Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, во тој контекст, посочи дека токму заради спречување на ваквите појави, во новиот Кривичен законик ќе се воведе ново кривично дело со кое се предвидува затворска казна за секој кој со својата службена или општествена положба и углед, преку лажни изјави или исправи, ќе изнесе неточни информации со кои се загрозува стабилноста на банкарскиот систем
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ го обвини Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) дека со паушални обвинувања повторно манипулира и шири паника во јавноста во врска со продажбата на Алта банка АД Битола, оценувајќи дека таквите настапи служат за прикривање на внатрепартиските проблеми на опозицијата.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски денеска, во тој контекст, на прес-конференција изјави дека сите претходни тврдења на опозицијата за оваа банка се покажале како неточни и дека крајниот исход бил поволен за граѓаните.
„Да потсетам, лажеа дека има сомнителни милионски трансфери кон Србија и Русија, лажеа дека се одлевале пари од Србија кон Македонија, лажеа дека банката ќе пропадне, дека граѓаните ќе останат без пари, и што сè не излажаа, но на крајот најважно е дека сè излезе спротивно од нивните тврдења, односно поволно за граѓаните“,
рече Манасиевски.
Тој посочи дека токму заради спречување на ваквите појави, во новиот Кривичен законик ќе се воведе ново кривично дело со кое се предвидува затворска казна за секој кој со својата службена или општествена положба и углед, преку лажни изјави или исправи, ќе изнесе неточни информации со кои се загрозува стабилноста на банкарскиот систем.
Реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ доѓата откако изминатите денови опозицискиот СДСМ преку партиски соопштенија и прес-конференции ги обвини премиерот Христијан Мицкоски и гувернерот на Народната банка Трајко Славески дека намерно брзаат со продажбата на Алта банка АД Битола со цел да ја обезвреднат и да ја продадат двојно поевтино.
„Истите тие кои ја донесоа Алта банка во Македонија најавуваат продажба на берза. Ако нема купувач, цената ќе паѓа. Мицкоски и Славески планираат да ја дадат обезвреднето само за да ги прикријат сметките и трансакциите. По модел, прво никој да не се јави и на крај да се продаде за џабе. На крајот ќе ја обвинат СДСМ дека е виновна за ниската цена“,
изјави во вторникот Маја Борозан од СДСМ.
Од опозициската партија тврдат дека власта сака да спречи увид во тоа колку пари биле префрлени од поранешниот српски претседател Александар Вучиќ, колку останале во земјава и каде завршиле. Оттаму рекоа и дека ниту една сериозна банка не сака да купи банка со такво портфолио и сопственик кој е во притвор.
Во меѓувреме, преку официјалната електронска платформа на Македонската берза беше објавено дека Надзорниот одбор на Комерцијална банка АД Скопје вчера (19 ноември) донел одлука да учествува на претстојната јавна берзанска аукција за купување на обичните акции на Алта банка АД Битола.
Постапката за продажба ја објави Народната банка на 16 ноември во „Службен весник“, а на продажба по моделот „сè или ништо“ се понудени 372 742 обични акции, односно 95,336 проценти од вкупниот број акции што се во сопственост на белградска Алта банка АД, која е во стечај.
