Сепак, овие три договори би можеле да пропаднат за шест месеци, бидејќи ЕУ се закани дека ќе ги блокира доколку Обединетото Кралство не им овозможи на европските студенти да плаќаат школарина по цени предвидени за домашни студенти на британските универзитети

Велика Британија го направи најголемиот чекор кон подлабоки врски со ЕУ по Брегзит, склучувајќи договори за олеснување на трговијата, за емисии на јаглерод диоксид и воспоставување шема за мобилност на младите, притоа прогласувајќи „нов свет“ на соработка меѓу двете страни, пишува „Гардијан“.
Британскиот премиер Енди Бернам се сретна во Брисел со претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Антонио Коста на вториот самит ЕУ-Велика Британија по Брегзит.
Оваа шема ќе им овозможи на 100.000 млади Британци да живеат, работат, студираат и патуваат во ЕУ, со реципрочен пристап за Европејците во Обединетото Кралство.
Сепак, овие три договори би можеле да пропаднат за шест месеци, бидејќи ЕУ се закани дека ќе ги блокира доколку Обединетото Кралство не им овозможи на европските студенти да плаќаат школарина по цени предвидени за домашни студенти на британските универзитети.
Новата програма за млади ќе им овозможи на до 100 000 лица на возраст од 18 до 31 година од ЕУ да патуваат, работат и студираат во Обединетото Кралство во период до три години. Ист број млади Британци ќе добијат можност да престојуваат во Европа.
Двете страни имаат за цел да обезбедат можностите во рамките на оваа годишна програма да им бидат достапни на младите најдоцна до јануари 2030 година.
Предвиден е дополнителен период од шест месеци за преговори околу школарините, прашање што би можело да претставува пречка во договорот.
Од европска страна пристигнаа барања за намалување на школарините за студентите од ЕУ на британските универзитети. Во заедничката изјава се наведува дека секој евентуален договор би важел и за британските студенти во ЕУ.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на прес-конференција изјави дека е уверена дека ќе се постигне договор за школарината.
Бернам ги отфрли шпекулациите дека постои некаква нејаснотија околу стапувањето на договорите во сила.
„Договорот е постигнат. Црно на бело е пред вас“,
рече тој додавајќи дека законската регулатива ќе биде доставена до парламентот следната недела.
Во соопштението меѓу Велика Британија и ЕУ, исто така, се вели дека од 2028 година, системите за тргување со емисии на Велика Британија и ЕУ треба да бидат поврзани, ослободувајќи ги производите на Велика Британија и ЕУ, како што е челикот, од меѓусебните јаглеродни гранични такси.
Механизмот за прилагодување на јаглеродните гранични такси на ЕУ (CBAM) стапи во сила во јануари 2026 година и наметнува такса за емисии за увоз на челик, цемент, алуминиум, ѓубрива, електрична енергија и водород.
Најважниот економски договор, кој треба да стапи во сила во март 2028 година, ќе овозможи прекугранична трговија со животни, растенија и сродни производи, како што се колбаси, сирење, јаболка или семиња, без сертификатите и контролите што се бараат во моментов.
Според договорот, Велика Британија ќе мора да ги почитува правилата на ЕУ за безбедност на храната и растенијата, нешто на што се спротивставуваат поддржувачите на Брегзит.
„Постигнатите договори директно се однесуваат на најголемите проблеми, како што се цените на храната и енергијата, високите трошоци за бизнисот, нискиот економски раст и предизвиците со кои се соочуваат младите луѓе“,
изјави британскиот премиер Енди Бернам на прес-конференција.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, рече дека Европа останува отворена за „најблизок можен однос“ со Обединетото Кралство и наведе неколку области во кои имаат намера да ги зајакнат постојните партнерства во иднина.
