Ваквиот начин на наплата, според министерот за транспорт, ќе овозможи побрз проток на возилата, поевтина наплата за оние што ги користат автопатите и поголема сигурност и спречување сообраќајни незгоди
Говорејќи за создавање на условите за дигитален развој, нагласи дека инвестициите во податочни центри се исправни политики кои носат сериозни економски резултати. Тој наведе дека веќе се направени измени во Законот за урбанистичко планирање и Законот за градење за да се овозможи развој на вакви капацитети

Министерот за транспорт Александар Николоски вели дека се размислува за воведување електронска наплата на патарините, која првично би се применила на новиот автопат Кичево – Охрид, кој се очекува целосно да биде пуштен во мај идната година.
Николоски, кој денеска учествуваше на 21. Конференција на МАСИТ посветена на вештачката интелигенција, рече дека ќе биде побарана експертска помош за изработка на законот и оти се размислува наплатата да биде по изминат километар.
Ваквиот начин на наплата, според министерот за транспорт, ќе овозможи побрз проток на возилата, поевтина наплата за оние што и ги користат автопатите и поголема сигурност и спречување сообраќајни незгоди.
Николоски кажа и дека вчера имал средба со новиот претседател на Европската транспортна заедница и оти ќе се примени нивната експертиза за изработка на законот.
„Хрватска во регионов се обидува да го примени овој систем, но сè уште го нема почнато. Во моментов почнува примената на обиколницата на Белград и тоа е горе-долу сè што можеме да видиме во регионот. Затоа ни е потребно искуство од понапредни европски држави и затоа сметав дека е корисно да го поканам, да ја презентираме нашата идеја и да вклучиме експерти од Европската транспортна заедница кои што заедно со нашите експерти ќе работат на овој закон“,
рече Николоски.
Николоски се надева дека во текот на декември веќе ќе може да го презентираат законот.
Наплатата, како што посочи, би била по поминат километар со што ќе се избегне сегашната пракса иста сума да плаќаат и оние што на пример одат од Скопје и оние што одат од Богданци или Гевгелија.
„Нашата идеја е да се наплаќа по километар, што ќе биде многу поправедно од ова што се случува сега, затоа што сега теоретски, ако тргнете од Демир Капија и одите во Гевгелија, плаќате 100 денари на наплатната кај Смоквица, и ако тргнете од Скопје кон Гевгелија, на истата наплатна повторно плаќате 100 денари, што за жителите од Демир Капија е нечесно и неправедно. И затоа сметаме дека треба да се наплаќа по поминат километар, што сериозно ќе ја намали цената“,
додаде Николоски.
Ваквата наплата, како што рече министерот, освен на автопатот Кичево-Охрид, понатаму би се применила и на другите автопати што се градат како што се Прилеп – Битола, Букојчани – Гостивар, Гостивар – Тетово и Кичево – Букојчани.
Николоски во обраќањето на конференцијата рече дека како влада создаваат правна и административна рамка за примена на вештачката интелигенција со цел да се овозможи нејзина примена за да се фати чекор со дигиталниот развој.
Во своето обраќање тој нагласи дека целите на државата се утврдени во Стратегијата за развој на ИКТ – „SMART MK 2030“ која дава конкретни насоки во примена на дигиталните процеси и напредната технологија.
Говорејќи за создавање на условите за дигитален развој, нагласи дека инвестициите во податочни центри се исправни политики кои носат сериозни економски резултати.
Тој наведе дека веќе се направени измени во Законот за урбанистичко планирање и Законот за градење за да се овозможи развој на вакви капацитети.
„Во таа насока, веќе заедно со Министерството за дигитална трансформација работиме на развој на првиот државен национален податочен центар. Веќе ги поминавме сите сериозни одлуки како влада и двете министерства веќе работат на урбанизација на просторот и завршување на правната рамка, по што ќе следи инвестицијата што ќе е една државна потврда и еден државен показател каде треба да се развиваат работите, а се надевам дека за брзо време ќе можеме да го имаме како инвестиција и првиот приватен податочен поголем центар“,
изјави Николоски.
Вицепремиерот упати и повик до бизнис-секторот да ги достави своите идеи до институциите за заедничка поддршка во овој сегмент.
Осврнувајќи се на дигитализацијата во транспортниот сектор, Николоски информира дека воведувањето на интелигентните транспортни системи (ИТС) е дел од обврските кон Европската Унија во рамките на Планот за раст. Тој најави дека пет закони од оваа област се веќе на финална консултација во Брисел, од каде што неделава се очекува потврден одговор.
Според најавите што ги даде Николоски, се очекува до крајот на 2027 или почетокот на 2028 година да биде имплементиран интелигентен транспортен систем на Коридорот 10 од Табановце до Гевгелија, по што ќе следува работа на Коридорот 8.
Во делот на железницата рече дека на системот ЕНЕР во моментов се наоѓаат пет закони на јавна консултација и се очекува до средината на следна година да се зборува и за интелигентни транспортни системи во железницата.
Николоски нагласи дека за проектот за брза пруга на Коридорот 10 е донесена дефинитивна одлука да се примени најновиот систем EMTC S2, со цел човечкиот фактор да се сведе на минимум, а безбедноста да се подигне на највисоко ниво, особено по железничките несреќи што се случија во Грција и неодамна во Шпанија.
Дополнително, вицепремиерот посочи дека забрзано се работи и на воведување на националниот едношалтерски систем, како и на нов систем за дигитализација на наплатата на патната такса.
