Лидерот на СДСМ обвини дека со години се шири антиевропски наратив, вклучително и преку медиуми поврзани со Србија и Унгарија, поради што, според него, европската интеграција во јавноста сè почесто се претставува како предавство
„Како што гледате, никој повеќе не зборува за Европа. Никој. Сите се внимателни. Јас и СДСМ сè уште трпиме удари. Зошто никој не зборува за Европа? Па затоа што синоним за Европа стана предавство, благодарение на оваа пропаганда. Тоа стана Европа. Чекај да не зборувам, ќе ме направат предавник. Зошто? Затоа што виткам кичма? Па така ли е или не е така?“, додаде тој
Извештај на Европската комисија (ЕК) за земјава е катастрофален. Никаков напредок во ниту една клучна област, нешто што од нас го бараат и го очекуваат нашите странски партнери, Европската Унија, но и граѓаните. Ова денеска го соопшти лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), Венко Филипче на заедничката седница на Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања, оценувајќи го последниот извештај на Европската комисија за земјава.

Според него, во извештајот нема напредок во клучните области, како правосудството, борбата против корупцијата, изборното законодавство и медиумите.
„Ама ние тоа го знаеме тука затоа што секој ден го живееме. Гледаме премиер којшто со чувства управува од оваа говорница со обвинители, судии итн. Јавно дискредитира обвинители, судии. Се партизира Судскиот совет со членови на владејачката партија. Имаме пад во индексот на слобода на медиумите, па се носат во ова Собрание декларации, недемократски, кои укажуваат што опозицијата треба, а што не треба, внимавајте, по примерот на Северна Кореја да зборува. И резултатот е тој што е“,
рече Филипче.
Посочи дека, по 25 години, за првпат се случува посериозен напредок во процесот на проширување на ЕУ, со јасен патоказ за следните чекори за четири земји, Албанија, Црна Гора, Украина и Молдавија.
Според него, Македонија не е дел од оваа група, иако претходно беше во пакет со Албанија.
Оцени дека геополитичките промени по почетокот на војната во Украина влијаеле врз процесот на проширување, додавајќи дека Македонија, која претходно беше предводник заедно со Албанија, сега е оставена настрана.
„Ние бевме напред. Ние бевме во пар со Албанија, па не тргнаа на страна“,
вели тој.
Лидерот на СДСМ посочи дека антиевропскиот наратив и пропагандата на власта, со кои евроинтеграциите се претставуваат како предавство, ја туркаат земјата кон изолација.
Во говорот побара помош од евроамбасадорот Михалис Рокас, повикувајќи се на пораката на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, дека Македонија е добредојдена во ЕУ со својот идентитет и јазик. Според него, таквата порака ги демантира обвинувањата на власта дека претходната влада на СДСМ водела предавничка политика.
„Зарем не е тоа најдобар и најголем сигнал дека оваа политика на оваа власт изминативе години, не само од 2024 година, туку и претходно, дека сè што направи СДСМ е предавничка политика, практично паѓа во вода. Предавнички ли е, амбасадоре, тоа што треба да се случи? Има ли предавство зад уставните измени или нема? Треба помош од вас. Нам ни треба, на државата ѝ треба, на граѓаните, на Европската Унија ѝ треба помош“,
рече Филипче.
Поради постојаните обвинувања и пропагандата, додаде дека Европа станала синоним за предавство, поради што политичарите се воздржуваат отворено да зборуваат за евроинтеграциите.
„Затоа што благодарение на пропагандата, со која СДСМ, сите ние од претходниот состав, претходната влада и натаму сме обвинувани од страна на Христијан Мицкоски и целата сегашна владејачка гарнитура дека сме носеле предавнички политики, дека сме биле сервилни или со свиткана кичма, како што е богатиот вокабулар на Христијан. Индиректно, и вас ве обвинува, и Европската Унија ја обвинува дека на некој начин уценува земја кандидат за членство во Европската Унија со нешто што бара отстапка. Така ли е или не е така? Затоа што имаме работа со силна пропаганда тука, која сè ќе претстави како предавство. На крај ќе нè убеди дека е добро да бидеме некоја руска провинција, да копаме руда и дека тоа ќе биде добро за сите нас за мали пари. Во тоа ќе нè убеди пропагандата преку силните медиуми на Орбан и на Вучиќ“,
кажа тој.
