Реакцијата на опозициската партија доаѓа откако Народната банка вчера соопшти дека ја објавила постапката за продажба на доминантниот акционерски пакет на Алта банка, во насока на изнаоѓање нов сопственик и создавање услови за натамошно работење на банката
Опозицискиот СДСМ обвинува дека премиерот Христијан Мицкоски и гувернерот Трајко Славески брзаат со продажбата на Алта банка АД Битола и планираат да ја продадат двојно поевтино за, како што велат од партијата, да се прикријат сметките и трансакциите поврзани со банката.

„Истите тие кои ја донесоа Алта банка во Македонија најавуваат продажба на берза. Ако нема купувач, цената ќе паѓа. Мицкоски и Славески планираат да ја дадат обезвреднето само за да ги прикријат сметките и трансакциите. По модел, прво никој да не се јави и на крај да се продаде за џабе. На крајот ќе ја обвинат СДСМ дека е виновна за ниската цена. Тоа е нивниот стандарден модел“,
изјави на денешната прес-конференција Маја Борозан од СДСМ.
Избрзувањето на продажбата на Алта банка, според СДСМ, не е затоа што власта сака да ја спаси, туку затоа што не сака да се отворат сметките и трансакциите и да се види колку пари префрлил експретседателот на Србија, Александар Вучиќ, колку останало тука и каде продолжиле парите. Според опозиционерите, ниту една од сериозните банки не сака да купи банка со вакво портфолио, чиј сопственик е во притвор.
Реакцијата на СДСМ доаѓа откако Народната банка на Македонија вчера соопшти дека ја објавила постапката за продажба на доминантниот акционерски пакет на Алта банка АД Битола, во насока на изнаоѓање нов сопственик и создавање услови за натамошно стабилно работење на банката.
