Особено загрижувачки и сериозна закана за јавната безбедност, велат оттаму, е што евентуалното присуство на отров на јавна површина не е опасно само за животните, туку и за граѓаните, а особено за децата
Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ побара итна реакција од Министерството за внатрешни работи (МВР) и Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) за наводно труење на повеќе кучиња во скопски Бутел. Оттаму велат дека кучињата, кои изгледаат како да се од исто легло, се пронајдени мртви едно покрај друго на отворен јавен простор, а според информациите на Здружението, тие биле отруени.

„Анима мунди“ на Фејсбук објави и видеоснимка од пронајдените кучиња.
„Крајно е необично и загрижувачки што сите се пронајдени на истото место. Дали биле отруени таму? Дали некој ги донел и ги оставил едно покрај друго? Имаат ли сопственик, зошто личат како загари од исто легло? Што точно се случило? Бараме МВР и Агенцијата за храна и ветеринарство итно да излезат на терен во Бутел, да извршат увид, да обезбедат докази, да ја утврдат причината за смртта и да ги проверат околните безбедносни камери. Потребно е да се утврди и потеклото на животните, како и евентуалниот сторител“,
велат од „Анима мунди“ и бараат истрага за случајот.
Особено загрижувачки и сериозна закана за јавната безбедност, велат оттаму, е што евентуалното присуство на отров на јавна површина не е опасно само за животните, туку и за граѓаните, а особено за децата.
„Член 233 од Кривичниот законик предвидува санкции за убивање животни без оправдана причина и нивно мачење. Бараме итна истрага, институционално постапување и одговорност. Не дозволуваме уште еден ваков случај да заврши со институционална штама и заборав“,
додаваат од Здружението за заштита на животните.
