„Истиот тој Богдановиќ, како дел од истата оваа Вучиќева група, ја нарекува СДСМ ‘Усташка‘, идентично како што неговиот шеф Вучиќ ги нарекуваше студентите во Србија. Сите вие што слугувавте на Мицкоски ве чека осуда од граѓаните за делата што сте ги направиле, што сте се продале. Ве чека и обвинителството поради соработката со странски разузнавачки служби и работа за интересите на друга држава, против сопствената татковина“, се вели во партиското соопштение
Од Социјадемократскиот сојуз (СДСМ) денеска упатија реакција на изјавите на поранешниот функционер на партијата и ексградоначалник на Општина Центар, Саша Богдановиќ, обвинувајќи го дека настапува во интерес на поранешниот српски претседател Александар Вучиќ и неговата Српска напредна партија (СНС), а не во интерес на македонските граѓани.

Оттаму велат и дека новоформираната партија на Богдановиќ, Српска демократска лига (СДЛ) е уште еден сателит на премиерот Христијан Мицкоски, исто како Движењето ЗНАМ. Го поврзуваат и со министерот за локална Иван Стоилковиќ, изнесувајќи и наводи за врски со српските разузнавачки структури и активности во интерес на СНС.
„Српската лига што се обидува да се формира во Македонија е уште еден сателит на Мицкоски – како ЗНАМ, како Платформата – ЗНАМ 2.0. Наместо компромитираниот соработник на БИА, Стојилковиќ, сега се појавува Саша Богдановиќ – Стојилковиќ 2.0. Во Србија таа ‘Српска лига‘ ја правеа салонски фашисти, некогашната ‘Трета Србија‘. Сега остаците на Вучиќевата БИА прави копија во Македонија, затоа што Стојилковиќ очека објава на документи за него во Србија“,
се вели во соопштението од СДСМ.
СДСМ во реакцијата изнесува обвинувања за улогата на Стоилковиќ во организирањето и финансирањето митинзи на Вучиќ во Куманово, како и за организирање превоз на граѓани од Македонија на митинзи во Србија и обезбедување лични документи за гласање во соседната земја.
„Финансирањето на митинзите на Вучиќ во Куманово, организирањето превоз на граѓани од Македонија за Вучиќевите митинзи во Србија, издавањето лични карти и пасоши за гласање во Србија, на сето тоа извршител е Стојилковиќ – извршител на работите за СНС и Милош Вучевиќ“,
додаваат од партијата.
Во соопштението се споменува и Душан Адамовиќ, почесен конзул на Македонија во Србија, за кого од партијата го поврзуваат со бизнис-интереси и криминални структури.
„Координација на бизнис-активностите со Душан Адамовиќ – хулиган од трибина, кому Мицкоски поради бизнис-релациите со струја и броила му даде функција почесен конзул на нашата земја во Србија. Лице со криминално минато и историја, човек на кого му пукале во нозе, му го палеле автомобилот, човек кој е дел од навивачка група – го назначија за претставник на нашата татковина“,
велат од партијата.
СДСМ го обвинува и Саша Богдановиќ дека ја нарекол партијата „усташка“, споредувајќи ја неговата реторика со онаа на Вучиќ кон студентите во Србија.
„Сите вие што слугувавте на Мицкоски ве чека осуда од граѓаните за делата што сте ги направиле, што сте се продале. Ве чека и Обвинителството поради соработката со странски разузнавачки служби и работа за интересите на друга држава, против сопствената татковина. Бандата сама се покажува. Сите ќе одговараат, од прв до последен“,
наведуваат од СДСМ.
На крајот од реакцијата, партијата нагласува дека српскиот народ не треба да се поистоветува со политиките на Вучиќ и СНС.
„Вучиќ не е Србија. СНС не се Србите. Организираната криминална група што ја водеше Вучиќ не ги претставува српските граѓани. Исто како што ВМРО-ОКГ не ги претставува македонските граѓани“,
велат од партијата.
Во соопштението се посочува и дека Србите се соседи и пријатели на македонските граѓани.
Поранешниот функционер на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) и ексградоначалник на Општина Центар, Саша Богдановиќ вчера во гостување на 4ТВ упати критики кон СДСМ, велејќи дека тоа веќе не е партијата во која членувал и дека неговата оценка се однесува на актуелното раководство.
Откри и дека разговарал со лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, за можноста повторно да се кандидира за градоначалник на Центар, при што добил и понуда да се зачлени во партијата.
Сепак, рече дека членството во ЗНАМ не го интересирало.
