Сите Апелациски судови во комуникацијата со „360 степени“ споделија дека има потреба од усогласување поради евидентните разлики кои во праксата ги наметнаа измените на Кривичниот законик од февруари годинава
Врховниот суд на заедничка средба со четирите апелациски судови во декември ќе ги разгледува дилемите околу трајното одземање моторни возила по февруарските измени на Кривичниот законик. Целта е да се воедначи судската пракса, која во изминатите месеци е видливо неусогласена.
Според пресудите до кои дојде „360 степени“, првенствено се препознава различен пристап кај обвинителството за релативно идентични случаи. А, потоа, и кај судовите.
Судијката и портпаролка на Апелацискиот суд Скопје, Габриела Гајдова, очекува дека средбата ќе донесе резултат.

„Со оглед на тоа дека Врховниот суд е единствено надлежен да донесе начелни правни ставови и правни мислења, а во нашата пракса е воспоставено да се собираат сите четири апелациони судови и да дискутираат по спорни прашања, ние ова го поставивме како спорно прашање и таква средба сега ќе има во месец декември кога очекуваме да се надминат овие дилеми“,
вели Гајдова.
Анализата на досегашните пресуди за идентично дело – возење без положен возачки испит, покажува разлики во постапувањето на судовите и обвинителствата. Основниот суд во Тетово во една пресуда за управување возило без положен испит досудил конфискација на возило во еден случај, додека во друг случај за истото дело решил да не го одземе возилото. За случајот во кој не е одземено возилото, Апелацискиот суд во Гостивар ја преиначил пресудата и трајно го одзел возилото, со образложение дека станува збор за законски императив.

„Првостепениот суд погрешно постапил кога го одбил предлогот на обвинителството за одземање на предметите кои според законот треба да бидат одземени, бидејќи во одредбата од член 300-б од КЗ предвидено е задолжително одземање“,
се наведува во пресудата на гостиварска апелација.
Кривичниот суд во Скопје, пак, по предлог за казнен налог на скопското обвинителство, за истото дело не го одземало возилото на осудениот.
Главната дилема кај судиите е почитувањето на принципот на пропорционалност согласно Европската конвенција за човекови права. Од штипска апелација велат дека ова прашање мора да се третира поединечно, „посебно имајќи ја во предвид и праксата од ЕСЧП, во поглед на двојното казнување, несразмерно казнување и заштита на сопственоста“. Сличен став дели и судијката Гајдова, која преку праксата од Стразбур појаснува дека судиите мора да внимаваат на тежината на делото и личните прилики на сторителот, „за со одземањето на моторното возило да не му се става прекумерен товар на обвинетиот“.
Додека се чека декемврискиот став на врховните судии, последиците на терен се очигледни – МВР за девет месеци привремено одзеде дури 2 098 возила. Паралелно, во Собранието веќе поминаа измени на Кривичниот законик со кои во иднина нема да се одземаат возила (само) поради возење без дозвола.
