Од полицијата апелираат до родителите и старателите да не ги игнорираат наглите промени во секојдневното однесување на нивните деца. Оттаму посочуваат дека, иако поединечни знаци не мора нужно да значат дека детето е жртва на оваа група, комбинација од симптоми упатуваат на потреба од итно внимание и отворен разговор
Доколку граѓаните имаат какви било сознанија или сомнеж за активности поврзани со „764“ или слични групи, МВР повикува веднаш да пријават во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика на електронската адреса: „[email protected]
Министерството за внатрешни работи (МВР) упати сериозен апел до родителите, старателите, наставниците и пошироката јавност за зголемена будност поради појавата на насилната онлајн заедница позната како „764“. Станува збор за мрежа чии членови таргетираат деца, малолетници и други ранливи категории со цел преку манипулација и уцени да ги принудат на опасни, насилни, па дури и животно загрозувачки дејствија.

Од МВР посочуваат дека предупредувањето има превентивен карактер и доаѓа во време кога за сериозноста на оваа група алармираат и меѓународните безбедносни институции, вклучувајќи го и американското Федерално истражно биро (ФБИ), кое заедницата „764“ ја поврзува со пошироки нихилистички насилни екстремистички мрежи.
Како оперира групата и каде ги лови жртвите?
Членовите на „764“ дејствуваат преку најпопуларните дигитални канали каде што секојдневно престојуваат младите – од социјалните мрежи и апликациите за комуникација Дискорд (Discord), Телеграм (Telegram), Инстаграм (Instagram), Тик-ток (TikTok), Снапчат (Snapchat), Редит (Reddit) и Икс, па сè до популарните платформи за онлајн игри како „Роблокс“ (Roblox), „Мајнкрафт“ (Minecraft) и „Фортнајт“ (Fortnite).
Според МВР, механизмот на дејствување на групата е прецизно осмислен и најчесто контактот со децата и младите го воспоставуваат претставувајќи се како нивни врсници или како лица заинтересирани за пријателски или емотивен однос.
„Откако ќе ја стекнат нивната доверба, започнуваат со манипулации, закани и уцени, со цел да ги принудат да споделуваат интимни фотографии и видеоснимки, да се самоповредуваат, да вршат насилство врз други лица или животни, па дури и да преземаат дејствија кои можат да имаат животозагрозувачки последици“,
се наведува во соопштението од МВР.
Материјалите што ги добиваат членовите на групата потоа ги користат како средство за дополнително заплашување, уценување и контрола врз жртвите.
Од полицијата апелираат до родителите и старателите да не ги игнорираат наглите промени во секојдневието на нивните деца. Оттаму посочуваат дека, иако поединечни знаци не мора нужно да значат дека детето е жртва на оваа група, комбинацијата од следниве симптоми бара итно внимание и отворен разговор:
- Ненадејно повлекување во себе, страв, вознемиреност или раздразливост;
- Нагласена таинственост при користењето на мобилниот телефон или компјутерот;
- Интензивна комуникација со непознати лица преку социјални мрежи и гејминг-платформи;
- Примање заканувачки пораки или барања за испраќање интимни фотографии и видеа;
- Необјаснети повреди, исеченици и гребнатини на телото (знаци на самоповредување);
- Изразување безнадежност или разговори поврзани со смрт и самоубиство.
Препораки за заштита и насоки за пријавување
Од Министерството за внатрешни работи наведуваат дека отворената комуникација е првата линија на одбрана. Децата мора да бидат едуцирани за ризиците од споделување лични податоци, лозинки и интимни содржини, но уште поважно – да знаат дека доколку станат мета на уцена, вината никогаш не е нивна и не треба да се плашат да побараат помош од возрасните.
Доколку граѓаните имаат какви било сознанија или сомнеж за активности поврзани со „764“ или слични групи, МВР повикува веднаш да пријават во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика на електронската адреса: „[email protected].
„Доколку располагате со информации што можат да помогнат во постапувањето, зачувајте ги пораките, корисничките имиња, линковите и другите релевантни податоци. Не стапувајте во конфронтација со лицата кои упатуваат закани и не преземајте чекори со кои би можеле дополнително да ја загрозите безбедноста на детето. Не преземајте и не препраќајте експлицитни материјали во кои се прикажани малолетници. Заштитата на децата од онлајн злоупотреба е заедничка одговорност. Навременото препознавање на опасноста, отворениот разговор со децата и пријавувањето на сомнителните активности можат да спречат сериозни последици и да спасат животи“,
апелираат од Министерството за внатрешни работи.
