Во видеообраќањето од Брисел, каде што е во дводневна работна посета поради учеството на Форумот за проширување на Европската Унија, премиерот изрази жалење за инцидентот во Охрид и жестока осуда за, како што рече, дивјаштвото што се случува
Ќе сториме сè за сторителот да биде изведен пред лицето на правдата – изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи го претепувањето на младата охриѓанка од својот 31-годишен партнер.

Во видеообраќањето од Брисел, каде што е во дводневна работна посета поради учеството на Форумот за проширување на Европската Унија, Мицкоски изрази жалење за инцидентот во Охрид и жестока осуда за, како што рече, дивјаштвото што се случува.
„Моето денешно обраќање требаше да биде на сосема поинаква тема, за содржината на состаноците што ги имавме денес, за борбата која што ја водиме за Македонија во Брисел. Но, за жал до мене стигна ужасната вест која што ги потресе охриѓани, но и генерално граѓаните на Македонија, за инцидентот и претепувањето на младата девојка. Ја користам оваа прилика да изразам жалење и жестоко да го осудам дивјаштвото кое што се случува“,
рече Мицкоски во видеообраќањето објавено на Фејсбук.
Премиерот изрази поддрша до семејството на девојката и вети дека Владата и тој како нејзин претседател ќе сторат сè лицето кое го сторило овој ужасен напад да биде изведено пред лицето на правдата.
Одговорност за случајот претходно денеска побараа и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.
