Во Законот за банки се наведени основите кога Извршниот одбор на НБРМ го одбива барањето за стекнување акции, каде меѓу другото, во член 59, став 6 пишува: расположивите податоци и информации укажуваат дека лицето, и/или лицата поврзани со него индицираат тенденција на висок ризик со што може да биде загрозена стабилноста, сигурноста и репутацијата на банката, има основана причина да се сомнева во легалноста на потеклото на парите, интегритетот или вистинскиот идентитет на лицето и/или лицата поврзани со него и постоењето блиски врски или сопственичката или организациската структура на лицето или на групата на која ѝ припаѓа, може да го отежне вршењето ефикасна супервизија и преземањето корективни мерки
Во одговор за „360 степени“ од НБРМ велат – Решението на Извршниот одбор на Народната банка бр. 15-27777/10 од 1 септември 2025 година, вклучително и неговото образложение, содржи класифицирани и доверливи информации и податоци, кои согласно Законот за Народната банка и Законот за банките подлежат на обврска за чување во тајност и не се предмет на јавно објавување и споделување. Поради тоа, Народната банка не е во можност да ја достави бараната документација, ниту во делумна форма
На 31 октомври одекна веста дека Народната банка на Србија ја одзела дозволата за работа на Алта банка Белград. Сопственикот, Давор Мацура, е приведен.
А воопшто не беше толку одамна кога Алта банка Белград го помина филтерот на Народната банка на Македонија и доби зелено светло за да ја купи Стопанска банка Битола.
„И сега, дали ќе отворат? Што да правиме? Пензијата каде ќе појде следниот месец“,
изјави пензионерка.

Управувањето со банката во земјава привремено го презеде Народната банка.
„Со цел заштита на имотот на Банката, во наредните денови ќе важат одредени ограничувања за плаќања од сметките на клиентите на банката“,
рече гувернерот на НБРМ Трајко Славески на прес-конферецијата на 1 ноември.
Темата бргу се префрли на политичката сцена.
„Што точно му кажавте на гувернерот кога очигледно сте му дале наредба, кога ве прашал што да прави со Алта банка и влезот на таа банка кај нас“,
кажа Венко Филипче, пратеник од СДСМ.
„Почитуван претседателе на Владата, сведоци сме на серија политички обвинувања од СДСМ и пратеникот Венко Филипче“,
рече Бојан Стојановски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
„Во кое својство сега вие разговарате и преговарате со банки и се залагате, нели, таа банка да се продаде“,
порача Борислав Крмов од Левица.
„Која е суштинската правна, финансиска, институционална разлика меѓу случаевите на Еуростандард банка и Алта банка денес“,
праша Весна Бендевска од ЗНАМ.
„Благодарам. Колешке Бендевска само да ве потсетам за темата на надзорната расправа“,
возврати Сања Лукаревска, претседавачка со расправата на Комисијата за финансирање и буџет.
На надзорната расправа во Собранието за Алта банка се поставија и политички и суштински прашања. Но, остана да лебди одговорот – како е направена проценката дека Алта банка Белград ги исполнува законските услови за преземање на Стопанска банка Битола?

На 13 август 2024 година австриската берза ја објавува информацијата на Европската централна банка дека ги суспендира правата за гласање во Адико банка на два субјекти. Едниот е „Дипломат пеј“ на српскиот бизнисмен Стефан Родиќ, а другиот е „Алта пеј“ на Давор Мацура. Утврдено е дека иако поединечно имале под 10 отсто од акциите, делувале заеднички со што стигнале до 19,62% од банката, но иако морале – за тоа не ги известиле австриските власти.
На 25 септември 2024 година австрискиот регулатор објавил правосилни казни. „Алта пеј груп“ треба да плати 154 560 евра. Акциите, сепак, не им биле одземени.

На 14 октомври 2024 година, угледниот „Фајненшл тајмс“ објавува текст со наслов „Европската централна банка спори преземање од српска банка поради загриженост за перење пари“.
На 31 јули, српска „Нова“ објавува анализа во која се прикажува вртоглавиот раст на „Алта банка“ и помошта од државата предводена од Александар Вучиќ во тој процес.

