комисија, Заедничката историска комисија, не може да стигне до заеднички став за тоа како да ги опише, да речеме, Охридската архиепископија или Гоце Делчев. Дали тоа може да биде основа за Бугарија да стави вето во пристапниот процес?

Михалис Рокас: Јас ја претставувам Европската Унија и никако не можам да коментирам каков став би можела да заземе некоја земја членка во процесот на проширување. Но, мислам дека повторно треба да се вратиме на добрососедските односи и на спроведувањето на договорите во добра верба. Тоа е суштинско, тоа е клучно. Тоа е најважно и треба да се воспостави таква практика. Историјата секогаш можеме да им ја оставиме на историчарите. Меѓу сегашните членки на ЕУ имаме примери на земји кои и по зачленувањето продолжуваат да разговараат за вакви прашања. Има такви примери. Затоа навистина верувам дека со „ако“ и „но“ не одиме напред. Крајно време е да се искористи оваа голема можност. Постои голема посветеност од раководството на ЕУ. Неговите пораки се сосема јасни – местото на Северна Македонија е во ЕУ, сакаме да продолжите со пристапните преговори, но, се разбира, договорите и преземените обврски треба да се спроведуваат во добра верба и треба да одиме напред. Мислам дека тоа е најважно во овој момент и дека навистина може да донесе суштинска промена. Зборувавме за патоказите, но го гледаме и темпото на проширувањето, гледаме како земјите постигнуваат конкретни резултати кога преговараат и кога веруваат дека целта е близу.
360 степени: Истото прашање од друг аспект: ако Бугарија сепак реши да стави вето поради несогласување во Историската комисија, дали ЕУ има механизми тоа да го спречи?
Михалис Рокас: Повторно барате од мене да коментирам, да шпекулирам што би можела или не би можела да направи една земја членка на ЕУ. Знаеме дека во пристапните преговори некоја земја членка може да нè изненади со нешто што не сме го предвиделе. Веќе гледаме што се случува меѓу Хрватска и Црна Гора. Прашањата за кои разговараат се познати во јавноста. Затоа навистина не би сакал да го користам ова гостување за да шпекулирам. Верувам, а мислам дека тоа сите го разбираат, дека проширувањето има геостратешко значење во времето во кое живееме. Одговорот на ЕУ на многубројните предизвици со кои се соочува е токму проширувањето, а тоа стопроцентно ја вклучува и Северна Македонија. Затоа, да го спроведеме во добра верба она што е договорено, вклучително и она што е договорено билатерално. Важно е ова што го кажувам, бидејќи комисиите не постојат само за да дискутираат и формално да се забележи дека нешто е направено. Важно е да се вложи напор, бидејќи тој напор може да се оцени како значаен чекор напред. Лично сум уверен дека ако има напредок во важните прашања за усогласувањето со ЕУ, во борбата против корупцијата, во владеењето на правото и во реформите, и ако ги имаме отворено пристапните преговори, тогаш ќе го имаме потребниот замав. Ако истовремено се негуваат добрососедските односи и предвидените комисии работат јасно, решително, посветено и конструктивно, јас лично верувам дека нема од што да се стравува. Но, како што веќе реков, со „ако“ и „но“ не напредуваме. Многу добро знаеме каква е ситуацијата. Од наша страна има огромно разбирање и подготвеност да помогнеме и да бидеме со вас на тој пат за да може да се оди напред.
360 степени: Mногу пати во јавната дебата се спомнува дека уставните измени се единствениот преостанат чекор за продолжување на пристапните преговори, но што ако утре Собранието го смени Уставот? Што ќе се случи без нова политичка одлука, а што реално треба да се направи за да се отвори првиот кластер во пристапните преговори?
