Според Савески, правната квалификација произлегува од севкупните докази собрани во истражната постапка. Тој информира дека надлежниот обвинител веќе стапил во контакт со оштетената девојка и додаде дека нејзиниот исказ е суштествен и со голема доказна вредност

Јавното обвинителство ги презема сите неопходни истражни дејствија за целосно расветлување на случајот со претепаната девојка во Охрид, а во текот на денот се очекува надлежниот обвинител да донесе и јавнообвинителска одлука, изјави државниот јавен обвинител Ненад Савески.
Одговарајќи на новинарски прашања во врска со реакциите во јавноста за тоа зошто за 31-годишниот осомничен биле побарани мерки на претпазливост наместо притвор, Савески истакна дека е во постојана комуникација со раководителот на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Охрид.
„Ги следам состојбите и преку социјалните мрежи и преку медиумите, а директни информации имам од раководителот на ОЈО Охрид. Таму интензивно се работи на разоткривање на целата состојба на работите, свесни за тоа колку е од значење Јавното обвинителство да покаже брзо и ефикасно постапување и свесни за опасноста на овој вид криминалитет“,
рече Савески.
На прашањето дали елементите на настанот укажуваат на потешко кривично дело, како обид за убиство, наместо тешка телесна повреда, државниот обвинител посочи дека предвременото утврдување на правната квалификација би било шпекулација додека не се комплетира доказниот материјал.
„Доколку ви одговорам на вашето прашање и да утврдам јас соодветна правна квалификација, тоа би се свело на мое шпекулирање“,
рече тој.
Според Савески, правната квалификација произлегува од севкупните докази собрани во истражната постапка. Тој информира дека надлежниот обвинител веќе стапил во контакт со оштетената девојка и додаде дека нејзиниот исказ е суштествен и со голема доказна вредност.
По утврдувањето на фактичката состојба, Обвинителството најави официјално соопштение за натамошниот тек на постапката.
Во однос на наводите во јавноста за улогата на родителите, Савески потврди дека се постапува паралелно за сите аспекти на настанот, вклучувајќи ги и дејствијата на таткото на оштетената, уверувајќи дека секој што е вклучен во кривично-правниот настан ќе биде опфатен со истрагата.
Изјавата на државниот јавен обвинител доаѓа по кривичната пријава поднесена од СВР Охрид против К.К. (31) за нанесување тешки телесни повреди врз 26-годишна девојка на 15 ноември, како и по реакциите од семејството на жртвата и од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, од каде ја критикуваа одлуката на обвинителството да не побара мерка притвор за осомничениот.
