Веќе имаме домашен правен субјект, финансиска институција, тоа е ’Комерцијална банка’, којашто се пријави и веќе ценовно чувствителната информација е објавена на Македонската берза, којашто сака да ги откупи акциите од оваа банка и да стане сопственик. Така што, да почекаме процесот да заврши за да можеме да коментираме дополнително, кажа Мицкоски
Човекот мислам дека веќе нема кредибилитет, после сите лаги изречени, после лажењето на надзорната расправа за Алта банка, кога ја обвини СДСМ дека ние сме ја донеле Алта банка. Не, тој и Трајко Славески ја донесоа, пералницата на пари на Вучиќ, тука кај нас. Ги загрозија капиталот и парите на граѓаните и на државните компании. Ете тоа направија, рече Филипче

Премиерот Христијан Мицкоски очекува успешно да заврши процесот за Алта банка, за која на 30 ноември е закажана јавна аукција за продажба на акциите. Тој потврди дека интерес за преземање на банката пројавила Комерцијална банка.
„Уште на самиот почеток се соочивме со еден проблем којшто е увезен, односно е последица на случувањата кај нашиот северен сосед. Благодарение на навремените мерки коишто ги презема регулаторот, Народната банка, и процесите коишто потоа следеа, имаме закажана јавна аукција на 30-ти овој месец. Веќе имаме домашен правен субјект, финансиска институција, тоа е ’Комерцијална банка’, којашто се пријави и веќе ценовно чувствителната информација е објавена на Македонската берза, којашто сака да ги откупи акциите од оваа банка и да стане сопственик. Така што, да почекаме процесот да заврши за да можеме да коментираме дополнително. Јас сум убеден дека овој процес ќе заврши успешно“
рече Мицкоски.

Во однос на продолжението на надзорната расправа кое ќе се одржи на 25 ноември, Мицкоски го повтори ставот дека опозициската СДСМ шири невистини , кои „паднале во вода“ уште на првата расправа во Собранието.
„Уште во првиот ден при моето сведочење паднаа во вода сите оние конструкции и невистини коишто опозициската СДСМ и раководството ги кажуваа деновите претходно. Се виде дека на владина седница уште во 2023 година, предводена од тогашниот претседател на Владата и претседател на СДСМ, а на предлог на министерот за финансии којшто тогаш бил од редовите на ДУИ, имаме деловни односи помеѓу македонската Влада и Алта банка. Така што, сето она коешто тие како шпекулација и невистина го испраќаа во форма на порака изминатиот период падна во вода. Претпоставувам сега ова ќе биде некое продолжение на тоа што тие го побараа, а беа апсолутно поразени уште при првиот ден на таа јавна расправа“,
порача Мицкоски.
И лидерот на СДСМ Венко Филипче, на денешната прес-конференција се осврна на случајот со Алта банка, потенцирајќи дека со дозволата за влез на Алта банка Белград, власта ги довела во ризик парите на граѓаните и компаниите.
„Човекот мислам дека веќе нема кредибилитет, после сите лаги изречени, после лажењето на надзорната расправа за Алта банка, кога ја обвини СДСМ дека ние сме ја донеле Алта банка. Не, тој и Трајко Славески ја донесоа, пералницата на пари на Вучиќ, тука кај нас. Ги загрозија капиталот и парите на граѓаните и на државните компании. Ете тоа направија“,
кажа Филипче.

Надзорната расправа во собраниската Комисија за финансирање и буџет во врска со Алта банка АД Битола, која почна на 11 ноември и по целодневна дискусија беше прекината на неодредено време, ќе продолжи в среда (25 ноември 2026 г).
Додека се чека продолжението на собраниската дебата, веќе се појави првиот конкретен интерес за преземање на банката. Надзорниот одбор на „Комерцијална банка АД Скопје“ вчера соопшти дека е донесена одлука банката да учествува на претстојната јавна берзанска аукција за купување на доминантниот акционерски пакет на „Алта банка АД Битола“.
Постапката за продажба, која Народната банка ја објави во понеделникот, опфаќа 372 742 обични акции, односно 95,336 проценти од вкупниот капитал што ѝ припаѓа на матичната Алта банка АД Белград, која е во стечај. Продажбата преку Македонската берза ќе се реализира по принципот „сè или ништо“, што значи дека новиот сопственик ќе мора да го откупи целиот понуден пакет.
