Тоа се вкупно 1 897 настани за пријавени кривични дела, од кои најголем дел, односно 95 проценти, се за телесна повреда при вршење семејно насилство и загрозување на сигурноста – покажуваат статистиките на МВР и споредбената анализа на состојбите со семејното насилство во првите десет месеци од 2026 година со истиот период лани
Бројот на пријавени случаи на семејно насилство во првите десет месеци од годинава е зголемен за 70 проценти во однос на истиот период лани. Тоа се вкупно 1 897 настани за пријавени кривични дела, од кои најголем дел, односно 95 проценти, се за телесна повреда при вршење семејно насилство и загрозување на сигурноста.

Ова го покажуваат статистиките на Министерството за внатрешни работи и споредбената анализа на состојбите со семејното насилство во првите десет месеци од 2026 година со истиот период минатата година, кои денеска беа презентирани од министерот Панче Тошковски на брифинг со новинарите.
Заклучно со октомври годинава, поднесени се вкупно 1 450 кривични пријави за 1 489 кривични дела, што е зголемување за над 50 отсто. Најголем процент од делата, односно 20 отсто, се на подрачјето на Скопје. По брза постапка се поднесени вкупно 153 кривични пријави, што е зголемување за 160 проценти во однос на истиот период минатата година. Најголем дел од нив, односно 65 пријави, се поднесени во Скопје.

„Жените најчесто се нападнати и повредени во својство на сопруги, како жени во вонбрачна заедница и мајки“,
нотираат од МВР.
Зголемување има и кај бројот на сторители. Во првите десет месеци од годинава мерки на кривичен прогон се преземени против 1 521 сторител, што е раст од 48 проценти во споредба со истиот период лани.
Во анализираниот период зголемен е и бројот на определени мерки за сторителите. Притвор им е определен на 163 сторители, што е повеќе за 270 проценти во однос на минатата година, а мерки на претпазливост и итни мерки за отстранување на забрана за приближување до домот им се одредени на 167 сторители.

Во однос на прекршоците, во првите десет месеци од 2026 година се регистрирани 182 прекршоци, за кои се пријавени 221 сторител и 214 жртви. Најчесто пријавени се физичките напади, со 65 регистрирани случаи, карањето и викањето на јавно место со 45 и учеството во тепачка со 36 случаи.
Истовремено МВР регистрира тренд на намалување на бројот на поплаки со елементи на семејно насилство. Во анализираниот период се евидентирани 4 466 поплаки, што е за 7,2 проценти помалку во споредба со истиот период минатата година. Како жртви во овие поплаки се евидентирани 4 579 лица.

Освен споредба на првите десет месеци од годинава со истиот период минатата година, МВР направи и осврт на состојбата со семејното насилство во периодот од 2021 до 2025 година.
Во овој период се регистрирани 5 537 кривични дела од семејно насилство, 5 699 сторители и 5 890 жртви. Најголем дел од сторителите, односно 91 отсто се мажи, а најголем дел од нив делата ги извршиле во својство на сопруг, односно вкупно 2 258. Дури 79 отсто од регистрираните 5 890 жртви се жени. Тие најчесто се напаѓани и повредувани како сопруги, мајки и како жртви во вонбрачна заедница.

Кривичните дела, жртвите и сторителите во овој период бележат зголемен тренд, велат од МВР, од каде што додвааат дека на годишно ниво просечно се регистрирани околу 1 107 кривични дела.
Во периодот од 2021 до 2025 година најзастапени се кривичните дела телесна повреда при вршење на семејно насилство (3 347) и загрозување на сигурноста (1 979 кривични дела). Во истиот период нотирана е доминацијата на физичкото насилство, при што 85 отсто од делата се извршени со употреба на физичка сила.
Од МВР додаваат дека во овој период регистрирани се вкупно 23 642 поплаки, кои од година в година бележат зголемен тренд. Најчесто поплаките се по основ на психичко вознемирување, физичко малтретирање.
