„Првпат гледам со доказен материјал да се постапува на начин на кој алуминиумските фолии се отвораат и раздвојуваат, се губи врската меѓу нив и се оставаат на подот, што укажува на непознавање на основните процедури за ракување со докази“, рече во судницата сведокот на одбраната, криминалистот Атанас Козарев
Обвинителката и шефица на ОЈО ГОКК, Искра Хаџи Василева, го оспори кредибилитет на неговиот наод оценувајќи дека тој воопшто не може да се третира како вештачење, туку како мислење на технички советник кое не ги побива ДНК-трагите на обвинетиот
Со испитување на криминалистот Атанас Козарев, предложен од одбраната, денеска во Основниот кривичен суд Скопје продолжи судењето против судијата во Апелацискиот суд Скопје, Ѓоко Ристов, кому му се суди за непријавен имот од 350 000 евра пронајдени заѕидани во домот на неговите родители во Неготино.

Во фокус на денешното рочиште беа полициските процедури при претресот извршен на 18 јануари годинава и прашањето дали алуминиумските фолии во кои биле спакувани банкнотите можеле да бидат контаминирани со туѓа ДНК.
Козарев: Фолиите биле оставани на под, без ознаки
Пред судот, Козарев изјави дека предмет на неговата анализа било постапувањето на службените лица при наоѓањето, отворањето, раздвојувањето и пакувањето на фолиите и парите. Според него, полицијата не ги применила стандардните форензички протоколи.
„Првпат гледам со доказен материјал да се постапува на начин на кој алуминиумските фолии се отвораат и раздвојуваат, се губи врската меѓу нив и се оставаат на подот, што укажува на непознавање на основните процедури за ракување со докази“,
изјави Козарев во судницата, пренесе МИА.
Тој нагласи дека на подот во просторијата, која не била форензички заштитена, можело да има биолошки материјал од повеќе лица. Дополнително, од видеоматеријалите и фотографиите кои му биле доставени, не се гледало дека секоја фолија пред отворањето била фотографирана од сите страни со идентификациска ознака и мерка.
„Без таква документација, не може сигурно да се утврди дали конкретниот брис бил земен од надворешната или внатрешната површина што ги допирала банкнотите, од работ, преклопот или од површина изложена дури по отворањето. Поради отсуство на антиконтаминациски мерки, реална е можноста за внесување или пренос на туѓа ДНК“,
заклучи Козарев.
За време на рочиштето, обвинителката Искра Хаџи Василева побара, а судијката Билјана Коцевска дозволи, во судницата да се емитува видео од Јутјуб на кое се гледа како италијанската полиција постапува во сличен случај со пари скриени во ѕид. На ова Козарев искометнира: „Јас сум вџасен и од ова видео на кое се гледа дека некои имаат, а некои немаат ракавици.“
Вештачење или осврт – обвинителството и одбраната во судир
Обвинителката Искра Хаџи Василева, која од понеделникот (16 ноември) и формално ја презеде функцијата шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран и корупција (ОЈО ГОКК), но остана да го застапува обвинението против апелацискиот судија Ѓоко Ристов, по завршувањето на рочиштето, одговарајќи на новинарски прашање, го искоментира исказот на Козарев. Таа го оспори кредибилитет на неговиот наод оценувајќи дека тој воопшто не може да се третира како вештачење, туку како мислење на технички советник кое не ги побива ДНК-трагите на обвинетиот.

„Ова е осврт кон постапувањето на овластените службени лица на местото кога е вршен претресот. Тоа не е стручен наод со кој се дискредитира вештачењето на трагите од биолошко потекло, кои се на обвинетиот Ѓоко Ристов, а се пронајдени на фолиите“,
рече Хаџи Василева.
Таа додаде дека профилот на Козарев не му овозможува да врши вештачење на ДНК-траги.
Од друга страна, бранителот на Ристов, адвокатот Звонко Давидовиќ, појасни дека одбраната не ја спори самата ДНК-анализа, туку законитоста и начинот на прибирање на материјалот од кој таа е извлечена.
„Тој не го оспорува ДНК-вештачењето, кое е неоспорно, но го оспорува начинот на кој се обезбедени трагите и укажува дека постои реална можност од контаминација. Се оспорува материјалот што е вештачен бидејќи не се почитувани протоколите чиј потписник е и нашата држава“,
изјави Давидовиќ.

За предметот
Судскиот процес против апелацискиот судија Ѓоко Ристов се однесува на настанот од 18 јануари 2026 година, кога при претрес во домот на неговите родители во Неготино, внатре во шуплините на тули во заѕидан простор беа пронајдени 350 000 евра. Според Обвинителството, парите биле поделени во 13 пакувања (610 банкноти од по 500 евра и 225 банкноти од по 200 евра).
Ристов се товари дека спротивно на законската обврска давал лажни податоци и прикрил имот кој во големи размери ги надминува неговите законски приходи.
Судењето продолжува на 9 декември.
