Пред една година, кога ја бараа довербата на граѓаните, дел од денешните градоначалници ветија дека ќе ги исчистат дивите депонии. Кога може да се каже дека едно такво ветување е исполнето? Доволно ли е општината да го собере ѓубрето ако по неколку недели на истото место повторно се истовара шут? И какво решение им нуди на жителите кога имаат отпад што не се собира во канта?
Направивме теренска проверка – што е направено на оваа тема во првата година од мандатот во Теарце, Кривогаштани, Прилеп и Струга. Што велат градоначалниците, како го оценуваат сработеното здруженијата што ги следат изборните ветувања и што гледаат граѓаните во своето соседство
Теарце
Теарце е општина во северозападна Македонија, во областа Долни Полог. Последниот попис покажа дека има 17 694 жители кои, според документи на општината, генерираат околу 6 000 тони комунален отпад годишно.
А како е организирано неговото собирање? Едноставно – секое домаќинство треба да има канта, а општината преку јавно-приватно партнерство ангажирала фирма што го собира ѓубрето и го носи во регионалната депонија „Русино“ кај Гостивар. И за тоа се плаќа месечна сметка.
„Доаѓаат еднаш неделно. Во понеделник, еве, завчера дојдоа. Тоа чини 270 денари, толку.“
360°: Дали сите ваши соселани имаат канта или некои не сакаат?
„Имаат. Мнозина имаат“,
рече жител на Теарце.
Мнозина, значи – не сите. Помеѓу селата Глоѓи и Доброште има мало фудбалско игралиште. Но, наместо за спорт, местово служи за нешто сосема друго. Жителите што не сакаат да плаќаат сметки, оние што имаат повеќе отпад од една или две канти неделно, оние што имаат градежен шут и не знаат што да прават со него, како и несовесни луѓе од други населени места – придонеле да се создаде оваа дива депонија.

„Што треба да се направи? Луѓето да не фрлаат. Канти имаат и сè што треба. Тука! А не во река, таму. Се собира тоа ѓубре. Не знам какво решение треба.“
„Селаните имаат специјален багер што го плаќаат. И ако е премногу, не можат да влезат тие што фрлаат, ги плаѓаат приватните и ќе ја наместат.“
„Се фрла во селото. Не знам каде се фрла. Треба тие што го земаат сметот и општината нешто да направи“,
рекоа жителите со кои поразговаравме.
Од локалната самоуправа велат дека ги чистат дивите депонии колку што можат, со оглед на тоа дека немаат буџет за таа намена. Затоа ги повикуваат граѓаните да ги користат кантите. А, ако имаат градежен шут, да ја контактираат општината која ќе најде решение.
„Повеќе проблеми имаме со инертниот отпад. И се знае дека со инертниот некогаш се меша и друг. Некоја фамилија може да има една канта ама не е доволно и секој месец тоа се повторува. Некој што има повеќе од две канти мора да го фрли некаде. Ако му кажеш дека треба да плати две канти, тој има договор само за една канта, а за остатокот ќе најде чаре да го фрли некаде. Со инспекторатот секогаш ги следиме. Да бидеме реални, ние имаме некои граѓани што ги казнивме“,
вели Даут Мемиши – градоначалник на општина Теарце.
Отстранување нелегални депонии, одржување јавна хигиена и воопшто грижа за еколошките стандарди беа дел од предизборните ветувања во многу општини, па и во Теарце.
Исполнувањето на слични ветувања во неколку општини ја следи граѓанскиот сектор преку Програмата за поддршка на изборите во Северна Македонија. Тоа е проект на швајцарската влада што го спроведува Меѓународната фондација за изборни системи ИФЕС во соработка со локални здруженија.
На нивната матрица за следење на изборните ветувања на локалните самоуправи, општина Теарце е означена со црвена боја. Таквиот резултат сугерира дека е направено недоволно во однос на ветувањето – отстранување на нелегалните депонии.
„Тие ветувања беа дадени во предизборната кампања меѓутоа, сепак, не дека не се работи. Од 12 депонии има две веќе исчистени. Проблемот е во тоа што ние тоа не можеме да го идентификуваме во буџетот и во официјалните документи што се продукт на самата општина“,
смета Флорент Бајрами – координатор на здружението „За Тетово“.
Затоа на хартија личи како да не се работи ништо, па потребна е поголема транспарентност со јавно објавување податоци.
„Би било од јавен интерес да се знае колку пари се трошат за тие депонии, како се трошат, дали има тендер, ако се оди со тешка механизација, каква е процедурата. Сè со цел општината да биде што потранспарентна. На колкава површина е таа депонија, ако може да се мери, или ако веќе е исчистено, колку кубни метри се исчистени итн. Добро е да се има што повеќе информации за граѓаните навистина да знаат како се реализираат ветувањата“,
додава тој.
