На списокот на земји чии државјани ќе мора да приложат негативен тест на ковид-19 се најдоа и Босна и Херцеговина и Црна Гора
Граѓаните на Северна Македонија ќе може да влезат во Косово само со негативен ПЦР-тест за ковид-19, кој не е постар од 72 часа. Со одлуката на косовската влада, покрај нашата земја, се опфатени и државјани на Црна Гора и на Босна и Херцеговина.
Граѓаните на овие земји се исклучени од оваа одлука доколку влезат во земјата преку аеродромот во Приштина. Тие нема да мораат да приложат негативен ПЦР-тест, но ќе потпишат изјава дека ќе го напуштат Косово во рок од 3 часа. Одлуката не важи ни за граѓаните што го користат аеродромот „Адем Јаштри“ за патување во други земји.
Странските дипломати и нивните семејства се ослободени од обврската за приложување тест, како и граѓани на трите држави кои имаат косовско државјанство и доколку живеат во Косово.
Минатата седмица Северна Македонија воведе задолжителен ПЦР-тест за влез во земјава за државјани на Косово, Србија, Црна Гора и БиХ.