На повеќето железничките станици на линијата Зелениково-Скопје, дури и во најфрекфентните часови, се качуваат малку патници. Оддалеченоста на станиците и стојалиштата од поголемите населени места се чини дека е една од главните причините што засега нема повеќе корисници на новото средство за јавен транспорт во Скопје
А, билетот чини само 40 денари во една и 70 денари во друга насока. Од центарот на Скопје до Зелениково (и обратно) се стига за помалку од половина час. Тоа е барем двојно побргу отколку да се патува со автомобил или автобус, особено при утринскиот и попладневен сообраќаен метеж
За оние што секое утро патуваат на работа во Скопје, важно е и колку време ќе минат во пат и дали ќе стигнат навреме. Градскиот воз од Зелениково, ана оние што живеат во наслебите низ кои поминува возот, им нуди можност да го избегнат утринскиот метеж. Но, кога избирате како да стигнете на работа, се смета и времето од дома до станица. А важно е и дали има воз кога ви почнува или заврши смената.
Часот е некоја минута пред 6 и 20 наутро. Надвор сѐ уште владеат мрак и утринска тишина. На перонот на железничката станица во Зелениково стои градскиот воз. Неговите врати полека се отвораат и трпеливо ги чекаат првите патници. Почнува нов работен ден.

Зелениково е почетната станица. Орешани е следно населено место. Се качија уште неколку патници, но возот и натаму не е ниту приближно полн.
Цената на билет во еден правец, каде и да се качите или да треба да се симнете, е само 40 денари. Повратниот е 70 денари. Билетот се купува директно во самиот воз, од кондуктерот.
Важно е да се има предвид дека не може да се плати со платежна картичка. Имајте подготвено пари во готово.

Патниците што го користат возот, кој почна да сообраќа неодамна, велат дека стигнуваат многу побрзо до центарот на Скопје отколку со автобус или автомобил. Не заглавуваат во гужви.
Во ова време доаѓаше Битолскиот, значи мене исто ми доаѓа – шест и дваесет тргнува, тука треба да биде некаде, но овој е по друго, со возен ред е за цел ден. Значи јас сум сега за дваесетина минути на работа.
360°: Порано колку ви требаше?
Па зависи, со автобус ако се качиш, ти треба околу саат и 10-ина или 15 минути.
вевли жител на Зелениково.
Сепак, имаат забелешки. Главната е – возниот ред.


Мислам дека треба само една ноќна линија да се воведе за помладите, по 12:00-1:00, помладите тука се малце хендикепирани со излегување во град.
додава жителот на Зелениково.
Според мене возниот ред некако не е усогласен со работното време на многу работници. Мислам дека треба да се направи некаква промена на возниот ред, таман се возовите, меѓутоа треба да се направи некоја промена во возниот ред.
рече жителка на Зелениково што го користи градскиот воз.
Еве и што е проблемот. Првиот воз тргнува од Зелениково во 6:20 часот и веќе пред 7 е во Скопје. Следниот тргнува во 8:30, што значи дека е во Скопје околу 9 часот. За многумина, првиот тргнува прерано, а вториот предоцна.

До Железничката станица во Скопје, градскиот воз застанува на неколку други станици – Јане Сандански, Драчево и Лисиче. Немаше поголеми задржувања, освен на станицата во Драчево, каде што се чекаше 3 до 5 минути. Меѓутоа, тоа не беше поради многу патници, туку поради вкрстувањето на возот со оној што сообраќаше кон Велес.

За неполни 30 минути од Зелениково стигнавме до Железничката станица во Скопје.
Откако се симнаа сите патници, возот тргна назад. Но во тој термин, од 7:30 часот од Скопје кон Зелениково, не се качи ниту еден патник.

Најголем број патници очекувавме, но нив ги немаше, на станицата во Драчево. Таму има најмногу жители во околината. Во населбата железничката станица се доживува како непристапна.



Прво, им е далеку. Второ, сите си одат со автобус на работа и луѓето што се пензионери не одат, чекаат деновиве кога се за автобуси. Трето – нема фирми каде да работат. Порано јас работев во железница и знам, порано сум издавал за Зелениково по 1200 ученички и работнички карти, сега нема ништо.
вели жител на Драчево.
Мислам дека железничката станица таму е малку подалеко од Драчево. Тие што се поблиску таму може да го користат, а инаку овде далеку е. Треба да отидеш до таму, па да се качиш во возот па да отидеш до град.
изјави жител на Драчево.
Сега мислам за нас е далеко, убаво тоа што е направено ама промашај, баш си правам муабет со луѓе викаат по двајца тројцаво воз се не се исплати, неисплатливо само трошкови се прави повеќе.
смета жител на Драчево.
Мапите на Гугл покажуваат дека, зависно од кој дел на Драчево ќе се тргне, до железничката станица има од 5 до 35 минути одење. Но, времето не е единствениот недостаток. Последните минути од патот не се пријатни за одење пеш. Многу е побрзо ако човек одлучи да дојде до железничката со кола, велосипед или тротинет, но нема организиран паркинг. Добро, барем тротинетот и велосипедот можат да се понесат во воз.


Најголемиот сообраќаен хаос во Скопје настанува околу 16 часот, кога бранот граѓани кои се враќаат од работа создава бесконечни колони возила низ булеварите и предизвикува големи доцнења на градските автобуси.

Токму тогаш, кога сите се враќаат од работа, се вративме назад на Железничката станица во Скопје. Линијата на Градскиот воз кон Зелениково стигна навреме, во 16 часот и 20 минути. Почна качувањето на патниците. Забележавме дека повеќето беа истите со кои се возевме утрината, од Зелениково кон Скопје. Возот, се чини, главно го користат исти, редовни патници.
Кај повеќето се чувствуваше замор од работниот ден. Не беа расположени за разговор пред камера. Една млада девојка, сепак, се согласи.

Па, пробувам почесто бидејќи многу полесно ми е временски, многу побрзо се стигнува за разлика од автобусите и едноставно повеќе ми се допаѓа. Се трудам што повеќе да го користам бидејќи ми е попрактично. Мислам дека треба само почесто да доаѓа и треба повеќе да го има во ноќните часови. Бидејќи, на пример, еве да сакам да се вратам со воз навечер, тоа е само до 9:00 и ми треба за до подоцна.
вели млада девојка што се вози со градскиот воз.
Поминаа околу два месеци од промоцијата на првата линија на Градскиот воз. Нашиот тест покажа дека е точен и пристоен начин на јавен превоз. Но, капацитетот е сериозно неискористен – што поради недостаток на навика, што поради возниот ред и недоволната пристапност на железничките станици.


Планот е наскоро да се отворат уште две линии – едната преку Маџари до Миладиновци и другата преку Скопје Север до Ѓорче Петров и Волково.

