Независниот синдикат на полицијата (НСП) алармира дека околу 11 000 семејства на вработени во МВР останале без здравствено осигурување поради проблем во системот на ФЗО, иако придонесите редовно им се одбиваат од платите
Од ФЗО објаснија дека проблемот настанува при дополнително пријавување вработени за минат период врз основа на судски одлуки, што повлекува потреба од усогласување на пресметките и уплатата на придонесите
По преземени активности и координацијата со Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) е надминат настанатиот проблем со здравственото осигурување на вработените во Министерството за внатрешни работи (МВР), информираа денеска попладне од Министерството.

Информацијата оттаму уследи откако претходно денеска Независниот синдикат на полицијата (НСП) алармира дека околу 11 000 семејства на вработени во МВР останале без здравствено осигурување поради проблем во системот на ФЗО, иако придонесите редовно им се одбиваат од платите.
„По преземените активности и координацијата со Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), успешно е надминат настанатиот проблем, при што на сите вработени во Министерството за внатрешни работи повторно им е обезбедено здравствено осигурување. МВР останува посветено на заштитата на правата и интересите на своите вработени, како и на обезбедувањето непречено остварување на нивните права од работен однос“,
се наведува во соопштението од Министерството.
Инаку, од Независниот полициски синдикат реагираа дека ваквиот проблем редовно се појавува секогаш кога во системот повторно се пријавуваат полициски службеници кои претходно биле одјавени. Како конкретен повод за реакцијата го посочија денешниот случај со враќањето на работа на нивните колеги опфатени со постапката за дискотеката „Пулс“ во Кочани.
„Фондот за здравствено осигурување мора да си најде решение на ваквите ситуации поради кои околу 11 000 семејства остануваат без здравствено осигурување и не можат да ги остварат нивните редовни здравствени потреби за кои редовно се одвојуваат средства од нивните плати“,
реагираа од синдикатот, барајќи итна реакција од надлежните за отстранување на техничките и административните пропусти.
По ваквите обвинувања, од Фондот за здравствено осигурување појаснија дека статусот на осигурениците не се утврдува со рачно исклучување, туку преку автоматизиран систем кој по електронски пат ги презема податоците за пријавите и уплатените придонеси директно од Управата за јавни приходи (УЈП).
Од ФЗО објаснија дека проблемот настанува при дополнително пријавување вработени за минат период врз основа на судски одлуки, што повлекува потреба од усогласување на пресметките и уплатата на придонесите. Оттаму нагласија дека станува збор за воспоставен механизам кој подеднакво важи за сите правни субјекти и државни институции, додавајќи дека со идентична ситуација во минатото се соочил и самиот Фонд.
За трајно надминување на причините што доведуваат до вакви застои, на иницијатива на ФЗО веќе била формирана меѓуинституционална работна група која, според институцијата, одржала неколку состаноци.
„Свесни сме дека ваквите состојби предизвикуваат оправдана загриженост кај вработените и нивните семејства. Затоа нашата заложба е насочена не само кон решавање на проблемот во овој момент туку и кон воспоставување долгорочен механизам. Очекуваме интензивната соработка меѓу надлежните институции во најкраток можен рок да резултира со конкретно и одржливо решение“,
рекоа од Фондот.
