Пратеничката Рина Ајдари од ДУИ прва побара пауза за да се обезбеди присуство на министрите, а по нејзиното завршување едночасовна пауза побара и пратеникот Даниел Стојчевски од ЗНАМ. Се разви расправија околу толкувањето на Деловникот за одржување на седницата за пратенички прашања
Денешната собраниска седница посветена на опозициските пратенички прашања беше на неколкупати прекината, поради што беше потрошен дел од времето предвидено за нивно поставување.

На почетокот на седницата, опозицијата реагираше дека во пленарната сала не се присутни министрите кои треба да одговараат на пратеничките прашања.
Координаторката на пратеничката група на ДУИ, Рина Ајдари, побара министрите да влезат во салата, посочувајќи дека има прашање до министерот за правда Јетон Шасивари, кое било најавено пред три недели. Таа обвини дека министрите не се присутни во салата и побара едночасовна пауза.

„Барам министрите да влезат во салата. Имам прашање за министерот за правда Јетон Шасивари најавено уште пред три недели, а тој е отсутен. Повикајте ги министрите да бидат присутни во салата, а не да седат во собраниското бифе, за да продолжиме со пратенички прашања“,
рече таа.
Гаши: Опозицијата сама си го скратува времето за пратенички прашања
Собранискиот спикер Африм Гаши ѝ одговори дека министрите биле повикани, дека дел од нив се присутни, а оние што се на ред за одговарање ќе дојдат кога ќе бидат поставени прашањата до нив.
„Тука се тие кои се на ред да им бидат поставени прашања, другите ќе дојдат кога ќе бидат на ред за прашања. Министрите кои службено се надвор од државата ме известија, но тука се заменик-министрите“,
кажа тој.

Расправијата околу паузите и толкувањето на Деловникот предизвика реакции од пратениците, а претседателот на Собранието, Африм Гаши, порача дека опозицијата сама си го скратува времето за прашања.
„Седницата беше спремна. Дали ќе барате пауза или процедурално останува на координаторите. Ве молам, оваа политичка дебата можете да ја правите меѓу политичите партии, но не кон службата на Собранието или кон претседателот на Собранието“,
рече Гаши.
Пратеникот Оливер Спасовски од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) рече дека седницата треба да продолжи и дека министрите не треба да се штитат, односно оти треба два часа да седат во собраниските клупи и да одговараат.
Во меѓувреме имаше дофрлувања од пратениците што седеа, по што тој рече:
„Тоа што го покажуваш, да си го покажеш на лидерот на партијата, а не мене“.
По неговото излагање, Гаши рече дека нема потреба од такви тензии, односно вештачки да се создава негативна атмосфера.
„Многу е крената тензијата. Давам пауза. Ќе ја прекинам седницата. Ги повикувам координаторите на пратеничките групи да се договориме. Не е добро граѓаните да гледаат ваква атмосфера“,
кажа Гаши.
Стојчевски: Опозиција бара пауза на инструментот наменет за опозицијата
По завршувањето на паузата, процедурално се обрати пратеникот од владејачкото мнозинство Даниел Стојчевски од ЗНАМ. На довикувањата од опозициските пратеници зошто излегува на говорница, Стојчевски одговори:
„Што ти е гајле тебе за што побарав процедурално“.

Го прочита членот 38 од Деловникот, кој го уредува правото на пратениците да поставуваат прашања до претседателот на Владата, министрите и другите носители на јавни функции кои се одговорни пред Собранието.
Стојчевски оцени дека инструментот пратенички прашања повторно се бојкотира со барање едночасовна пауза.
„Ние сме единствена држава во светот каде опозиција бара пауза на инструментот наменет за опозицијата. Тука сме, тука се и министрите и заменици, и пак се бара пауза. Користете ги пратеничките прашања, за тоа имате одговорност пред граѓаните кои ве избрале и за тоа сте платени“,
рече Стојчевски.
Потоа, побара едночасовна пауза, додавајќи дека се надева оти опозицијата ќе биде подготвена за следната седница.
Ова предизвика негодување кај опозициските пратеници.
Гаши, потоа најави дека седницата ќе продолжи со утврдените точки на дневниот ред.