Ги набројуваме сите овие околности затоа што му биле или требало да му бидат на располагање на Извршниот одбор на Народната банка, кога ја донел одлуката да дозволи влез на Алта банка Белград во земјава. А, одлуката за влез, пропишува законот, вклучува серија различни проверки.
Во членот 59, став 6, е пропишано дека извршниот одбор на Народната банка го одбива барањето за стекнување на акции, меѓу другото, и ако:
4) расположивите податоци и информации укажуваат дека лицето, и/или лицата поврзани со него, како последица на правната или финансиската состојба, односно начинот на кој работи или природата на неговите активности, индицираат тенденција на висок ризик со што може да биде загрозена стабилноста, сигурноста и репутацијата на банката, односно нејзиното работење во согласност со прописите;
6) има основана причина да се сомнева во легалноста на потеклото на парите, интегритетот или вистинскиот идентитет на лицето и/или лицата поврзани со него;
7) постоењето блиски врски или сопственичката или организациската структура на лицето или на групата на која ѝ припаѓа, може да го отежне вршењето ефикасна супервизија и преземањето корективни мерки, на поединечна или на консолидирана основа;

Еве како, првично, гувернерот Трајко Славески ја објасни одлуката да се дозволи влез во Стопанска банка – Битола, во однос на нејзиниот газда.
Славески: Алта банка Белград е акционер.
ТВ Телма: А кој е во сопственост?
Славески: Не знам. Сега не знам во колкав процент е сопствеништвото и тоа не не интересира, затоа што Алта банка Белград е институцијата на која што ние дадовме дозвола.
Тв Телма: Гувернере, како може да не Ве интересира кој е акционер, кои се акционерите во банката којашто ја купува Стопанска банка – Битола? Во најмала рака, и според Законот за банки, акционерот треба да биде проверен, особено неговата репутација. Лице кое не поседува репутација, исто така, не може да биде акционер. А, потоа е дефинирано во самиот закон и што значи тоа репутација.
Славески: Тоа лице имало репутација пред органите на Австрија. Така?
ТВ Телма: Кое лице?
Славески: Тоа што го спомнувате?
ТВ Телма: Па, за кое лице сега зборуваме?
Славески: Ако инсистирате да го изговорам неговото име – Мацура имал репутација австриските регулатори да му дозволат да купи акции во австриска банка и да ги има до ден-денес, односно до пред месец дена кога ги има продадено на „Рајфајзен“
Десетина дена по овој настап, на надзорната расправа, гувернерот тврдеше дека, сепак, го проверувале и крајниот сопственик Давор Мацура.

„Врз основа на формално добиена документација која што се бара согласно нашата зкаонска и подзаконска регулатива, се утврди идентитетот на барателот, сопственичката структура и крајниот сопственик. Во рамките на овој процес како и секогаш беше остварена директна комуникација со сите надлежни домашни и странски државни органи и институции, вкучително регистри, судови, управи, министерства и Управата за финансиско разузнавање. Воедно, за сите лица беа направени сите неопходни проверки преку меѓународни глобални платформи преку кои може да се добијат информации за нивна вклученост во невообичаени трансакции. Добиените официјални информации и документи на ниеден начин не упатуваа на пречки во однос на давањето на согласноста“,
кажа Славески.
Па, за да ги расчистиме сите дилеми, го побаравме решението на Извршниот одбор на НБРМ, кој се состои од гувернерот и вицегувернерите. Однапред посочивме дека сме согласни и со копија на која ќе бидат изземени евентуалните класифицирани и чувствителни информации.
„Решението на Извршниот одбор на Народната банка бр. 15-27777/10 од 1 септември 2025 година, вклучително и неговото образложение, содржи класифицирани и доверливи информации и податоци, кои согласно Законот за Народната банка и Законот за банките подлежат на обврска за чување во тајност и не се предмет на јавно објавување и споделување. Поради тоа, Народната банка не е во можност да ја достави бараната документација, ниту во делумна форма“,
одговорија од НБРМ.

