Од Синдикатот изразуваат сомнеж дека одлуката е веќе однапред позната и наведуваат дека, и покрај два писмени дописи испратени во мај и во октомври годинава, сè уште не добиле ниту покана ниту одговор од Судот за учество на седницата, иако СКРМ е еден од директните потписници на договорот

Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) бара од Уставниот суд да го одложи одлучувањето за уставноста и законитоста на Колективниот договор за култура, закажано за петок, 27 ноември, и претходно да одржи јавна расправа на која ќе бидат сослушани сите засегнати страни.
Од Синдикатот изразуваат сомнеж дека одлуката е веќе однапред позната, наведувајќи дека и покрај два писмени дописи испратени во мај и во октомври годинава, сè уште не добиле ниту покана ниту одговор од Судот за учество на седницата, иако СКРМ е еден од директните потписници на договорот.
„Дали тоа значи дека Судот веќе има формирано став и дека одлуката е практично предодредена или нарачана и нема потреба да се сослуша едната од страните што го склучиле Колективниот договор? Судот не смее да биде маша во рацете на која било власт, ниту инструмент за устоличување на неправдата“,
рече претседателката на СКРМ, Верица Атанасовска на денешната прес-конференција пред зградата на Уставниот суд.
Оттаму велат дека ставањето на оваа точка на дневен ред на седница на Уставниот суд се случува непосредно по одбивањето на понудата на премиерот за линеарно покачување на платитете во културата. Тогаш, додаваат од Синдикатот, оправдано се наметнува сериозна загриженост дали власта е и судија и кадија во една „правна држава“.
Барањето за одржување јавна расправа, СКРМ го темели на Актот на Уставниот суд од јуни 2024 година.
„Колективниот договор за култура е склучен од Министерството за култура, СКРМ и СОНК. Согласно член 27 од Актот на Уставниот суд, доносителот на оспорениот акт има својство на учесник во постапката. Оттука, СКРМ, како еден од потписниците и доносителите на Колективниот договор, има непосреден правен интерес и основ да учествува во постапката“,
рече Атанасовска.
Повикувајќи се на членовите 7, 41 и 43, синдикатот бара да бидат повикани сите учесници и стручни лица за да се разгледаат правните и фактичките аспекти пред да се донесе одлука.
Од СКРМ предупредуваат дека евентуалното укинување или поништување на Колективниот договор ќе значи враќање на вработените во културата во состојбите од пред 2020 година.
Доколку Уставниот суд постапи спротивно на сопствениот Акт, од Синдикатот најавуваат дека за случајот ќе ја информираат меѓународната јавност и дипломатските претставништва во земјава.
Од СКРМ најавуваат дека в петок со почеток во 10 часот пред Уставниот суд одржат протестен собир.
„Ова е борба за правна и социјална сигурност, борба за достоинство, еднаквост и почитување на трудот на сите културни работници. Не дозволуваме културата да биде обезвреднета, а работничките права избришани! Нашето присуство е порака дека зад овие права стојат луѓе, професионалци и институции кои нема да молчат кога се доведува во прашање нивната иднина“,
се вели во повикот за протест од СКРМ.
Инаку, во април годинава СКРМ одржа протест пред Министерството за култура и туризам од каде што порачаа дека не бараат нови права, туку почитување на веќе постигнатите договори.
Протестот, како што наведоа културните работници, беше насочен против одлуката на Уставниот суд за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Колективниот договор за култура, како и поради, според синдикатот, прекршување на договорениот начин на пресметка на платите.
