Министерот за дигитална трансформација најави привлекување инвестиции во податочни центри и изградба на Национален податочен центар, оценувајќи дека домашната инфраструктура е неопходна за развој на ВИ на македонски јазик
Оние што ќе знаат да ја применуваат вештачката интелигенција ќе можат да очекуваат забрзан развој, додека оние што нема да ги прифатат новите технологии ризикуваат да останат во стагнација, порача министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски пред почетокот на 21. годишната конференција на МАСИТ, посветена на „Употребата на вештачката интелигенција како агент“.

Според него, Владата ќе продолжи да го поддржува домашниот ИКТ-сектор, особено малите и средните компании, преку проекти за дигитална трансформација, обуки и примена на вештачката интелигенција.
Како примери ги посочи проектите „ДИГИТ-МАК“ и „Инофејт ЕДИХ“, преку кои се обезбедува директна поддршка за компаниите.
Посочи дека примената на вештачката интелигенција е важна и за бизнис-секторот и за државните институции бидејќи може да ги забрза деловните процеси и да придонесе за поефикасно испорачување јавни услуги.
Андоновски вели дека како и за сите државни институции во регионот и во Европа, ова е нов феномен и за државните институции во Македонија.
„Затоа и ја почнавме ‘Везилка‘, проект од над 5,5 милиони евра, со кој работиме во пет сектори што ја зафаќаат и јавната администрација. Тоа значи градење голем јазичен модел на македонски јазик и потоа негова имплементација во јавниот сектор. Првин преку обуки да бидат подготвени вработените во јавниот сектор за примена на овие алатки, а потоа преку практични примери употреба на алатки за вештачка интелигенција и на нив да базираме определени системи. Прв таков меморандум веќе потпишавме во Собранието, исто така и во Министерството за образование, имаме еден проект кај нас што ќе почне, исто така потпишавме и меморандум, што значи дека полека ќе почне да се користи“,
рече тој.
Неопходно е, како што додаде, институциите и малите и средните претпријатија побрзо да ја прифатат вештачката интелигенција за да ги унапредат работните процеси, да го поттикнат сопствениот развој и да овозможат поефикасни услуги за граѓаните.
На прашањето колку Македонија заостанува во однос на вештачката интелигенција со европските земји, Андоновски рече дека ние имаме еден крупен недостиг на кој работиме целиот изминат период – тоа е непостоењето големи податочни центри, кои таа вештачка интелигенција ќе ја процесираат тука во Македонија.
Како дел од решенијата ги наведе привлекувањето инвестиции во податочни центри и изградбата на Националниот податочен центар. Сепак, според Андоновски, Македонија не заостанува во однос на човечкиот потенцијал, знаењата и вештините, што го покажуваат и резултатите на домашните ИТ-компании.
„Предолго време се залажуваме дека со употреба на туѓи податочни центри, туѓи системи и туѓи агенти ќе успееме да развиваме македонски развој. И тоа не се случува затоа што македонскиот јазик е мал, немаме голем јазичен модел на македонски јазик затоа што нема каде да се изгради. И тука ќе биде клучната разлика што се обидуваме да ја направиме: привлекување инвестиции во центри за податоци, изградба на национален податочен центар и на тој начин инфраструктурно да ѝ се приближиме на Европската Унија“,
вели Андоновски.
Министерот се осврна и на заштитата на личните податоци во мобилната апликација „М.услуги“. Рече дека Министерството работи на безбедноста на апликацијата и очекува прашањето да биде заокружено до крајот на годината. Појасни дека податоците од електронските лични карти и возачките дозволи веќе се чуваат во системите на МВР и дека не се префрлаат на нова локација.
Претседателот на МАСИТ, Јордан Димитровски, оцени дека вештачката интелигенција веќе е реалност што ги менува начинот на работа на компаниите и глобалната економија. Повика на поголема примена на ВИ и во индустриите надвор од ИКТ-секторот, а како предизвик го посочи и приспособувањето на образованието кон новите потреби на пазарот на трудот.
Според него, автоматизацијата постепено ќе презема дел од повторливите работни задачи, но тоа не мора да значи губење на работните места, туку пренасочување кон други професии и потреба од преквалификација.
Во ИТ-секторот, додаде дека веќе има недостиг од кадри во области, како кибербезбедноста и обработката на податоци.
