Скопскиот градоначалник додава дека изминатиот период добил многу пораки од граѓани кои му посочиле на проблемот со искршените плочки на влезот на Чаршијата и дека со право забележале оти првата глетка што ги пречекува скопјани и илјадниците туристи треба да биде достојна за местото во кое влегуваат
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави дека денеска почнала замената на старите и искршени плочки на влезот на Старата скопска чаршија, кои подолг период се во незавидна состојба.

„Денес почнавме со работа. По години негрижа, на влезот во Чаршијата, секаде каде што има оштетувања, искршените плочки ги заменуваме со нови плочи од травертин. Со оваа санација решаваме конкретен проблем за дуќанџиите, скопјани и посетителите. Чаршијата им ја должиме на генерациите мајстори што секое утро ги отворале дуќаните и со своите раце му давале живот на Скопје“,
напиша Ѓорѓиевски во објава на Фејсбук.

Во објавата тој додава дека изминатиот период добил многу пораки од граѓани кои му посочиле на проблемот со искршените плочки на влезот на Чаршијата и оти со право забележале дека првата глетка што ги пречекува скопјани и илјадниците туристи треба да биде достојна за местото во кое влегуваат.
„Чаршијата е живата историја на Скопје. Еден од симболите на градот и едно од првите места што ги посетуваат туристите кога ќе дојдат во нашиот град. Затоа е важно уште самиот влез да биде уреден и достоен“,
додава градоначалникот.
Град Скопје, Општина Чаир и Општина Центар подолг период си ја префрлаа одговорноста за одржувањето на влезот во Старата скопска чаршија, поради што тој со години беше во лоша состојба.