Градоначалникот тврди дека на терен се исчистени повеќе депонии, не само две. За тоа да биде проверливо најавува поголема транспарентност.
„Ние сега со експертите од ИТ што ги имаме ќе ја смениме и интернет-страницата на општина Теарце и се работи на тоа секој ден. Треба сите податоци од старата да ги внесеме во новата и да ја објавиме. Ама ни треба време. Во право сте. Транспарентноста – јас секогаш сум блиску до граѓаните ама за жал еве тоа не можеше да стигне до вас бидејќи на интернет-страница може полесно да се најде“,
додаде градоначалникот Мемиши.
Па, ако градоначалникот вели дека ги чистат депониите, а документите не го покажуваат тоа, ги прашавме граѓаните – дали локалната самоуправа ги исполнува ветувањата.
„Тоа е негова работа. Ако има можност треба да ги исчисти. Ако нема можност – тој знае. Можеби понатаму. Ама важно е да се чистат.“
„Каде ќе ги носи? Нема каде да ги носи он тие депониите. Може тука да ги срамни и тоа.“
360°: А на свеста на луѓето треба да се работи?
„Па свесни се. Ама каде да фрлаат?“
рекоа тие.
Снимавме еден ден во Теарце. Патувајќи од едно место до друго, во атарот на селото Одри, забележаме комунални инспектори на општина Теарце и механизација. Ни кажаа дека чистат дива депонија на која најчесто нелегално се одлага градежен отпад иако на местото има поставено табла на која, едвај читливо, пишува дека тоа е забрането.
Кривогаштани
Општина Кривогаштани се наоѓа во северозападниот дел на Пелагонија. Има 5 167 жители кои, според документи на Министерството за животна средина, годишно генерираат до 1 300 тони отпад.
Во општинскиот центар, Кривогаштани, на улиците се забележливи различни контејнери за селектирање отпад. Секое домаќинство, пак, слично како и во Теарце, има своја канта за комунален отпад.
„По селава еднаш неделно доаѓаат. Си има контејнери и го носат.“
„Па редовно се собира. Комуналното работи, фала му на Бога, задоволни сме. Имаме канти, посебни, пластични, на секоја порта. Едноставно, задоволни сме“,
рекоа жителите со кои поразговаравме.
Потоа екипи на Јавното претпријатие „Пелагонија“ отпадот го носат на депонија.
Но на патот кон општинската депонија на која се носи отпадот од сите населени места на општина Кривогаштани има купишта ѓубре од домаќинства, градежен шут, а најмногу земјоделски отпад – сè е фрлено вдолж патот за да не се поминат уште седум минути возење.

Ова, се чини, најмногу му пречи на Зоран Чавкоски, земјоделец од Кривогаштани, кого го сретнавме на пат кон соодветното место за депонирање.
„Имам стрико, лешниците се негови. Тој плаќа багер, го чисти. Кога ќе очистат, селаните ќе видат чисто и пак тука ќе фрлат. Тој им вели – слезете подолу, знаете каде е депонијата, фрлајте таму, зошто овдека, ми смрди тука“,
рече Зоран Чавкоски – земјоделец од Кривогаштани.
Вели дека и надлежните често чистат, но нема разбирачка со несовесните. Па се решил за поинаков чекор.
„Јас сега тука имам ставено табли. Бев во Прилеп, ги испечатив – забрането фрлање – депонија. Велат – каде сакам ќе фрлам, што те прашувам тебе, кој си ти? Ама немаме комунален инспектор тука во општината и не можат да ги казнат и луѓето пак си фрлаат“,
додаде тој.
Според матрицата за следење на изборните ветувања на локалните самоуправи и за општина Кривогаштани свети црвено на семафорот, кога е во прашање ветувањето за идентификација, спречување и отстранување диви депонии.
Даниела Цветаноска од здружението „Агро лидер“ што ја мониторира општината, вели дека комуналното претпријатие одвојува премалку средства за чистење на дивите депонии кои не се јасно алоцирани во буџетот. Додава и дека во сите населени места има канти и контејнери, а сепак се создаваат диви депонии. Вината ја гледа и кај надлежните и кај граѓаните.
„Јавното комунално претпријатие има определени денови – во кое населено место оди да чисти. Во понеделник чисти во едно село, во вторник во две села. Како што се врти тој круг, кога повторно ќе стигнат на првото место што им е предвидено за во понеделник, веќе има премногу отпад и секако никнати нови диви депонии. Од друга страна, наплатата на комуналните услуги е на многу ниско ниво, нешто под 60 отсто, што секако е еден дополнителен проблем“,
смета Даниела Цветаноска – претседателка на Здружение за рурален развој „ЛАГ Агро лидер“.
