Оваа бројка е директен резултат на февруарските измени на Кривичниот законик, со кои се овозможи конфискација на возило при возење со над 1,5 промили алкохол, организирање трки, управување без положен испит и други дела

Од 1 февруари до 30 октомври годинава, полициските службеници привремено одзеле вкупно 2 098 моторни возила во врска со кривичното дело „безобѕирно управување со моторно возило“, велат од Министерството за внатрешни работи за „360 степени“. Оваа бројка е директен резултат на февруарските измени на Кривичниот законик, со кои се овозможи конфискација на возило при возење со над 1,5 промили алкохол, организирање трки, управување без положен испит и други дела кои можете да ги прочитате во законските одредби подолу.
Безобѕирно управување со моторно возило
Член 297-а
(1) Учесник во јавниот сообраќај кој не се придржува на прописите за безбедност во сообраќајот и со тоа ќе го загрози јавниот сообраќај безобѕирно управувајќи со моторно возило со концентрација на алкохол во крвта над 1,5 г/кг во крвта, со употреба на дроги, психотропни супстанции или прекурсори, возејќи во спротивна насока на јавен пат на кој коловозните ленти се физички одвоени една од друга или на автопат, претекнувајќи колона возила на непрегледно место или возејќи со брзина која ја надминува дозволената брзина за најмалку 50 км на час во населено место или за најмалку 70 км на час надвор од населено место, ќе се казни со затвор од три месеци до три години и со парична казна.
(2) Со казната од ставот (1) на овој член, ќе се казни и тој што организира, учествува или на друг начин овозможува недозволени трки со возила, како и учесник во јавниот сообраќај кој управува моторно возило без положен возачки испит или доколку му е изречена санкција забрана на управување со моторно возило која е сѐ уште важечка во моментот на сторување на делото или санкција престанок на важење на возачката дозвола, при што нема нова важечка дозвола.
Сепак, масовното привремено одземање возила отвори сериозни практични и правни проблеми на терен. Возилата одземени од полицијата по наредба на обвинител со месеци остануваат паркирани на локации кои МВР не ги открива. Адвокатот Александар Тумановски, во изјава за „360 степени“, вели дека возилото на неговиот клиент се чувало на паркинг во полициска станица, изложено на временските прилики. Непотребно се развлекла и постапката за да си го врати возилото, откако не му го одземале на суд.

„Тука го гледам проблемот меѓу самите институции – полиција и обвинителство. Бидејќи кога не се одземаат предметите, обвинителот којшто дал усна наредба, треба истиот обвинител да даде и наредба до полицијата кога не е предмет на одземање тоа возило да се врати на тие коишто се сопственици на возилото. Бидејќи, сепак, тука задираме во сопственоста којашто е неприкосновена и сепак станува збор за проблеми коишто тек ќе излегуваат од овие постапки бидејќи не се осмислени кога се носени овие законски одредби“,
вели адвокатот Александар Тумановски за „360 степени“.
Од МВР уверуваат дека возилата се чуваат на обезбедени локации во рамки на надлежните организациски единици и дека капацитетите континуирано се менаџираат, а враќањето се врши поединечно по одлука на правосудните органи.
Се очекува притисокот врз полициските депоа наскоро да се намали. Собранието веќе изгласа поблаги законски измени со кои се укинува одземањето возила само за возење без положен испит, што значи дека дел од овие над две илјади возила за кои нема правосилни пресуди веројатно ќе им бидат вратени на граѓаните.
