Од партијата потсетуваат и на претходни изјави на Костадиновски, во кои тој посочувал дека долговите на јавните претпријатија се реални пари што им припаѓаат на доверителите, додавајќи дека по средбите со премиерот Мицкоски тој го ублажил својот став, посочувајќи дека Уставниот суд не може да се однесува „аутистично“ и дека не би поддржал одлука што би довела до колапс и банкрот на државата
Од партијата Левица во денешното соопштение изнесуваат наводи за можна поврзаност меѓу премиерот Христијан Мицкоски и претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, во врска со одложувањето на одлучувањето за уставноста на членот 218 од Законот за извршување.
Оттаму велат дека и покрај тоа што Уставниот суд претходно повел постапка за оцена на уставноста на оваа законска одредба, предметот сè уште не е ставен на гласање на јавна седница.

„Претседателот на Уставниот суд и поранешен кабинетски советник на Ѓорге Иванов – вмровецот Дарко Костадиновски, упорно одбива да го стави на гласање на јавна седница предметот по иницијативата со кој се оспорува токму контроверзниот член 218 од Законот за извршување, иако претходно Судот донел решение за поведување на постапка за оцена на уставноста на законот!? Имено, Уставниот суд веќе констатирал дека тоа што јавните претпријатија се заштитени како бели мечки од присилно извршување на нивните сметки ‘изразува сомнеж за правна непредвидливост, воведувајќи генерална и нејасна законска забрана за извршување врз предмети и права, без притоа да се воспостават правни стандарди и да се прецизира кои се тие ствари и права кои се неопходни за вршење на нивната дејност, т.е. задачи‘,
се вели во партиското соопштение.
Левица се повикува на пресудата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур во случајот „АД Осигурителна полиса против Република Македонија“ од ноември 2025 година, за која наведува дека укажува на долгогодишно неоправдано привилегирање на државните органи, јавните претпријатија и општините во постапките за извршување на правосилните судски пресуди.
Според партијата, акумулираниот јавен долг по овој основ изнесува околу 700 милиони евра, а неизвршувањето на конечните и извршни пресуди ги повредува владеењето на правото, правната сигурност и правото на сопственост на граѓаните и компаниите од приватниот сектор.
Во соопштението се посочува дека Уставниот суд претходно изразил сомнеж за правната предвидливост на членот 218, оценувајќи дека одредбата воведува генерална и нејасна забрана за извршување врз предмети и права на јавните претпријатија, без прецизно да се утврди што е неопходно за вршење на нивната дејност.
Левица потсетува и на претходни изјави на Костадиновски, во кои тој посочувал дека долговите на јавните претпријатија се реални пари што им припаѓаат на доверителите, додавајќи дека по средбите со премиерот Мицкоски тој го ублажил својот став, посочувајќи дека Уставниот суд не може да се однесува „аутистично“ и дека не би поддржал одлука што би довела до колапс и банкрот на државата.
„Значи, слично како и Врховниот суд на РМ, и Уставниот суд оправдано се посомневал во уставноста на вака утврдената оспорена норма, благодарение на која граѓаните и по 15 години не можат да си ги наплатат побарувањата од јавните претпријатија, кои се раководени од неспособните партиски кадри на ДПМНЕ или СДСМ. Да биде иронијата поголема, дури и самиот судија Дарко Костадиновски своевремено изјавуваше дека: ‘Тие милионски евра долгови на јавните претпријатија се нечии пари. Тоа не се имагинарни или виртуелни пари, туку пари кој некој доверител ги побарува‘! Но, по една од многуте недолични средби на Костадиновски со премиерот Христијан Мицкоски, истиот одеднаш магично ретерираше за 180 степени и значително го омекна во својот првичен став, велејќи: ‘Па, видете, не може Уставниот суд да се однесува аутистично и јас лично, во никој случај, не би поддржал одлука што би довела до колапс и банкрот на државата‘!?“,
велат од партијата.
Од партијата го поставуваат и прашањето дали одложувањето на предметот е дел од наводен договор меѓу Мицкоски и Костадиновски, според кој претседателот на Уставниот суд би го задржал предметот надвор од мериторно одлучување, а по завршувањето на судискиот мандат би добил професорско место на државен универзитет.
„Дали намерното чување на овој сензитивен предмет во фиоката на претседателот на Уставниот суд, кој треба да е првоповикан ‘чувар на Уставот‘, е таен лукративен договор меѓу судијата Костадиновски и премиерот Мицкоски – првиот континуирано да го одолговлекува и да не го става на мериторно одлучување, а вториот за возврат на оваа коруптивна услуга – по завршување на мандатот како уставен судија – да му овозможи професорско место на еден државен универзитет, на катедра за кој тој нема соодветни научни квалификации?“,
се посочува во соопштението од Левица.
Партијата бара одговори од премиерот и претседателот на Уставниот суд и ја повикува Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) да отвори предмет по допрен глас и да ги испита изнесените сомнежи.
