Поповиќ се осврна и на барањето на СДСМ за покачување на минималната плата, предлог-буџетот за 2027 година, задолжувањето, како и случајот со Алта банка
Животниот стандард на граѓаните е сè полош, а семејствата едвај успеваат да ги покријат основните месечни трошоци, обвинува СДСМ. Членката на Извршниот одбор на партијата, Наташа Поповиќ, на денешната прес-конференција посочи дека синдикалната минимална кошничка достигнала 71 000 денари, а заедно со трошоците за кирија за стан, месечните потреби на едно семејство достигнуваат речиси 90 000 денари.
„Ниту три плати не се доволни да се покријат месечните трошоци. Само за храна и пијалаци се потребни речиси 26 000 денари месечно, а каде се сметки, облека, превоз, трошоци за деца, кирија. Ова е крпен живот“,
кажа Поповиќ.

Дополнителен удар врз семејните буџети ќе бидат најавените поскапувања на струјата и парното, велат од СДСМ.
„Сега следува уште еден ценовен удар – посакпување на струјата и парното. Сè што кажа Мицкоски излажа! Во септември најавуваше дека струјата нема да поскапи, а негоиот човек во РКЕ, Ацо Ристов, сега најавува дека од следната година ќе има од 2 до 3 % повисоки сметки за струја, и од 6 до 8 % поскапо парно“
додаде таа.
На прес-конференцијата таа се осврна и на барањето на СДСМ за покачување на минималната плата, предлог-буџетот за 2027 година, задолжувањето, како и случајот со Алта банка.
„Луѓето не можат да си ги подигнат сопствените пари. Немаат пари за храна, а старите и болните немаат пари за лекови. Срамота е што направи овој човек од државата. Македонија стана сврталиште на организиран криминал и корупција. Земја што служи на туѓи интереси. И за ова ќе одговара пред граѓаните, за осиромашувањето на народот, и за секој денар потрошен за криминални тендери, наместо за подобар живот на народот“,
порача Поповиќ.