Без увид во образложението за одобрување на преземањето на Стопанска банка Битола не може да се провери – како и врз основа на кои околности била ценета репутација на Алта банка Белград и нејзиниот краен сопственик Давор Мацура.
Според Кирил Миноски, кој беше министер за финансии во владата на Емил Димитриев, за Мацура и Алта банка Белград имало низа контрадикторни информации во јавноста. Па, вели, имало потреба да се вклучат повеќе институции.
Миноски: Формалните аспекти се пропишани во Законот за банки во смисла на капиталот, на репутацијата и во овој случај со оглед на тоа дека таа банка веќе била на некој начин регулирана во соседството, тие формални аспекти најверојатно биле исполнети и на основа на тоа ја добиле дозволата. Меѓутоа има неформални аспекти. Тие неформални аспекти се поврзани со друга проценка, можеби безбедносност на процена поради тоа што финансискиот сектор и банкарскиот сектор се според мене дел од една клучна инфраструктура поради тоа што од нив зависи и на некој начин од банкарството зависи и стабилноста на вкупниот финансиски систем па во тој сегмент најверојатно треба да се биде секогаш претпазливи, да се вклучуваат и други агенции коишто ќе вршат некаква проценка за тоа кој влегува на финансискиот пазар.
„360 степени“: На што мислите кога велите неформални услови? Кој би требало да ги провери, извршниот одбор на Народна банка?
Миноски: Па неформалните, тука е Управата за финансиско разузнавање, други институции коишто треба да се вклучат, можеби безбедносни агенции коишто треба да земат во предвид, не знам кои се сопственици, дали има нешто поврзано со сопствениците поради тоа што при проценката на ризикот, на пример во дел од развиените држави постои една цела индустрија што се вика ‘Дата Фрнишер’, којшто покрај податоци коишто се добиваат од кредитни бироа прибираат и други податоци за потенцијалните корисници на пример на кредити, каде што се следи однесувањето на поединецот дали тој не знам е склон кон казарни игри или има некои други недостатоци и сите тие дополнителни податоци се вклучени во системот на проценка на ризикот. И кога говорам за за дополнителни информации, мислам на овие информации коишто се евентуално од разузнавачки карактер.

Нашето следно прашање до Миновски беше – дали може да се говори за прекршување на Законот за банки, ако се земат предвид сите формални и неформални сознанија за крајниот сопственик на Алта банка.
„Крајниот корисник дефинитивно треба да се знае затоа што тоа е еден од основните услови коишто се пропишани согласно законот од тој аспект. Низ процедурата претпоставувам дека луѓето од Народна банка го знаеле кој е краен корисник. Освен тоа, во процесот на одобрување на членови на управен и надзорен одбор повторно има улога Народната банка. Тоа значи дека никој не може да биде член на управен или надзорен одбор без посебна согласност која што ја дава Народната банка. Така да Народната банка претпоставувам го знаела крајниот корисник. Е сега во овој другиов детал во однос на пишувањата на Фајненшл Тајмс, она што го пишува за овие наводи, тоа се наводи коишто треба постојат истражни органи овде во државата кои што треба да ги документираат, да ги испитаат, дали станува збор на обвинителство кое што треба да потстапува по нели по јавно достапни информации или на повик. Понатаму тука имаме други органи, не знам, финансиска полиција, организиран криминал, доколку постојат такви аномалии треба да ги преиспитаат“,
вели Миноски.
Прашањето го отворивме и со новата шефица на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Искра Хаџи-Василева. Во врска со „Алта банка“, кажа таа, се проверуваат индиции за финансиски текови. Но, барем засега, нема предистрага за евентуално кршење на Законот за банки во врска со согласноста на НБРМ за преземањето на битолската банка.

Хаџи-Василева:Во однос на индиции за финансиски текови, да, се вршат проверки. Прелиминарни. А во однос на вашето прашање, кое е многу пошироко и се однесува, ако добро ве разбирам, во однос на навистина поширок спектар на монетарното работење и надлежности пред сè кои се однесуваат и ги опфаќаат ингеренциите на другите институции, Народната банка…
„360 степени“: Ама добро, ако. биле прекршени одредбите на членот 59 став 6 конкретно, сметате дека треба да има само политичка одговорност?
Хаџи-Василева: Многу е важно да разбереме дека законите, особено во однос на делот на стандардите кои ги поставуваат, прекршување на некакви одредби и стандарди не е само по себе и по некаков дифолт не повлекува кривично-правна одговорност.
„360 степени“: Злоупотреба на службена положба и овластување?
Хаџи-Васиелва: Не секое прекршување на одредби, доколку и постои она на кое вие референцирате, може и влегува во светло на кривично-правна потенцијална одговорност.
На 30 ноември на аукција ќе биде понуден мнозинскиот пакет акции на Алта банка Битола. А додека за битолската банка се бара нов сопственик, останува отворено прашањето од почетокот на оваа сторија – како Народната банка го проценила ризикот кога ѝ дозволила на Алта банка Белград да ја купи Стопанска банка Битола?
