Вчера во мрак останаа Машинскиот, Електротехничкиот, Природно-математичкиот и Земјоделскиот факултет, како и зградата на Ректоратот на УКИМ. По неколку часа е постигнат договор со ЕВН и снабдувањето со електрична енергија е нормализирано, но со услов – долгот да се плати до крајот на работната недела
Вкупниот долг кон операторот за оваа група институции изнесува околу 500 илјади евра, а најголемиот дел од товарот паѓа токму врз факултетите, односно врз буџетот на Министерството за образование и наука (МОН)
На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) има електрична енергија. Точно е дека постојат долгови за неплатени сметки, кои редовно се подмируваат. Ова денеска го изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска откако вчера имаше исклучување на струјата на Машинскиот, Електротехничкиот, Природно-математичкиот и Земјоделскиот факултет, како и зградата на Ректоратот на УКИМ.
По настанатата ситуација, со остра реакција се јави опозициската партија Левица, која ја оцени состојбата како „апсурд што звучи како политичка сатира“ и директен показател за неспособноста на актуелната власт.
Неколку часа подоцна струјата повторно беше вклучена во овие објект, но со услов долгот да се плати до крајот на работната недела.

„Вчера во ‘Службен весник‘ излезе ребалансот на буџетот, долговите редовно ги сервисираме“,
рече Јаневска по посетата на Институтот за историја на Филозофскиот факултет при УКИМ по повод 80 години од неговото основање.
Според министерката, факултетите немаат причина да стравуваат од нови исклучувања.
„Ние ги сервисираме редовно тие долгови и сум убедена дека ќе немаме ваков проблем“,
додаде таа.
Според информациите што синоќа ги објави Телма, вкупниот долг кон операторот за оваа група институции изнесува околу 500 илјади евра, а најголемиот дел од товарот паѓа токму врз факултетите, односно врз буџетот на Министерството за образование и наука (МОН).
Неизвесно е дали до петок ќе бидат подмирени барем дел од фактурите или универзитетските згради повторно ќе се соочат со рестрикции. Дополнително, не се исклучува можноста деновиве без струја да останат и дел од културните институции, а слична закана виси и над „Пошта на Северна Македонија“.
