Тренчевска упати барање до премиерот Христијан Мицкоски, министерот Панче Тошковски и државниот јавен обвинител Ненад Савески за проширување на истрагата и најстроги казни не само за насилникот туку и за сите што, како што наведе, му помагале да ги прикрие делото и доказите

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски сноси најголема политичка одговорност за потфрлувањето на превенцијата, непостапувањето на МВР и заштитата на насилниците, поради што одамна требаше да си поднесе оставка, порача денеска на прес-конференција пратеничката и потпретседателка на СДСМ, Јована Тренчевска.
Реагирајќи по случувањата околу претепаната девојка Сара во Охрид, Тренчевска рече дека овој настан повторно потврдил оти институциите не ја гарантираат безбедноста на жените и постапуваат дури откако ќе се соочат со силен притисок од јавноста.
„Да не беше брзата гневна реакција на граѓаните, на невладините организации и на СДСМ, ќе ја видевме старата шема на ВМРО – жртвата во болница и страв за својот живот, а насилникот на слобода поради врски со локалните вмровски функционери. Па откако јавноста гневно реагираше, под притисок се загрижија за себе и реагираа. Го сменија обвинителот, сменија одлука, одеднаш им текна на нови околности и го однесоа во притвор. Тоа не е систем, туку партиска контрола која работи по наредби од горе“,
рече Тренчевска потсетувајќи и на други трагични случаи и фемициди во земјава.
На прес-конференцијата Тренчевска упати барање до премиерот Христијан Мицкоски, министерот Панче Тошковски и државниот јавен обвинител Ненад Савески за проширување на истрагата и најстроги казни не само за насилникот туку и за сите што, како што наведе, му помагале да ги прикрие делото и доказите.
„Насилникот од Охрид не е сам. Има родители кои сугерирале да се ослободи од делото и да го забошотат, има обвинител кој не постапил. Бараме одговорност за сите пропусти и санкции за МВР, обвинителството и судот“,
нагласи Тренчевска.
Како пратеничка група на СДСМ и коалициските партнери, Тренчевска рече дека ќе бараат итно донесување на заклучоците од надзорната расправа кои ќе овозможуваат функционалност на системот, не со укажување, не со препораки, туку со задолжување на институциите. Бараат и итно ставање на дневен ред на измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените, кои, според партијата, стојат во фиока од август, како и свикување итна седница на собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите, на која ќе се бара присуство на министерот Тошковски и обвинителот Савески.
„Нема да прифатиме во Македонија жените да живеат во страв, а насилниците да се чувствуваат недопирливи. Државата мора да биде посилна од насилството, а институциите мора да бидат на страна на жртвите“,
додаде Тренчевска.
Од Форумот на жени на СДСМ, вчера најавија дека денеска во 18 часот пред СВР Охрид ќе организираат протест во знак за поддршка на младата Сара, како и за сите жени жртви на насилство.
Од Форумот на жени упатија повик до сите жители на Охрид да се приклучат на протестот и заеднички да испратат јасна и гласна порака дека насилството, прикривањето и заштитата на насилниците мора да престанат и да следува одговорност.
