Одлуката е донесена денеска од страна на Надзорниот одбор на Комерцијална банка АД Скопје, а е објавена на официјална електронска платформа на Македонската берза
Комерцијална банка АД Скопје одлучи да учествува на претстојната јавна берзанска аукција за продажба на доминантниот акционерски пакет на Алта банка АД Битола. Одлуката е донесена денеска од страна на Надзорниот одбор на Комерцијална банка, а е објавена на официјална електронска платформа на Македонската берза.

„Надзорниот одбор на Комерцијална банка АД Скопје на 19.11.2026 година донесе одлука за учество на банката на јавната берзанска аукција согласно објавата за продажба на обични акции издадени од Алта банка АД Битола, кои ќе бидат понудени на продажба преку Македонската берза на хартии од вредност АД Скопје по пат на јавни берзански аукции, објавена на 16.11.2026 година во ‘Службен весник на Република Северна Македонија’ бр.267/26“,
се наведува во објавата на електронската платформа на Македонска берза.
Народната банка во понеделникот соопшти дека е објавена постапката за продажба на доминантниот акционерски пакет на Алта банка АД Битола, во насока на изнаоѓање нов сопственик. Станува збор за 372 742 обични акции, односно 95,336 проценти од вкупниот број акции што се во сопственост на Алта банка АД Белград, која е во стечај.
Продажбата ќе се спроведе преку Македонската берза на хартии од вредност, по моделот „сè или ништо“, односно ќе се продава целиот понуден акционерски пакет, без можност за купување само дел од акциите.
