„Спортските настани не смеат да бидат форум за пропагандни активности. Предлагаме забрана за настап на руски тимови и спортисти под руското знаме на спортски настани во ЕУ“, вели претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен
Европската комисија го предложи 22. пакет санкции против Русија поради војната во Украина, со кој се предвидуваат дополнителни ограничувања за руските банки, криптоплатформите, енергетскиот сектор, но и забрана за настап на руски спортисти под националното знаме на спортски настани во Европската Унија, пренесува Ројтерс.

Предлогот, кој го претстави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, предвидува исклучување на уште 60 руски банки од системот СВИФТ, како и построги мерки против криптоплатформите што се користат за заобиколување на санкциите.
Една од мерките е и забрана за влез во ЕУ на руски војници кои учествувале во војната против Украина.
Фон дер Лајен оцени дека поранешните руски борци претставуваат безбедносен ризик за Европа и дека не треба да им биде дозволено слободно да се движат низ земјите членки.
Со пакетот се предлага и забрана за настап на руски тимови и спортисти под руското знаме на спортски настани во ЕУ, како и истакнување официјални руски симболи. Дополнително, би се ограничиле финансиските донации од руски спонзори за европски спортски и културни организации, како и учеството на руски државјани во раководните тела на европските спортски федерации.
„Спортските настани не смеат да бидат форум за пропагандни активности. Предлагаме забрана за настап на руски тимови и спортисти под руското знаме на спортски настани во ЕУ“,
рече Фон дер Лајен.
Новите мерки опфаќаат и додавање на повеќе од 70 брода од руската таканаречена „флота во сенка“ на листата на санкции, како и забрана европски компании да учествуваат во изградба, работење или поправка на руската енергетска инфраструктура, вклучително и рафинериите.
Предлогот предвидува и забрана за европските граѓани да заземаат раководни позиции во руски компании.
За пакетот да биде усвоен, потребна е едногласна поддршка од сите 27 земји членки на ЕУ.
Брисел се надева дека договор ќе биде постигнат до декември, пред празничната пауза.
