„Веројатно во овој иден период треба да се размислува, во суштинска смисла да се размислува, за позицијата на ова одделение и за видот на пристапот во однос на одговорноста, бидејќи одговорноста на полициските службеници е широка: имате и дисциплинска и кривично-правна. Мислам дека тука има простор за подобрување, а знам дека и раководителот е на тој став“, изјави Хаџи Василева по средбата со државниот јавен обвинител Ненад Савески
Прашана за тоа кои ќе ѝ бидат приоритетите, откако сега веќе и формално е на шефовското место во ОЈО ГОКК, Хаџи Василева кажа дека, колку и да звучи банално, првин ќе зафати со административните процедури, а потоа со внатрешни прашања кои се однесуваат на годишните распоредувања во рамките на институцијата
Има простор за подобрување на состојбите со Специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција, кое е дел од Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата (ОЈО ГОКК). Ова го изјави новата шефица на ова обвинителството, Искра Хаџи Василева, која по примопредавање на функцијата денеска, со својот претходник Ислам Абази се сретна со државниот јавен обвинител Ненад Савески.

Нејзиниот став во врска со ова одделение таа го кажа одговарајќи на новинарско прашање во однос на долгото водење на истрагите против полициски службеници, особено со осврт на случаите во кои имаше жртви како последица на семејно насилство.
Голем број предмети во одделението за гонење полициски службеници
Според новата шефица на ОЈО ГОКК, одделението кое е единствено надлежно за гонење на службени лица со полициски овластувања е обременето со голем број предмети и во таа насока треба да се размисли за неговата позиција во иднина.
Ова прашање, рече Хаџи Василева, ќе биде и еден од нејзините приоритети на новата позиција во ОЈО ГОКК.
„Во моментов она што можам да го кажам пред да ги согледаме состојбите – а сум разговарала и со моменталниот раководител на тоа одделение кај нас – е дека навистина ова одделение е, како да речам, многу обременето со бројка на предмети. Веројатно во овој иден период треба да се размислува, во суштинска смисла да се размислува, за позицијата на ова одделение и за видот на пристап во однос на одговорноста бидејќи одговорноста на полициските службеници е широка: имате и дисциплинска и кривично-правна. Мислам дека тука има простор за подобрување, а знам дека и раководителот е на тој став, така што останува тоа да биде едно од прашањата со кои после првите административни прашања ќе се занимаваме секако и со шефот на одделението… на обвинителството“,
изјави Хаџи Василева.
Во однос на истото прашање се произнесе и доскорешниот шеф на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, кој кажа дека како и за секоја пријава и во тој предмет се преземаат дејствија од надлежен јавен обвинител и дека наскоро се очекува јавнообвинителска одлука.
„Како и за секоја пријава, и за конкретната пријава се преземаат дејствија од надлежниот јавен обвинител. Во тој предмет се преземени доста дејствија, сослушани се многу осомничени, сведоци и лица кои можат да помогнат во оваа постапка и очекуваме во брзо јавниот обвинител да донесе соодветна јавнообвинителска одлука“,
кажа Абази.
Инаку, тој денеска ѝ ја предаде функцијата на новоизбраната шефица на ОЈО ГОКК, Искра Хаџи Василева, по што двајцата се сретнаа со државниот јавен обвинител Ненад Савески.
Савески ѝ посака успех и, како што кажа, лесна работа на Хаџи Василева. Истата порака тој ја упати до Абази кој се враќа во Вишото јавно обвинителство (ВЈО) Гостивар, од каде што дојде кога во 2022 година беше избран за шеф на ОЈО ГОКК.
Абази: Зад себе оставив добар тим на јавни обвинители
И тој и посака прво здравје, а потоа и успех на неговата наследничка. Осврнувајќи се работата на Обвинителството, Абази рече оти смета дека за време на неговиот мандат институцијата работела професионално, законито и објективно, непристрасно и без надворешни влијанија. Зад себе, кажа дека остава добар тим на јавни обвинители.
„Стручни јавни обвинители, обучени јавни обвинители, кои можат да одговорат на предизвиците и надлежноста во тоа обвинителство. Исто така, оставам зад себе и функционален истражен тим и очекувам дека и во иднина јавните обвинители со новата раководителка ќе имаат успех во своето постапување“,
рече Абази.
Одговарајќи на новинарско прашање дали смета дека истрагата за случајот „Мазут“ ќе остане забележана како една од постапките што Обвинителството не ги завршило така како што сите очекувале, Абази рече дека затоа постои двостепеност во одлучувањето и можност за жалба.
„Не е само тој предмет во обвинителството. Како кажа во неколку наврати и јавниот обвинител, се носат одлуки, оштетените секако имаат право на жалба – затоа е таа двостепеност, затоа е тука Вишото јавно обвинителство. Доколку од страна на основните јавни обвинителства е нешто пропуштено, се даваат насоки, се задолжуваме пониските јавни обвинителства да ја продолжиме постапката во насоки како што се дадени во самата одлука на повисокото јавно обвинителство. Откако ќе се прибават сите докази и сите дејствија што се побарани во одлуката од страна на повисокото јавно обвинителство, тогаш јавниот обвинител во основното ќе донесе соодветна јавнообвинителска одлука“,
кажа Абази.

Савески, одговарајќи на новинарско прашање, како задоволително го оцени раководењето на Абази со ОЈО ГОКК и наведе дека откако е тој на чело на државното јавно обвинителство за него не слушнал жалби за влијанија и притисоци.
„Обвинителите во тоа обвинителство никогаш не се пожалиле на влијание или притисок извршен од страна на јавниот обвинител, барем во периодот додека сум јас на оваа позиција. Така што јас не можам а да немам впечаток дека колегата од позиција на раководител на тоа обвинителство задоволително ја вршел таа функција“,
кажа Савески.
Административните процедури и годишните распоредувања во ОЈО ГОКК први на масата на Хаџи Василева
Прашана за приоритет, откако сега веќе и формално е на шефовското место во ОЈО ГОКК, Искра Хаџи Василева, кажа дека, колку и да звучи банално, првин ќе зафати со административните процедури, а потоа со внатрешни прашања кои се однесуваат на годишните распоредувања во рамките на институцијата.
Во однос на предметите, таа рече дека приоритет ќе бидат иднините предмети, но и оние за кои во јавноста има висок интерес.
„Сите предмети за кои има интерес секако ќе бидат нешто на кое и се дава динамика природно, и ќе се даде динамика, а има и многу предмети кои треба да се работат тековно и треба да се работат тековно. Оттука, приоритетите секако ќе бидат идните предмети кои ќе се однесуваат на ефикасен кривичен прогон, како и овие предмети за кои јасно е дека јавноста има висок интерес“,
кажа Хаџи Василева одговарајќи на новинарско прашање.
Прашана дали очекува политички влијанија и дали е подготвена за да се справи со нив, новата шефица на ОЈО ГОКК кажа дека влијанија има насекаде и она што е важно е како човек ќе се постави кон нив.
„Тоа не се единствено влијанија од политичарите – ние и низ работата чувствуваме влијанија од различни центри на моќ, бизнис, други интересни групи. Суштината, како што имам и претходно кажано, е како ние ќе се поставиме во однос на тие влијанија. И нашиот интегритет тука се гледа. А влијанија имало, има и ќе има веројатно, но прашањето е ние како ќе се однесуваме со нив“,
кажа таа.
