Од партијата велат и дека под закана од исклучување на струјата се и ‘Пошта‘ и културни установи поради неплатени сметки
Најстариот македонски универзитет, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) остана без електрична енергија поради неплатени сметки, а под закана од иста судбина се и Пошта на Република Македонија и други културни установи, соопштија денеска од партијата Левица.

„Македонија под власта на ДПМНЕ стигна до апсурд што звучи како политичка сатира, а всушност е поразителна реалност – во третата светска економија најстариот македонски универзитет останува без струја поради неплатени сметки! Државата што наводно чекори кон технолошка револуција, дигитална трансформација и економски препород не може да ја плати електричната енергија во образовните институции. Факултетите и Ректоратот на УКИМ во мрак, ’Пошта‘ и културните установи под закана од истата судбина. Ова е срамна слика за приоритетитте во оваа држава и за способноста на власта да го обезбеди дури и најелементарното функционирање на јавниот систем!“,
се вели во партиското соопштение.
Оттаму велат дека состојбата е показател за неспособноста на власта да обезбеди непречено функционирање на јавните институции, додека политичката агенда е окупирана со партиски кадровски комбинаторики.
„Додека власта се занимава со кадровски распределби и партиски комбинации, јавните институции се соочуваат со долгови и проблеми во подмирувањето на основните режиски трошоци. Институциите се оставени во финансиска неизвесност, а приоритетите на власта се насочени кон политички, наместо кон обезбедување непречено функционирање на јавните услуги“,
додаваат оттаму.
Левица потсетува дека ова не е првпат образовни институции да останат без електрична енергија поради неплатени сметки.
Во февруари годинава, како што велат од партијата, студентите од домот „Никола Карев“ во Охрид останаа без струја, греење и топла вода за време на испитна сесија. Во јуни, истиот дом повторно беше без електрична енергија цела недела поради долг од над три милиони денари, додека во студентскиот дом „Пелагонија“ струјата била исклучена поради долг од над седум милиони денари.
„Јавните пари мора прво да обезбедуваат јавни услуги, а не политички комфор“,
велат од Левица, од каде што бараат итно подмирување на обврските, непречено функционирање на универзитетите и утврдување одговорност за ваквите состојби.
