„Во овој момент го имаме тој голем, огромен проблем. Една година зборуваме, не знам како е можно да се водат само бирократски дискусии, а да нема политичка одлука за тоа. Одговорите што ги добиваме веќе една година се дека „тоа било исто и порано“. Не е исто!“, вели вицепремиерот и министер за транспорт во изјава МИА од 23. Виенскиот економски форум
Инаку, властите во земјава се обидоа да го решат проблемот што го имаат превозниците преку склучување билатерални договори со земји членки на ЕУ, но според вицепремиерот прашањето е и понатаму отворено, бидејќи договорите се со неколку држави од Унијата, но не и со сите земји членки на шенген-зоната
Покрај случајот со превозниците, како втор проблем тој го посочува отсуството на решение за извозот на електричната енергијата добиена од обновливи извори во земјите од регионот на европскиот пазар
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, апелира до Европската унија (ЕУ) да изнајде решение за проблемот со професионалните возачи кои веќе една година се соочуваат со ограничен престој во земјите од шенген-зоната.

Николоски, кој учествува на 23. Виенски економски форум, во изјава за МИА вели дека постојат две многу важни прашања за регионот на Западен Балкан, кои според него, малку биле споменувани на настанот, а се огромен проблем за целиот регион и се директно поврзани со ЕУ.
Покрај случајот со превозниците, како втор проблем тој го посочува отсуството на решение за извозот на електричната енергијата добиена од обновливи извори во земјите од регионот на европскиот пазар.
ЕУ не презема ништо со превозниците, вели Николоски
Во однос на проблемот со превозниците, тој вели дека Европската унија не презема ништо.
„Веќе речиси една година целиот регион зборува за тоа. Можеме да имаме убави говори овде, но ако стоката не може да се транспортира до крајниот корисник, не можеме да зборуваме за ништо. Во овој момент го имаме тој голем, огромен проблем. Една година зборуваме, не знам како е можно да се водат само бирократски дискусии, а да нема политичка одлука за тоа. Одговорите што ги добиваме веќе една година се дека „тоа било исто и порано“. Не е исто! Бидејќи со новиот електронски систем секој ден се брои, возачите на камиони се третираат исто како туристи, не можат да поминат повеќе од 90 дена во период од 180 дена во ЕУ, и бизнисот колабира“,
вели Николоски.
Инаку, властите во земјава се обидоа да го решат проблемот што го имаат превозниците преку склучување билатерални договори со земји членки на ЕУ. Сепак, според вицепремиерот и министер за транспорт, прашањето е и понатаму отворено, бидејќи договорите се со неколку држави од Унијата, но не и со сите земји членки на шенген-зоната.
„Бараме решение кое секако треба да го понуди шенген-зоната и ЕУ како овој проблем да се надмине“,
вели вицепремиерот.

Проблемот со извозот на зелената енергија
Што се однесува до зелената транзиција, тој упати апел до Европската Унија побрзо да го реши прашањето околу извозот на зелената енергија од Македонија на европскиот пазар.
Николски појаснува дека со примената на Механизмот за прекугранично прилагодување на цените на јаглеродот (Carbon Border Adjustment Mechanism – CBAM), се воведени дополнителни финансиски трошоци за целата електрична енергија од регионот, без оглед на изворот на производство, што, вели, доведува до економски загуби за инвеститорите. Според него, само во Македонија, засегнати се над 500 милиони евра кредити во локалните банки од компании кои инвестирале, а потоа не можат да го извезуваат својот производ, односно електрична енергија од обновливи извори.
„Дури и зелената енергија произведена во регионот не може да се извезува. Како тогаш да инвестираме во ветерници, во соларни панели, во хидроенергија“,
прашува Николоски.
Според него, за зелената енергија би требало да има други мерки од страна на ЕУ.
Соработка на економиите на земјите од Западен Балкан
Вицепремиерот и министер за транспорт, како што соопштија од неговиот кабинет, вчера имал свое обраќање на панел дискусија насловена – „Заедничка визија и долгорочна економска соработка“ во рамките на 23. Виенски економски форум, на кој говорел за предизвикот за земјите од регионот околу заедничкиот настап на европскиот пазар, натпреварот со конкуренцијата и како да се постигне повисоко ниво на развој во посочениот контекст.
Решението тој го гледа во заедничката соработка на економиите од регионот на Западен Балкан.
„Без разлика дали станува збор за мојата земја или за која било друга земја од регионот, факт е дека нашите економии се премногу мали за да бидат конкурентни на глобалниот пазар. Дури и целиот регион, гледан како една целина, е премал за самостојно да биде глобално конкурентен. Токму затоа треба да соработуваме. Свесен сум дека тоа не е лесна задача, имајќи ги предвид политичките предизвици, политичкото минато и историското наследство на регионот. Но, и покрај тоа, тоа е задача што мораме да ја преземеме и на која мораме заеднички да работиме“,
кажал Николоски во обраќањето на панел дискусијата.
Проектите на коридорите 8 и 10
Едно од главните прашања што го посочил тој, во овој контекст, е предизвикот на земјите од регионот за подигање на квалитетот што го нудат. Тој на форумот ги потенцирал развојните проекти што се реализираат во Македонија во делот на патната и железничката инфраструктура, освнувајќи се на проектот за брза железница на Коридорот 10, кој ќе се протега од границата со Грција до границата со Србија.
„Oчекувам изградбата да започне на пролет. Станува збор за огромен проект, кој ќе биде најголемиот поединечен инфраструктурен проект во Југоисточна Европа, со инвестиција од приближно две милијарди евра“,
рекол Николоски.

Говорејќи за Коридорот 8, Николоски посочил на договорот за железничко повразување што Македонија го склучи со Бугарија, наведувајќи дека двете страни веќе работат на реализација на проектот.
„Ние веќе инвестираме околу 810 милиони евра во железничкото поврзување, а Бугарија презема слични активности на своја територија. Во понапредна фаза е автопатското поврзување, каде што двете страни вложуваат значителни напори. Од наша страна, работите се завршени до границата со Бугарија, односно веќе имаме изградено автопат или експресен пат. Заедно со Европската Унија работиме и на западната железничка врска со Албанија“,
кажал вицепремнирот и министер за транспорт.
Тој додал дека, станува збор за вкупни инвестиции од приближно пет до шест милијарди евра на двата коридори, чија цел е Македонија да стане важна крстосница. Ова, според Николоски, со што не само за растот на бизнисот и економијата, туку и за зајакнување на безбедноста.
Инаку, на Форумот учествуваа членови на бордот на Виенскиот економски форум, министри од земјите од Западен Балкан, претставници од ЕУ, како и високи претставници на меѓународни финансиски институции.
Виенскиот економски форум „Виенски дијалог за иднината 2026“ е официјално признат од Европската комисија во рамките на глобалниот настан на „Форумот за проширување на ЕУ 2026“. Форумот кој постои повеќе од 20 години е европска економска платформа за промоција на развојот на регионалната економија од Јадранското до Црното Море и пошироко како составен дел од европската и глобалната економија и се залага за регионална економска соработка, европска интеграција и остварување на заедничките европски вредности во целиот регион.
