Седницата, според наведеното, е предвидено да продолжи со сослушувањето на преостанатите повикани сведоци, а точната агенда и листата на учесници, се додава во известувањето, дополнително ќе бидат доставени
Надзорната расправа во собраниската Комисија за финансирање и буџет во врска со Алта банка АД Битола, која почна на 11 ноември и по целодневна дискусија беше прекината на неодредено време, ќе продолжи в среда (25 ноември 2026 г).

Ова може да се види во материјалите на веб-страницата на законодавниот дом, меѓи кои е известувањето на претседателката на надлежната собраниска Комисија, пратеничката од редовите на опозицискиот СДСМ, Сања Лукаревска. Известувањето, според печатот на документот, е со вчерашен датум (19 ноември), кога е заверено во собраниската архива.
„Ве известувам дека првото продолжение на надзорната расправа на Комисијата за финансирање и буџет на тема: ‘Причини за воведувањето администрација во АЛТА банка АД Битола, улогата и постапувањето на Народната банка и институционалната одговорност’ ќе се одржи на 25 ноември (среда) 2026 година, со почеток од 11:00 часот во сала ‘Борис Трајковски’ во зградата на Собранието на Република Северна Македонија“,
пишува во известувањето за прдолжението на надзорната расправа.
Седницата, според наведеното, е предвидено да продолжи со сослушувањето на преостанатите повикани сведоци, а точната агенда и листата на учесници, се додава во известувањето, дополнително ќе бидат доставени.

Закажувањето на продолжението доаѓа по, условно кажано, бурниот прв ден (11 ноември) од расправата кој помина во знакот на меѓусебни обвинувања меѓу власта и опозицијата, кои провејуваа и во прашањата што пратениците од двата табори ги упатуваа до претставниците на институциите кои имаат ингеренции во врска со случувањата со Алта банка АД Битола.
Што се случи во меѓувреме
Додека се чека продолжението на собраниската дебата, веќе се појави првиот конкретен интерес за преземање на банката. Надзорниот одбор на „Комерцијална банка АД Скопје“ вчера соопшти дека е донесена одлука банката да учествува на претстојната јавна берзанска аукција за купување на доминантниот акционерски пакет на „Алта банка АД Битола“.
Постапката за продажба, која Народната банка ја објави во понеделникот, опфаќа 372 742 обични акции, односно 95,336 проценти од вкупниот капитал што ѝ припаѓа на матичната Алта банка АД Белград, која е во стечај. Продажбата преку Македонската берза ќе се реализира по принципот „сè или ништо“, што значи дека новиот сопственик ќе мора да го откупи целиот понуден пакет.
Во меѓувреме опозициската СДСМ и владејачката ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат со меѓусбените обвинувања за тоа кој е виновен за влегувањето на Алта банка во Македонија, а во јавните дискусии на оваа тема се вклучија и владејачка Влен и опозициската ДУИ.
Опозиционерите вчера повторно го прозваа државниот јавен обвинител Ненад Савески за, како што велат, молкот и отсуството на реакција една недела откако партијата поднесе кривична пријава против гувернерот Трајко Славески и други одговорни лица. Од опозициската партија со критики ја коментираат и најавената аукција за продажба на банката, тврдејќи дека наддавањето ќе се одолговлекува со цел вредноста на акциите да се намали за на крајот Алта банка АД Битола да се продаде за како што велат „багателна цена“.
Савески, пак, на почетокот на неделата (16 ноември), одговарајќи на новинарски прашања за пријавите поднесени и од СДСМ и од гувернерот Славески, повтори дека Обвинителството е врзано со законската тајност на постапката и најави информации дури кога предметот ќе влезе во соодветна фаза. Истиот став го изнесе и пред пратениците на надзорната расправа.
Повеќе детали за тоа што точно се проверува откри новата шефица на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Искра Хаџи Василева, во неодамнешното интервју за „360 степени“ на МРТ 1. Таа потврди дека Обвинителството врши прелиминарни проверки во рана фаза за индиции поврзани со финансиски текови околу Алта банка, но прецизираше дека не е оформен предмет ниту се води предистрага за самата одлука на Народната банка со која на српската банка ѝ беше дозволено да ја преземе тогашната Стопанска банка АД Битола.
Решението за влез на „Алта банка“ недостапно за јавноста
Токму начинот на кој Народната банка го проценила ризикот при давањето зелено светло за влез на српскиот капитал беше фокус и на неодамнешната анализа на „360 степени“. Имено, конкретното решение со кое централната банка ѝ дала согласност на Алта банка АД Белград за стекнување квалификувано учество во поранешната Стопанска банка АД Битола останува недостапно за јавноста, со што надвор од очите на граѓаните и експертската фела останува образложението врз основа на кои критериуми и проценки бил одобрен сопственикот Давор Мацура.

Народната банка се повикува на законската доверливост и на меѓународните стандарди за супервизорска тајна, тврдејќи дека сите домашни и меѓународни проверки биле уредно спроведени. Сепак, ваквата нетранспарентност отвора сериозни прашања за тоа дали и колку темелно биле земени предвид јавно достапните информации, репутациските ризици и контроверзиите што уште пред преземањето го следеа деловното работење на Мацура во регионот.
Што го одбележа првиот ден од надзорната расправа
Што се однесува до надзорната распправа во Собранеито, првиот дел го обележа директното соочување меѓу премиерот Христијан Мицкоски и лидерот на СДСМ, Венко Филипче, околу тоа кој и кога ги отворил вратите за сопственикот на српската „Алта банка“, Давор Мацура, кој сега се наоѓа во притвор под сомнение за перење пари.
Мицкоски презентираше извадок од нацрт-записник и одлука на владата на Димитар Ковачевски од 24 октомври 2023 година, тврдејќи дека тогашната власт на СДСМ и ДУИ го задолжила Државното правобранителство да стапи во контакт со Мацура.
Опозиционерот Филипче возврати со оценка дека станува збор за „брутална лага“ и дефокусирање. Според него, заклучокот од 2023 година се однесувал на заштита на државниот интерес за помал пакет акции од поранешната југословенска „Југмест банка“ по основ на сукцесија, кои Мацура ги откупил преку БиХ без согласност на македонската влада. Филипче побара истрага за релациите на актуелниот премиер при преземањето на банката.

Претседателката на Комисијата, Лукаревска, побара итна оставка од гувернерот Трајко Славески поради нарушена доверба и ограничувањето на дневниот лимит за повлекување пари на граѓаните, иако банката заклучно со март годинава имала ликвидна актива од 5 милијарди денари. Славески ги отфрли критиките, наведувајќи дека лиценцирањето траело три месеци и поминало низ четири нивоа на домашна и меѓународна контрола.
Привремениот администратор на банката, Илија Андовски, објасни дека тримесечната администрација е превентивна мерка по одземањето на дозволата на матичната банка во Белград на 30 октомври, додека загубата од 48 милиони денари во третиот квартал ја припиша на инвестиции во ИТ-опрема и дигитализација. Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, уверуваше дека буџетските пари не се загрозени, додека челниците на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, и на Управата за финансиско разузнавање, Кујтим Ибиши, негираа дека постоеле претходни безбедносни ризици или сознанија за илегални трансфери на пари кон Србија и Русија.
