ДУИ ги отфрла обвинувањата поврзани со продажбата на акции на Стопанска банка АД Битола во 2023 година, посочувајќи дека тогаш не можело да се предвиди дека во 2025 година Владата ќе ја одобри продажбата на банката на српската Алта Банка
Опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) денеска преку писмено соопштение обвини дека владата на ВМРО-ДПМНЕ и Влен се обидуваат да им ја префрлат одговорноста за продажбата на Стопанска банка АД Битола на белградската Алта банка иако, како што велат, актуелната власт ги потпишала и одобрила овие одлуки.

ДУИ ги отфрла обвинувањата поврзани со продажбата на акции на Стопанска банка АД Битола во 2023 година, посочувајќи дека тогаш не можело да се предвиди дека во 2025 година Владата ќе ја одобри продажбата на банката на српската Алта Банка.
„Функционерите на ВМРО и Влен се однесуваат како во народната поговорка ‘Крадецот вика: држете го крадецот!’. Самите ѝ ја отворија вратата на Алта Банка, самите ги потпишаа и ги заверија одлуките, а сега излегуваат и ги обвинуваат другите. Откако ја завршија работата, сакаат да си ги измијат рацете. Но, лицето не се мие со валкана вода! Не ја навредувајте интелигенцијата на граѓаните мислејќи дека ваквите манипулации ќе ви поминат!“,
велат од ДУИ.
Опозициската партија вели дека уште пред влезот на Алта банка во земјава предупредувала за нејзините сомнителни врски со т.н. српски свет, но дека власта одбивала да ги послуша.
„Сега, кога на површина излегуваат сомнежите за заднината на оваа зделка, се прават како да паднале од Марс. Ништо не знаат, ништо не виделе, ништо не слушнале. Само едно заборавиле – нивните потписи стојат на документите! Вие ги донесовте одлуките. Сега не барајте го виновникот пред туѓа врата! Алта Банка не ја донесе ветрот, вие ѝ ја отворивте вратата! Алта Банка е ваше дете, кое не можете да го оставите пред туѓа врата!“,
додаваат од ДУИ.
Реакцијата на опозициската партија следува откако ВМРО-ДПМНЕ и Влен изминативе денови обвинуваат дека влезот на Алта банка во земјава бил овозможен во 2023 година од страна на СДСМ со поддршка на ДУИ. Влен дополнително обвини дека врската за влез на Алта банка е сватот на Али Ахмети, Селаудин Арифи.
