Од Платформата за борба против корупцијата и Блупринт групата потсетуваат на искуството од измените од септември 2023 година, донесени во кратка постапка без суштинска јавна и стручна дебата, кога формалното присуство на граѓански претставници во претходно формирана работна група беше користено како аргумент за инклузивност, иако спорните решенија не произлегле од нејзината работа.
Подготовката на целосно нов Кривичен законик, кој по речиси три децении треба да го замени постојниот од 1996 година, влезе во фаза на јавни и стручни консултации, но истовремено отвори сериозни дилеми за динамиката, транспарентноста и реалното влијание на засегнатите страни. Додека Министерството за правда ги стартува дискусиите низ апелациските подрачја и го најавува донесувањето на законот до средината на 2027 година, Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата и Блупринт групата за реформи во правосудството предупредуваат дека забрзаните рокови не смеат да ја потиснат суштинската дебата.

Со стручна расправа во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Министерството за правда го отвори циклусот од четири стручни дебати што ќе се одржат на подрачјата на четирите апелациски судови – по Скопје, предвидени се средби во Гостивар, Штип и Битола. Целта е, како што соопштуваат од ресорот, пред финализирање на текстот да се слушнат ставовите на судиите, обвинителите, адвокатите, академијата, граѓанскиот сектор и меѓународните претставници.
Министерот за правда Јетон Шасивари оцени дека општествените, економските и технолошките промени, како и новите форми на криминал, налагаат целосна реформа наместо досегашните парцијални зафати.
„Денес, на првата од серијата четири стручни расправи, отвораме значајно поглавје во реформата на македонското правосудство. По речиси три децении, Македонија е пред донесување на целосно нов Кривичен законик – законик кој треба да ги постави темелите на современ, ефикасен и европски усогласен казненоправен систем“,
порача Шасивари, додавајќи дека на граѓаните им е потребна правда што функционира, а не само нов законски текст.
Според најавите од Министерството, еден од клучните приоритети е зајакнувањето на кривичната одговорност за корупција и злоупотреби во јавниот сектор. Се ревидираат одредбите од досегашниот член 353 за злоупотреба на службената положба и овластување, а злоупотребите кај јавните набавки, концесиите и јавно-приватните партнерства добиваат посебен кривичноправен третман, со предвидени затворски казни до 15 години за најтешките облици. Законот предвидува и кодификација и систематизација на делата, унапредување на казнениот систем и усогласување со европските и меѓународните стандарди.

Претседателот на Работната група, академик Владо Камбовски, како што пренесе „Слободен печат“, посочува дека законикот би требало да биде донесен до средината на наредната година, по што би следел период на „вакацио легис“ од шест месеци до една година – по правило една година за вака обемни прописи – за да може да почне да се применува, на пример, од 1 јануари 2028 година. Во меѓувреме новиот Кривичен законик треба да се усогласи и со новиот Закон за кривична постапка (ЗКП).
Предупредувања од Платформата борба против корупцијата и Блупринт групата: „Забрзана динамика и нејасни паралелни процеси“
Наспроти институционалната динамика, Платформата за борба против корупцијата и Блупринт групата за реформи во праводуството преку писмено соопштение укажуваат дека новиот Кривичен законик е системска интервенција која не смее да се сведе на исполнување формални рокови од Реформската агенда.
Тие потсетуваат на искуството од измените од септември 2023 година, донесени во кратка постапка без суштинска јавна и стручна дебата, кога формалното присуство на граѓански претставници во претходно формирана работна група беше користено како аргумент за инклузивност, иако спорните решенија не произлегле од нејзината работа. Дури и во Извештајот за Северна Македонија за 2026 година, Европската комисија повторно нотира дека подоцнежните интервенции не ги отстраниле соодветно штетните ефекти од измените од 2023 година.
Според двете мрежи, по период на слаба видливост и парцијални корекции, подготовката на новиот законик во завршната фаза одеднаш добила забрзано темпо под притисок на роковите. Тие наведуваат конкретен пример: организација членка на двете мрежи била поканета во новата работна група без претходно да ја добие актуелната предлог-верзија или информации за досегашниот тек, со најава за секојдневна повеќечасовна работа во многу краток рок за вградување ЕУ-директиви и доставување на текстот до Европската комисија. Поради обемот, сложеноста и недостигот на време за анализа, организацијата се повлекла.
Дополнителна загриженост, велат од Платформата и Блупринт, предизвикува начинот на кој паралелно течат консултациите. Предлог-законот бил испратен до Европската комисија речиси истовремено со објавувањето на ЕНЕР, пред домашната јавност да има можност да достави забелешки. Ако текстот испратен во Брисел се третира како финален, домашната расправа ризикува да стане формалност; ако, пак, домашните сугестии донесат крупни промени, мора да биде јасно дали и кога ревидираната верзија повторно ќе оди на оценка во Европската комисија, за да нема различни верзии во оптек без јасна трага за измените и нивната аргументација.

Што бараат граѓанските организации од Министерството за правда?
Платформата и Блупринт групата нагласуваат дека европската интеграција не значи само навремено усвојување прописи, туку квалитетно, применливо и предвидливо право создадено преку процес што ја гради довербата во институциите, а товарот од повеќегодишното одолжување не може на крај да се префрли врз стручната и граѓанската јавност во рок од неколку недели. Затоа, од Министерството за правда бараат доволно време:
- За суштинско разгледување на текстот од страна на судиите, јавните обвинители, адвокатите, академската заедница, граѓанскиот сектор и другите засегнати групи;
- Покрај општата јавна дебата, посебни стручни консултации за области со поголеми концептуални промени – корупција и службени дела, конфискација, организиран и финансиски криминал, застарување, нови форми на криминал и заштита на жртвите;
- Објавување временска рамка и правила како ќе се усогласуваат мислењето на Европската комисија, коментарите на ЕНЕР и домашните консултации;
- Јасно појаснување дали и во која фаза текстот повторно ќе се консултира со Европската комисија ако домашните забелешки доведат до суштински интервенции;
- Објавување преглед на сите забелешки со образложение кои се прифатени, делумно прифатени или одбиени и зошто;
- Учеството во работни групи да не се прикажува како согласност за конечниот законски текст, освен ако учесниците изрично не ја потврдат.
Од Платформата и Блупринт порачуваат дека остануваат подготвени да дадат суштински придонес, но само доколку процесот обезбеди време, целосни информации и реална можност аргументите да влијаат врз конечните решенија во закон кој ги дефинира кривичните дела, казнената репресија, заштитата на јавните средства и границите на државната интервенција во основните права.
