Зекирја Тахири од Влен упати прашања до Ахмети и до неговата партија да одговорат по кои економски критериуми бил одобрен кредитот и дали постои поврзаност меѓу финансирањето на компанијата и политичките релации на семејството Ахмети. Отвори и прашање дали кредитот имал каква било врска со обидите на Алта банка да влезе на македонскиот банкарски пазар и да ја преземе Стопанска банка Битола
Од владејачката Влен денеска соопштија дека компанија поврзана со семејството на лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, добила кредит од пет милиони евра од белградската Алта банка во јуни 2025 година, во периодот кога банката се подготвувала за влез на македонскиот пазар.

На прес-конференција, Зекирја Тахири од Влен вели дека станува збор за кичевската компанија „АС Сењак“, во сопственост на Селаудин Арифи, за кого тврди дека е сват на Ахмети.
Според него, компанијата е партнер и на внукот на лидерот на ДУИ, Дрин Ахмети, во преземањето на „Соравија“.
„На 9 јуни 2025 година, токму во екот на подготовките за влез на српската Алта банка во Македонија, компанија во која косопственик е токму ‘АС Сењак‘ на сватот на Ахмети, добива кредит од пет милиони евра и тоа директно од централата на Алта банка во Белград“,
вели Тахири.
Упати прашања до Ахмети и до неговата партија да одговорат по кои економски критериуми бил одобрен кредитот и дали постои поврзаност меѓу финансирањето на компанијата и политичките релации на семејството Ахмети. Отвори и прашање дали кредитот имал каква било врска со обидите на Алта банка да влезе на македонскиот банкарски пазар и да ја преземе Стопанска банка Битола.
„По која економска логика и за какви заслуги банката на Давор Мацура од Белград исплаќа пет милиони евра свеж капитал на фирма директно поврзана со семејството на Ахмети? Како е можно банка од Србија, токму во моментот кога бара начин за влез и купување на Стопанска банка Битола во Македонија, да кредитира со милионски суми фирми на сватот на лидерот на партијата чии кадри, Фатмир Бесими, Бујар Османи и Артан Груби, со години ги контролираа финансиските и државните текови? Дали со овие пет милиони евра кредит исплатени од Белград за семејната мрежа на Ахмети, Давор Мацура всушност си ја платил политичката поддршка и си го купил влезот во македонскиот банкарски систем?“,
праша тој.
Побара Јавното обвинителство и Управата за финансиско разузнавање да ги испитаат меѓународните трансакции од 9 јуни 2025 година, условите под кои бил одобрен кредитот, обезбедувањето и сметките на кои завршиле средствата.
„Ова не е обичен бизнис, ова е класична шема на политичко-финансиска корупција. Затоа, денес јавно ги повикуваме Јавното обвинителство и Управата за финансиско разузнавање веднаш да ги отворат меѓународните трансакции од 9 јуни 2025 година и да ги испитаат околностите под кои услови е одобрен овој кредит од Белград, со каков залог е покриен и на чии сметки во Македонија завршиле петте милиони евра од Алта банка?“,
вели Тахири.
Најави дека на следната прес-конференција партијата ќе објави дополнителни информации за настаните што се случиле три месеци по исплатата на кредитот.
