Двете поставени маси за ручање, како што може да се види од фотографиите, се студентска и пратеничка. Тие ја покажуваат споредбата меѓу оброкот што им се нуди на пратениците и храната што можат да ја купат студентите со 140 денари, колку што изнесува сумата што ја добиваат за студентски оброк

Две маси со два различни оброка поставени на нив се дел од герила-акцијата поставена од групата „Урбани уметнички акции“ на скверот пред ТЦ „Буњаковец“ во Скопје.
На едната маса е поставена чинија во која има суво парче леб, конзерва туна, кромид, пиперка и шише со сок од половина литар.
На втората маса во чинијата има декорирано парче бифтек и празна чаша за вино.
Двете поставени маси за ручање, како што може да се види од фотографиите, се студентска и пратеничка. Тие ја покажуваат споредбата меѓу оброкот што им се нуди на пратениците и храната што можат да ја купат студентите со 140 денари, колку што изнесува сумата што ја добиваат за студентски оброк.
На масата со студентскиот оброк е поставено испечатено мени на кое се покажува што може да се купи до „плафонот“ од 140 денари – бурек со сирење и јогурт кој чини 120 денари, павлака и половина леб се 90 денари, чија-пудинг е 140 денари, а толку чини и грав без месо.

На масата со пратенички оброк во менито што се нуди во собраниското бифе може да се види дека омлет со сланина чини 85 денари, тост со свински врат и кашкавал е 120 денари, пилешко печење е 115 денари, а плескавица со кашкавал е 210 денари.

На двете листи со менија се наведува дека станува збор за сатирични менија.
Во објавата на Инстаграм од „Урбани уметнички акции“ во описот на фотографиите пишува единствено „Општествени контрасти“.
Претставникот на Форумот за образовни промени, Бленди Ходаи, споделувајќи ги фотографиите на неговиот профил на Фејсбук праша:
„До кога за едните луксуз на државна сметка, а за другите борба за опстанок?“.
Пред оваа герила-акција, Форумот за образовни промени соопшти дека поднел тужба против Министерството за образование и наука пред Управниот суд поради, како што тврдат од организацијата, непочитување на Законот за субвенциониран студентски оброк.
Од Форумот наведуваат дека МОН во изминатите три години не го спроведувало законското усогласување на износот на субвенцијата со годишната стапка на инфлација, предвидено во членот 2.1 од Законот.
Ходаи, при поднесувањето на тужбата против Министерството за образование и наука, побара Владата и Собранието да ги отворат вратите за студентите, за и тие да можат да јадат бифтек по цена од 160 денари, како пратениците и министрите.
