Српската напредна партија (СНС) стана придружна членка на ЕПП во ноември 2016 година, а процесот за преиспитување на нејзиниот статус беше покренат во септември 2025 година. Како причини тогаш беа наведени загриженоста за политичката ситуација во Србија, протестите по падот на натстрешницата во Нови Сад, наводите за притисоци врз демонстрантите, состојбата со демократијата и владеењето на правото, како и односот на Белград кон Русија, пишува регионалниот сервис на „Радио слободна Европа“
Паралелно со најавите на ЕПП од Брисел, во Белград парламентот на Србија ниту по вториот ден од конститутивната седница не успеа да избере претседател на законодавниот дом, а продолжението е закажано за в четврток во 10 часот
Претседателството на Европската народна партија (ЕПП) ќе предложи привремена, едногодишна суспензија на Српската напредна партија (СНС) од ова европско политичко семејство, пренесува Радио Слободна Европа (РСЕ), повикувајќи се на партиски извори. Предлогот доаѓа по поразот на СНС на парламентарните избори на 25 октомври, со што партијата по 14 години на власт преминува во опозиција.

Според информациите на РСЕ, за време на едногодишната суспензија СНС ќе треба да исполни одредени услови, по што повторно ќе се разгледува нејзиниот статус. Деталите за условите сè уште не се познати, а се очекува да бидат утврдени на претстојното Политичко собрание на ЕПП на почетокот на декември, каде што ќе се гласа за предлогот.
Одлуките во ова клучно тело на европските народни партии се носат со просто мнозинство од присутните членови (при што воздржаните и празните ливчиња не се бројат), а при изедначен резултат одлучува гласот на претседателот, фунцција што во моментов ја извршува Манфред Вебер.
Причините за преиспитување на членството на СНС во ЕПП
Српската напредна партија (СНС) стана придружна членка на ЕПП во ноември 2016 година, а процесот за преиспитување на нејзиниот статус беше покренат во септември 2025 година. Како причини тогаш беа наведени загриженоста за политичката ситуација во Србија, протестите по падот на настрешницата во Нови Сад, наводите за притисоци врз демонстрантите, состојбата со демократијата и владеењето на правото, како и односот на Белград кон Русија.
Дополнителен притисок врз статусот на партијата донесе и септемвриската декларација на ЕПП, со која европските народни партии го осудија величењето на осудениот воен злосторник Ратко Младиќ, кој почина во Хаг на 29 август, а на 7 септември беше погребан со државни почести во Белград.
„Наместо соочување со тоа мрачно наследство, бевме сведоци на јавни и државни почести на неговиот погреб, учество на високи српски функционери, како и отворено искажување поддршка на јавни места. Таквите постапки се длабоко загрижувачки и во очигледна спротивност со вредностите на помирување, почитување на жртвите и одговорност на кои почива европскиот проект“,
се наведува во декларацијата на Политичкото собрание на ЕПП.
Новиот состав на српскиот парламент и денеска не успеа да избере претседател
Паралелно со најавите на ЕПП од Брисел, во Белград парламентот на Србија ниту по вториот ден од конститутивната седница не успеа да избере претседател на законодавниот дом, а продолжението е закажано за в четврток во 10 часот.
Кандидат за претседател од редовите на Студентската листа, чија пратеничка група ја предводи Јово Бакиќ, е доцентот на Сообраќајниот факултет во Белград, Александар Чупиќ. Опозицијата, предводена од пратеничката група „Србија победува“ на чело со Александар Вучиќ, го кандидираше математичарот и универзитетски професор Стојан Раденовиќ, кој како најстар пратеник и претседава со седницата.

Поддршка за кандидатот на студентската листа најавија три од четири малцински партии, вклучувајќи го и досегашниот коалициски партнер на Вучиќ – Сојузот на војводинските Унгарци.
Вториот ден од заседанието го одбележаа долгите говори на шефот на опозициската пратеничка група Александар Вучиќ. Тој во неколкуте обраќања на вториот ден од конститутивната седница, меѓу другото, изнесе обвинувања кандидатот Чупиќ, оспорувајќи ја неговата професорска професија и тврдејќи дека поседува повеќе недвижности.
Пратениците од „Студентската листа“, пак, ја обвинија опозицијата за опструкција, го критикуваа начинот на кој Раденовиќ ја води седницата укажувајќи на повреди на деловникот, и пред крајот на денот се откажаа од натамошна расправа со цел да го забрзаат процесот. Вучиќ, сепак, продолжи со обраќањата, најавувајќи дека својот дел ќе го заврши до четврток во 13 часот, доколку претставниците на „Студентската листа“ не се јавуваат за збор.
