Во моментов, таа е судијка во Основниот суд во Гостивар, привремено упатена на работа во Основниот суд во Тетово. Во основното судство е 18 години, односно од нејзиниот избор во 2008 година
Од јавно достапните податоци може да се дознае дека сопруг на Ефтимовска-Бојковска е Горан Бојковски. Станува збор за дипломат вработен во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на РСМ. Тој на социјалните мрежи споделувал содржини против промената на уставното име и во поддршка на победата на Доналд Трамп во 2016 година

Со осум гласа „за“ и ниту еден „против“ или „воздржан“, собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата на денешната седница ја предложи судијката Теодора Ефтимовска-Бојковска за кандидат за судија на Уставниот суд.
Предлогот Ефтимовска-Бојковска, која доаѓа од Основниот суд Гостивар, да седне во Уставниот суд доаѓа откако претходно во јули годинава професорот Гоце Наумовски си поднесе оставка од оваа позиција.
Претседателот на Комисијата, Ѓорѓија Сајкоски, рече дека по констатирањето на оставката на професорот Гоце Наумовски е потребно да се избере нов судија и оти Комисијата, врз основа на своите надлежности, ја предлага Ефтимовска-Бојковска за оваа функција.
„Во членот 109 од Уставот е утврдено дека Уставниот суд го сочинуваат девет судии. Судиите на Уставниот суд се избираат од редот на истакнати правници. Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 20 јули 2026 година ја констатираше оставката на судијата на Уставниот суд, проф. Д-р. Гоце Наумовски. На негово место треба да се избере нов судија на Уставниот суд на Република Македонија. На денешната седница врз основа на надлежностите што ги има Комисијата утврдена со одлука за основање на постојни работни тела на Собранието, за судија на Уставниот суд на Република Македонија ја предлагам Теодора Ефтимовска-Бојковска, судија на Основниот суд Гостивар“,
рече Сајкоски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
Сајкоски информира за дел од биографијата на Ефтимовска-Бојковска, и рече дека таа потекнува од Тетово. Во 1995 година дипломирала на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Од 1996 до 1998 година волонтирала, а на 11 ноември 2008 година била избрана за судија во Основниот суд Гостивар, каде што работела на предмети од граѓанската материја. Со одлука на Судскиот совет, во периодот од 2023 до 2026 година била упатена да врши судиска функција во Основниот суд Тетово, каде работи предмети од истата област.
Според пратеникот Сајкоски, станува збор за искусен судија кој може да помогне во Уставниот суд.
Од податоците на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Ефтимовска-Бојковска има пријавено дека поседува два стана во Тетово, двор и градежно изградено земјиште, автомобил „тојота корола“. Од податоците за банкарски сметки и депозити во земјава, Ефтимовска-Бојковска пријавила две девизни сметки – едната нејзина и другата на брачниот другар.
Таа е во брак со Горан Бојковски.
Тој на Фејсбук објавувал содржини против промената на уставното име и во поддршка на победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД во 2016 година.

Горан Бојковски, сопругот на кандидатката за уставна судијка, е дипломат вработен во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на РСМ. Во текот на својата кариера служел како конзул во дипломатско-конзуларно претставништво на Македонија во Албанија, а бил именуван и како советник во амбасадата во Берн, Швајцарија. Бојковски, како што е објавувано во дел од медиумите во 2014 година, е меѓу оние што требало да обезбедатгласачи во дијаспората за тогашните предвремени парламентарни избори кои се одржаа заедно со вториот круг од редовните претседателски избори.
Бојковски бил и в.д. конзул во Генералниот конзулат на Република Северна Македонија во Венеција, Италија. За средба со Бојковски како в.д. конзул со објава на Фејсбук во 2024 година информира Фатон Асани кој во тоа време бил национален координатор за соработка со дијаспората при Владата.

Исто така, и самиот Бојковски на Фејсбук има објавено фотографија на која е сликан во Венеција во 2022 година.
Оставки
Инаку, Наумовски неотповикливата оставка ја поднесе на 16 јули, а во неа, како образложение, кусо напиша дека на ваквиот чекор се решил од лични и професионални причини.
Неговата оставка, која, инаку, за кратко време е втора што од функцијата судија на Уставниот суд ја поднесува професор од Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), дојде ненадејно, а за неа не беше известен ниту Судот. Претседателот на Уставен, Дарко Костадиновски, тогаш рече дека за оставката на својот колега дознал од телефонски разговор со претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Претходно, во декември минатата година оставка си поднесе професорката на Правниот факултет при УКИМ, Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која за уставна судијка беше избрана две години претходно, односно во декември 2023 година. Таа наведе дека од функцијата се повлекува поради здравствени и лични причини.
На нејзино место во февруари годинава беше избран нејзиниот колега од Правен, Гоце Наумовски, како предлог на владејачкото мнозинство. Тој, пред да биде избран за уставен судија беше еден од надворешните соработници на премиерот Христијан Мицкоски од областа на правото. Наумовски е брат на ексвицепрeмиерот за евроинтеграции во една од претходните влади на ВМРО-ДПМНЕ, Васко Наумовски.
Предлогот Наумовски да биде избран за уставен судија тогаш наиде на отпор од опозицискиот Социјалдемократски сојуз, од каде што оценија дека станува збор за кадровско решение од кабинетот на премиерот Мицкоски, обвинувајќи дека со тоа се потврдува намерата на власта целосно да ја наметне својата контрола во судството и обвинителството.