Михалис Рокас: Да, во право сте. Уставните измени се важни за да се заокружи отворањето на пристапните преговори. Следниот чекор што сакаме да го направиме е да го отвориме кластерот „Темели“, кој ги опфаќа владеењето на правото, демократијата и човековите права. Тој секогаш се отвора прв, а се затвора последен. Целта ни е овие два чекора да следуваат веднаш еден по друг. За да се направи вториот чекор, а тоа важи за сите земји кандидатки, треба да се завршат два патоказа. Едниот е за реформата на јавната администрација, а другиот за владеењето на правото. Со него е поврзан и Акцискиот план за малцинствата. Значи, неопходно е овие три документи да бидат завршени пред да се отвори кластерот „Темели“. Работата на сите три е во напредна фаза, а се водат и консултации. Како и за секоја земја кандидатка, Европскиот совет треба да ги одобри овие три документи, а потоа можеме да ги отвораме преговарачките кластери. Целта ни е, штом ќе се усвојат уставните измени, да се одржат две меѓувладини конференции една по друга, во ист ден. Со првата би се заокружило отворањето на пристапните преговори, а со втората би се отворил кластерот „Темели“. Тоа е нашата цел. Времето до усвојувањето на уставните измени во Собранието можеме да го искористиме за да работиме на овие три документи и да бидеме подготвени да продолжиме понатаму.
Акцискиот план за малцинствата сè уште не е завршен
360 степени: Во овој момент дали овие три документи може да ги сметаме за завршена работа?
Михалис Рокас: Сè уште не се завршени. Но, патоказот за јавната администрација е речиси готов. Мислам дека практично е завршен. На другите два документа сè уште се работи, но, колку што знам, консултациите се одвиваат добро и постои волја тие да бидат завршени многу скоро. Во тоа воопшто не се сомневам. За да ѝ биде јасно и на вашата публика, за мене суштинско е да се усвојат уставните измени, со што и официјално ќе се отворат пристапните преговори. Уверен сум дека дотогаш ќе ја завршиме и работата на овие документи.
360 степени: Точно ли е дека за Акцискиот план за малцинства се согласни сите земји-членки, само Бугарија е против?
Михалис Рокас: Повторно ќе кажам, не би сакал да шпекулирам. Овие документи треба да ги одобри Европскиот совет, односно земјите членки на ЕУ. Тоа е вообичаена практика. Колку што знам, а мислам дека тоа е и јасно, меѓу Северна Македонија и Бугарија веќе се водат консултации. Тие се во тек и се од општ карактер, не се водат конкретно за ова прашање. Мислам дека тоа треба да го поздравиме. Ваквата размена помага за подобро меѓусебно разбирање и за градење доверба. Тоа е многу добар чекор и прилично сум сигурен дека, кога ќе има нешто да се соопшти, двете земји ќе го соопштат. Од европска страна го поддржуваме дијалогот меѓу два соседа и, ако двете земји го побараат тоа од нашите служби, со задоволство ќе се вклучиме.
360 степени: Ни кажувате дека има дополнителна комуникација од онаа што јавно ја знаеме по средбата на Муцунски и Петрова-Чамова во Софија?
Михалис Рокас: Ви го пренесувам она што се кажува во медиумите – дека консултациите се во тек. Прилично сум сигурен дека кога страните ќе бидат подготвени да соопштат нешто, ќе го сторат тоа. Ние срдечно го поздравуваме тоа. За ова веќе се разговараше и кога претседателката Фон дер Лајен беше тука, во Скопје.
Роаминг по домашни цени во ЕУ можеби веќе од средината на 2027 година
360 степени: За сосема друга тема којашто има практично значење за граѓаните на оваа земја: кога ќе можат да користат роаминг како дома, по цени како дома, на територијата на Европската Унија? Се разбира, тоа ќе важи и за граѓаните на Европската Унија на територијата на земјава.
Михалис Рокас: Да, мислам дека работите се одвиваат добро. Европската комисија ги отвори преговорите за оваа регулатива на 6 ноември. Веќе многу се работи и има добар напредок. Ако треба да дадам процена, мислам дека можеби до средината на следната година, а можеби и малку подоцна, ова би можело да им биде достапно на сите граѓани на Европската Унија и на Северна Македонија. Се разбира, тоа се однесува и на Западен Балкан во целина. Тоа би било уште еден конкретен пример како функционира Планот за раст. Покрај 750-те милиони евра наменети за Северна Македонија и напорите да се забрза регионалната интеграција, Планот за раст нуди и ваква постепена интеграција – нешто што досега не ѝ било понудено на ниту една земја кандидатка. Ова се случува првпат и се надевам, да држиме палци, дека ќе го имаме до средината на следната година.
