Битиќи посочи дека Буџетот за 2027 година претставува продолжување на економски модел кој ги исцрпува развојните можности на државата, ги зголемува долговите и ги става во втор план инвестициите и потребите на граѓаните
Според пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ, предлог-буџетот за 2027 година е буџет што решава проблеми и создава развој и проекти, но и буџет со кој мора да се исплатат долговите што ги направила минатата власт

Власта и опозицијата имаат различни ставови околу предлог-буџетот за 2027 година. На денешната седница на Комисијата за финансирање и буџет ги вкрстија аргументите околу предлог-буџетот.
Според опозицијата, тој е неразвоен, скратени се парите за наука, борбата против корупцијата и животниот стандард на граѓаните. За власта, пак, со предлог-буџетот се обезбедува редовно сервисирање на обврските и се исплаќаат долговите создадени од минатата власт.
Според Фатмир Битиќи од СДСМ, буџетот е неразвоен, државата одвојува огромни средства за да ја одржува економијата каква што е, а развојната компонента е намалена.
Тој посочи дека Буџетот за 2027 година претставува продолжување на економски модел кој ги исцрпува развојните можности на државата, ги зголемува долговите и ги става во втор план инвестициите и потребите на граѓаните.
„Вкупните расходи од 440,44 милијарди денари, дури 399,62 милијарди се тековни расходи, а само 40,82 милијарди денари се капитални расходи, што покажува дека Владата речиси 91 отсто од парите ќе ги троши за тековно функционирање, додека само 9,3 проценти за капитални вложувања“,
рече Битиќи.

Спорд него, особено загрижувачки е растот на средствата за камати, кои се зголемуваат за 18,2 проценти, наспроти капиталните расходи кои растат за само 1,7 отсто.
Битиќи предупреди дека јавниот долг достигна 10,93 милијарди евра, наспроти 8,48 милијарди евра на крајот на 2023 година, што се дополнителни 2,45 милијарди евра задолжување, односно раст од речиси 29 % за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.
„Денес, пресметано по жител, јавниот долг достигнува приближно 6.000 евра за секој граѓанин, вклучително и за секое новородено дете“,
рече Битиќи.
Во образложението Битиќи посочи дека Буџетот мора да се оценува и според тоа дали им овозможува на граѓаните достоинствен живот, а реалноста покажува дека работниците сè потешко можат да ги покријат основните трошоци. И во новиот буџет нема повисока минимална плата.
Битиќи порача дека овој буџет не е достоен за поддршка и пратеничката група на СДСМ и коалицијата нема да го поддржи.
„Најсериозниот приговор кон овој буџет е што со јавните пари се купува време за постојниот економски модел, додека на граѓаните им се одзема времето за развој, напредок и нови можности. И затоа сметам дека овој буџет не е достоен ниту за да се поддржи, ниту да се даде било каква позитивна оценка. Се додека не видиме вистински насоки во вистинска борба за корупција и криминал, кое е олицетворение на оваа Влада, вистински реформи во секој еден сектор за да се дадат нови можности на новите генерации, буџет предводен од ВМРО и нивната клика, нема да се поддржи“,
рече Битиќи.
Според пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ, предлог-буџетот за 2027 година е буџет што решава проблеми и создава развој и проекти, но и буџет со кој мора да се исплатат долговите што ги направила минатата власт.
„Државниот буџет не почнува од нула на 1 јануари. Тој ги носи и долговите што доспеваат, каматите што мора да се платат и потребата јавните финансии да останат стабилни. Во 2027 година доспеваат обврски за сервисирање и рефинансирање на долг во поширок износ од околу 124,6 милијарди денари, односно приближно две милијарди евра. Во директниот буџетски приказ, само за отплата на главнина се предвидени 64,7 милијарди денари: 46,5 милијарди за надворешен и 18,1 милијарда за домашен долг. Ова не се нови проекти, ова се обврски што мора навреме да се исполнат“,
рече Стојановски.

Стојановски образложи дека еврообврзницата од 500 милиони евра, издадена во 2023 година, доспева за отплата во 2027 година. Само за камати, додаде тој, се планирани 24,9 милијарди денари, или околу 405 милиони евра. Тоа се околу 62 милиони евра повеќе од 2026 година, односно раст од 18,2 отсто.
„Каматата е цена на задолжувањето, а секој денар потрошен за камати е денар што не може да се насочи кон друга јавна потреба, што значи дека вкупниот обем на плаќања за главнина и камати, во поширокиот опфат, достигнува приближно 2,43 милијарди евра. За 2027 и 2028 година ќе треба да се обезбеди ликвидност од околу пет милијарди евра: приближно 2,4 милијарди во првата и 2,7 милијарди во втората година“,
кажа Стојановски.
Образложувајќи го секој сегмент од предлог-буџетот, Стојановски ги спомена и приоритетите – 123,8 милијарди денари за пензии, 58,7 милијарди денари за здравствена заштита, речиси 2,9 милијарди денари за активни мерки за вработување и 40,8 милијарди денари за капитални инвестиции.
Претседателот на Фискалниот совет, Амбулменаф Беџети, со препорака „да не се робува на проекциите, туку да се посвети внимание на златните фискални правила“.
„Да не им робуваме на бројките што сме ги нормирале. Ниедна земја членка на ОЕЦД, ниедна земја на Европската Унија не може докрај да ги почитува своите фискални правила. Дајте повеќе да се посветиме на златните фискални правила, а едното од нив е да водиме сметка за висината на капиталните инвестиции, на нивниот квалитет и на нивната реализација, како и враќање на долгот кон економијата што државата го има, особено ДДВ, субвенциите што ги даваме кон извозно-ориентираните компании и слично“,
рече Беџети.
Седницата продолжува в понеделник во 11.30 часот.
