Во конкуренција на 98 шахистки до 10 години, Софија Беловска забележа пет победи, две ремија и два пораза. По бројот на освоени поени, таа се најде во групата од 11 шахистки што го делеа 11. место, а на конечната табела се пласира на 21. место според дополнителниот критериум Бухолц, кој ги зема предвид резултатите на противничките
Со освоени шест поени од девет партии, младата македонска шахистка Софија Беловска оствари најдобар резултат меѓу 18 македонски претставници на Европското првенство за млади во шах, кое се одржа на грчкиот остров Крит. Во конкуренција на 98 шахистки до 10 години, Беловска забележа пет победи, две ремија и два пораза.

По бројот на освоени поени, таа се најде во групата од 11 шахистки што го делеа 11. место, а на конечната табела се пласира на 21. место според дополнителниот критериум Бухолц, кој ги зема предвид резултатите на противничките. Од шестото до осмото коло, младата Беловска оствари три победи по ред.
Најпрво ја совлада белоруската шампионка Кристина Шајунова, потоа германската вицешампионка Варвара Сигачева, а во осмото коло ја победи и актуелната шампионка на Германија, Ана Валентина Оздемир. Со оваа серија, Беловска влезе во последното коло со можност за пласман меѓу првите десет. Во партијата против Турчинката Бера Јилмаз, играјќи со црните фигури, имаше предност, но под притисок на времето партијата заврши реми. Со победа ќе имаше 6,5 поени, колку што освоија шахистките пласирани од петтото до десеттото место.
Првите две победи Беловска ги оствари против Португалката Беатрис Гонсалвеш, шампионка во брз шах до 10 години и Турчинката Асја Јавуз, добитничка на бронза на националното првенство до девет години.
Шест поени од девет партии на Европско младинско првенство освои и македонскиот интернационален мајстор Емил Ристески. Од останатите македонски претставници на Крит, Моника Жежовска и Давид Атанасовски освоија по пет поени, а четири поени освоија Мајкл Бурнс, Џошуа Бенџамин Бурнс, Илијана Велева и Калин Стаменковски.
Првенството се одржа од 3 до 12 ноември во Херсонисос, на грчкиот остров Крит, во шест возрасни категории од 8 до 18 години, во женска и во отворена конкуренција.
