Проекциите на ММФ, кои, како што вели лидерот на СДСМ, ја рангираат земјава на 41. место од 48 европски економии по проектиран БДП по жител, според него, ја покажуваат реалната состојба на македонската економија, а не бајките на Мицкоски за трета економија во Европа и лагите за најбрз раст на платите и пензиите
Каква трета економија, Македонија е на дното во Европа по проектиран БДП по жител – вели лидерот на СДСМ, Венко Филипче, повикувајќи се на податоци на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), според кои, како што вели, земјава е рангирана на 41. место од 48 европски економии по проектиран БДП по жител.

Проекциите на ММФ, вели Филипче, ја покажуваат реалната состојба на македонската економија, а не бајките на Мицкоски за трета економија во Европа и лагите за најбрз раст на платите и пензиите.
„Проекциите на ММФ велат БДП по жител во Македонија ќе изнесува 11 762 долари. Од земјите во регионот, пред нас се Србија, Црна Гора, Албанија. Разликата со најбогатите европски економии, пак, останува огромна. Ова е сè она што СДСМ го зборува последната година. Сега потврдено и од ММФ“,
изјави Филипче.
Ваквата реалност, додава лидерот на опозицијата, граѓаните многу добро ја знаат и секојдневно ја чувствуваат со растот на цените и стагнацијата на платите. Ниту три плати, додава Филипче, не се доволни за да се покријат месечните трошоци, кои според синдикалната кошничка изнесуваат 90 000 денари.
„Реалноста е дека имаме четири милијарди евра ново задолжување за две години. Реалноста е дека луѓето живеат полошо. Реалноста е очекуваното поскапување на струјата и парното. Реалноста е дека нема зголемување на минималната плата. Наместо тоа, слушаме само бајки од Христијан Мицкоски, кој се бори единствено за своите криминални тендери и за сопствениот профит, како шеф на организирана криминална група која во изминатите две години целосно ја осиромашува земјата. За сето ова ќе има одговорност. Бандата ќе одговара“,
изјави лидерот на СДСМ.