Филипче обвини дека со години се шири антиевропски наратив, вклучително и преку медиуми поврзани со Србија и Унгарија, поради што, според него, европската интеграција во јавноста сè почесто се претставува како предавство.
Таквата пропаганда, како што вели, ги обесхрабрува политичарите отворено да зборуваат за членството во ЕУ.
„Како што гледате, никој повеќе не зборува за Европа. Никој. Сите се внимателни. Јас и СДСМ сè уште трпиме удари. Зошто никој не зборува за Европа? Па затоа што синоним за Европа стана предавство, благодарение на оваа пропаганда. Тоа стана Европа. Чекај да не зборувам, ќе ме направат предавник. Зошто? Затоа што виткам кичма? Па така ли е или не е така?“,
праша Филипче.
Осврнувајќи се на Преспанскиот договор, Филипче рече дека власта има различен однос кон него пред домашната и пред меѓународната јавност. Според него, премиерот Христијан Мицкоски во странство го признава значењето на договорот за потврдување на македонскиот идентитет, иако претходно јавно го оспорувал.
„Преспанскиот договор беше предавство. Претседателката ќе го враќаше старото уставно име, за време на кампањата никогаш немаше да го користи и така натаму. Сега ‘Северна‘ сегде ја користи, на сите меѓународни состаноци, а тука дома ни С од Северно. Христијан Мицкоски исто така велеше: ‘Додека сум јас во ВМРО, за мене Преспанскиот договор не е завршена работа‘. Пред три дена го слушаме во Германија, или каде беше, на некоја средба, како го потврдува идентитетот преку Преспанскиот договор, а јазикот е потврден во Обединетите нации. Епа, двојни стандарди, еден говор за во странство, друг за дома, за да тонеме во изолација и во сиромаштија, зашто останавме и без младина и без пари и затоа што ќе одиме во провалија со овој начин. Нема да има назад“,
кажа тој.
Предупреди дека продолжувањето на изолацијата може да има последици врз економијата и демографските состојби во земјата. Според податоците што ги изнесе, 3 000 деца помалку се запишале во прво одделение, а 3 000 млади семејства се иселиле од земјава во текот на годинава.
Филипче ја критикуваше и економската политика на Владата, оценувајќи дека државата се задолжува за тековна потрошувачка, наместо да ги искористи европските фондови и грантови за развој.
На крајот, повторно го повика евроамбасадорот Михалис Рокас да помогне во разјаснувањето на прашањето дали уставните измени претставуваат предавство или станува збор за, како што рече, лажна кампања со која земјата се држи во изолација.
„Клучното прашање на кое Европа треба да ни помогне е: предавство ли е да се направат уставните измени? Национално предавство ли е или е само една силна лажна кампања со цел да се држи земјава во изолација?“,
повторно праша тој.
Според него, Македонија ризикува да ја пропушти можноста за напредок кон ЕУ, додека другите земји од регионот продолжуваат со евроинтеграциите.
„Додека целиот регион оди напред, ние гледаме како го пропуштаме можеби и последниот воз кон земјите за кои е јасно дека ќе станат членки на Европската Унија. По 25 години стагнација во делот на проширувањето, заклучно со 2030 година“,
рече Филипче на крајот од излагањето.
Осврнувајќи се на последниот извештај на Европската комисија (ЕК) за земјава, Рокас оцени дека Северна Македонија годинава постигнала поголем напредок во однос на лани, особено во дигиталната трансформација, образованието и науката.
Сепак, посочи дека нема напредок во спречувањето и борбата против корупцијата и дека се потребни посилни институции, ефективни истраги и резултати во справувањето со корупцијата на високо ниво.
Нагласи дека останува условот за усвојување на уставните измени, по што ЕУ е подготвена да ги отвори преговорите со земјава. Тој ги повика политичките чинители на дијалог и забрзано спроведување на реформите.
