Според него, надзорната расправа во Собранието ги разјаснила сите прашања што се во надлежност и ингеренции на институциите, при што граѓаните имале можност непосредно да ја видат реалната состојба

Надзорната расправа во Собранието за Алта банка ја исполни својата суштинска цел – прашањата што ги интересираат граѓаните да бидат поставени и одговорени. Ова го изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски во гостување на ТВ Сител.
„Намената на таа надзорна расправа, зошто беше повикана, ние прифативме да се случи, со единствено барање да биде што е можно побрзо, самите побаравме, поднесовме и до претседателката на Комисија и писмено барање со 1/3 од членовите и замениците, и наместо веднаш и неодложно да се случи тие почекаа десет дена за да добијат простор преку пресови, на некаков начин да создаваат тема во јавноста којашто ја нема“,
изјави Стојаноски.
Тој посочи дека опозицискиот СДСМ, наместо да понуди аргументи и суштинска дебата, се обидела да ја претвори надзорната расправа во политичка претстава. Според него, надзорната расправа ги разјаснила сите прашања што се во надлежност и ингеренции на институциите, при што граѓаните имале можност непосредно да ја видат реалната состојба.
„Надзорната расправа се случи. Ние побаравме седум гости да дојдат, тие побараа околу триесет, заедно целата опозиција. Премиерот побараа да биде прв, ние тоа барање им го прифативме и покрај тоа што е апсолутно ненадлежен за ова, мислејќи дека ќе креираат политика. И јас лично сметам дека прашањата коишто требаше да бидат поставени од страна на граѓаните, беа поставени и беа одговорени“,
рече Стојаноски.
