„Не бараме привилегии, туку сериозна, ефикасна и правична судска постапка, во која секој доказ и секој сведок ќе придонесат за утврдување на вистината. Нашата болка е реална, нашата загуба е неповратна, а нашето трпение не е бесконечно. За нас ова не е обичен судски предмет, туку борба за вистината и правдата за 63 изгубени млади животи“, изјави Александар Наунов, татко на загинатата Надица Наунова и претседател на здружението „16 Март“
Револт и незадоволство од динамиката на судењето и релевантноста на исказите на сведоците на одбраната изразија родителите на младите кои ги загубија животите во трагедијата во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, по денешното рочиште во судницата во Идризово. Од вкупно седум повикани сведоци на предлог на одбраната на првообвинетиот Дејан Јованов-Деко, денеска беа сослушани само двајца, објави МИА.

Александар Наунов, татко на загинатата Надица Наунова и претседател на здружението „16 Март“ во изјава за медиумите во име на семејствата, посочи дека од седумте најавени сведоци, двајца биле повлечени, двајца се во странство, а пиротехничарот не успеваат да го пронајдат ниту судот, ниту одбраната поради проблеми со адресата.
„Се поставува сериозно прашање – дали воопшто постои тој фамозен пиротехничар и врз основа на кои податоци е предложен како сведок? Сведокот Бојан од Гевгелија, пак, не ги потврди претходните изјави дека се запалило озвучувањето. Според неговото сведочење, немало пламен, туку само чад. Оттука, се поставува прашањето каков е вистинскиот придонес на неговиот исказ за утврдување на причините и одговорноста за трагедијата“,
изјави Наунов.
Тој нагласи дека семејствата на секое рочиште одново ја преживуваат траумата, додека нерелевантните сведочења значат само дополнителни дневници за одбраната и непотребно трошење народни пари.
„Не бараме привилегии, туку сериозна, ефикасна и правична судска постапка, во која секој доказ и секој сведок ќе придонесат за утврдување на вистината. Нашата болка е реална, нашата загуба е неповратна, а нашето трпение не е бесконечно. За нас ова не е обичен судски предмет, туку борба за вистината и правдата за 63 изгубени млади животи“,
порача Наунов.
Што кажаа сведоците во судницата
Инаку, на денешното рочиште, прва на клупата за сведоци седна Анастасија Соколова, која од 2022 до 2025 година хонорарно работела за викенди на шанк во „Пулс“ и била на смена критичната вечер на 16 март. Таа сведочеше дека налози за работа им давал исклучиво првообвинетиот Дејан Јованов-Деко. Кажа дека по реновирањето на т.н. кабаре во 2024 година, терасите над шанкот биле тргнати и заменети со сепариња.
Во однос на безбедноста и текот на кобната ноќ, Соколова изјави дека противпожарни апарати забележала само во билетарницата, но не се сеќава дека видела на друго место во објектот.
Таа во исказот наведе дека на забавите во објектот и претходно се користела пиротехника, но никогаш со толку силна светлина како таа вечер. За ангажирани пиротехничари кажа дека само слушнала од колеги, но самата не ги видела.
Според нејзиното сведочење, пожарот избувнал околу 2:20 часот, по што пејачот на ДНК, Владимир Блажев-Панчо, повикал присутните да излезат. Жариштето било кај задната врата до левиот шанк, поради што сите во паника тргнале кон главниот влез. Таму настанало стампедо во кое девојката сведок изгубила свест, а кога се освестила пред излезот, не можела да помине од луѓе што лежеле на земјата.
Јавниот обвинител Борче Јанев предочи разлика со нејзиниот претходен исказ во ОЈО Кочани, каде таа навела дека знае само за една влезна врата. Соколова појасни дека задната врата ја видела додека се подготвувале за работа и служела само за проветрување, но никогаш не се користела за влез на гости.
Втор сведочеше Бојан Спасовски, угостител од Гевгелија, во чиј кафе-бар групата ДНК настапувала во декември 2023 година. Одговарајќи на прашања на одбраната, тој рече дека настапот го договориле усно и дека музичарите не го известиле оти ќе користат прскалки, за кои дознал дури откако испуштиле многу чад.

Одбраната на првообвинетиот Јованов треба да сослуша уште 11 сведоци. За двајца, Стојан Ампов и Марија Јованова одбраната се обврза самата да ги обезбеди за следното рочиште, додека за останатите покани ќе испрати судот. Постапката се наоѓа во доказна фаза, а одбраната најави вкупно над 240 сведоци. Следното рочиште е закажано на 30 ноември.
Судењето почна на 19 ноември 2025 година, кога осум месеци по трагедијата на обвинителна клупа седнаа 35 обвинети физички и три правни лица. Во меѓувреме еден од обвинетите, Љупчо Грнчиштанов, почина.
Случајот го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
