Иако Словачка, Чешка, Унгарија и Бугарија веќе најавија дека немаат намера да учествуваат во оваа рунда финансирање, Фон дер Лајен изрази уверување дека сите 27 земји-членки ќе застанат зад планот. Како компромисна опција, таа посочи дека членките ќе можат да изберат да ги поддржат само цивилните потреби на Украина, наместо воените трошоци
Европската комисија (ЕК) предложи нов заем од 45 милијарди евра за Украина за 2027 година, со цел да му помогне на Киев да ја надмине претстојната финансиска криза и да ја зајакне својата одбрана во услови на континуирани руски бомбардирања, пренесе „Гардијан“.

Најавувајќи го планот, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, оцени дека ова е најдобриот начин да ѝ се обезбеди силна позиција на Украина на преговарачката маса за ставање крај на војната со Русија. Според предлогот, Киев ќе треба да ги врати парите дури откако Москва ќе ја надомести штетата што ѝ ја предизвикала на земјата.
Иако Словачка, Чешка, Унгарија и Бугарија веќе најавија дека немаат намера да учествуваат во оваа рунда финансирање, Фон дер Лајен изрази уверување дека сите 27 земји-членки ќе застанат зад планот. Како компромисна опција, таа посочи дека членките ќе можат да изберат да ги поддржат само цивилните потреби на Украина, наместо воените трошоци.
Противењето на четирите земји од Централна и Источна Европа предизвика остра реакција од германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој предупреди дека ќе го блокира седумгодишниот буџет на ЕУ доколку сите земји не се приклучат кон поддршката.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој минатиот месец ги предупреди европските лидери дека земјата се соочува со финансиски јаз од 70 милијарди евра во 2027 година, изрази надеж за брзо усвојување на заемот.
„Силната поддршка за Украина е најдобриот сигнал до Русија дека оваа војна мора да заврши“,
напиша Зеленски на социјалната мрежа Икс.
Распределба на средствата
Предложениот пакет од 45 милијарди евра е поделен на два дела – 25 милијарди евра за оружје и 20 милијарди евра за цивилни потреби, вклучително и финансирање на клучни јавни услуги, како училишта и болници.
Овој потег доаѓа само 11 месеци откако ЕУ договори заем од 90 милијарди евра за покривање на две третини од воените и цивилните потреби на Украина за 2026 и 2027 година. Но, ескалацијата на руските напади значително ги зголеми трошоците за одбрана и економската штета.
Еврокомесарот за одбрана, Андриус Кубилиус, истакна дека во воените трошоци на Украина сè повеќе доминираат беспилотните летала. Според проценките на Киев, Русија планира да употреби 10 милиони дронови оваа година и дури 20 милиони во 2027 година.
„Украина, со помош на ЕУ, мора да одговори на тоа – и ќе одговори“,
порача Кубилиус.

Очекувања од сојузниците што не се дел од ЕУ
Со оглед на тоа што ЕУ презема 45 милијарди евра од потребните 70 милијарди за 2027 година, Брисел очекува преостанатите 25 милијарди евра да ги обезбедат сојузниците надвор од Унијата, како Велика Британија, Норвешка и Канада.
За да го олесни ова, ЕК предлага земјите од Г7 кои ќе одобрат нови заеми да добијат гаранции дека тие ќе бидат отплатени од идните профити на замрзнатите руски средства – механизам што веќе се користи за отплата на заемот од 45 милијарди евра што Г7 ѝ го даде на Украина во 2024 година. Дополнително, шест земји со врвен кредитен рејтинг (ААА) – Австралија, Канада, Лихтенштајн, Норвешка, Сингапур и Швајцарија – ќе можат да обезбедат гаранции за буџетот на ЕУ до пет милијарди евра за проширување на европското задолжување на пазарите на капитал.
По претходните апели од Брисел дека другите сојузници мора да преземат поголем дел од товарот, Велика Британија веќе вети пакет економска и воена поддршка вреден 10 милијарди фунти. Зеленски ја поздрави досегашната помош од Лондон, Отава, Токио и Осло, нагласувајќи дека воспоставувањето јасни правила за нивна заедничка акција со ЕУ дополнително ќе ѝ помогне на Украина.