Градоначалникот Игор Каравилоски вели дека екипи на комуналното претпријатие често се на терен и ги расчистуваат дивите депонии. Признава дека во буџетот немаат посебна ставка за оваа намена.
„За да утврдиме колку ни е потребно за системско чистење на дивите депонии треба да ги одредиме оние приоритетни локации и да го пресметаме трошокот за секоја од нив поединечно. За буџетот за 2027 година ќе предложам посебна ставка за чистење диви депонии и конкретни мерки кои се надевам ќе спречат повторно одлагање отпад на тие места што ќе бидат исчистени од комуналното претпријатие“,
вели Игор Каравилоски – градоначалник на општина Кривогаштани.
Граѓанскиот сектор критикува дека локалните власти имаат доста работа и во делот на транспарентноста. На тоа посочува фактот дека многу документи на комуналното не може да се најдат онлајн.
„На интернет-страницата, да, се појавуваат некои официјални документи поврзани со јавното комунално претпријатие. На нивните социјални медиуми речиси и да нема објави поврзани со овој дел, додека ЈКП ‘Пелагонија’ – Кривогаштани има фејсбук-страница но не често објавуваат податоци, тоа значи еднаш до двапати месечно објавуваат по нешто. Нема интернет-страница со тоа што имаме добиено одговор од директорот дека страницата е во изработка“,
смета Даниела Цветаноска – претседателка на Здружение за рурален развој „ЛАГ Агро лидер“.
Градоначалникот прифаќа дел од критиката.
„На општинскта интернет-страница се достапни буџетот, квартални извештаи, податоци за јавни набавки. Можеби со право се тие забелешки бидејќи за чистењата често нема поединечни извештаи. Се врши чистење меѓутоа тие акции што биле спроведени не секогаш се објавени. Зачи ни нестога редовен јавен преглед на локациите на кои се чисти“,
вели Игор Каравилоски – градоначалник на општина Кривогаштани.
Ги прашавме кривогаштанци дали градоначалникот работи на исполнување на ветувањата кога се во прашање дивите депонии.
„Сега брзо беа во Кореница, требаше да правиме мостови, еднаш дојде овој градоначалник, другите никој не дојдоа. Натаму, дали ќе дојде уште еднаш… Само кога ќе му требаат гласови. Секаде е така. Во Прилеп, по населбите, така е.“
360°: Го исполнуваат ли ветувањата за депониите?
„Никогаш.“
„Ги исполнува градоначалникот ама нема што да прави. Што ќе ми прави кога јас ќе фрлам еднаш, двапати? Не ме знае. Со еден збор, градоначалникот работи“,
велат тир.
Прилеп
Прилеп е соседна општина на Кривогаштани, но урбана и со многу повеќе жители, а со тоа и со многу повеќе ѓубре. Според последниот попис, Прилеп има 69 025 жители кои создаваат до 30 илјади тони отпад годишно.
По улиците има контејнери за мешан отпад, а до нив и за отпад што може да се рециклира. По домаќинствата, пак, по две соодветни канти. Прилеп има и погон на Јавното комунално претпријатие „Комуналец“ на чија постројка отпадот за рециклирање се балира.
„Може и подобро, може и подобро, секако. Да, објектите сите имаат свои канти, има контејнери, почесто треба да се чисти околу контејнери, така што, како што реков, секогаш може подобро“,
вели жител на општина Прилеп.
Но, и покрај тоа што Прилеп се смета за лидер во селектирањето отпад во земјава, на некои места во градот се создаваат мали диви депонии. Тоа често се случува кај старите градски гробишта, иако дента кога снимавме надлежните веќе го исчистиле местото покрај овој ѕид кое често е полно со ѓубре.
„Граѓаните немаат свест, ама ѓубрето се собира, тие што се платени од гробиштава што си работат како работници си го чистат ѓубрето редовно.“
360°: Како изгледаше овде кога имаше ѓубре?
„Депонија, депонија ама навреме се крева, кога треба, кога ќе пратат камионче, трактор, се крева. Вчера, некни, чистеа“,
рече граѓанска на Прилеп.
И не само во самиот град. На пример, има дива депонија покрај патот кај селото Волково, близу Прилеп. Штета за тоа планинско место, со чист воздух и погодно за рекреација.

„Па, треба луѓето повеќе да внимаваат, да не фрлаат сè и сешто, да го оставаат таму каде што треба.“
360°: А, треба ли надлежните да ги чистат овие депонии?
„Па, да. Може и нешто тие, ама повеќе и луѓето го прават тоа.
„Решението е казни. Друго, Македонецот освен со казна со друго не се наградува. Освен казната уште нешто треба да има – самосвест. И, трето, домашно воспитување“,
рекоа жителите на Прилеп со кои поразговаравме.
Од комуналното претпријатие нè информираа дека имаат регистар на диви депонии – 24 на број. Од почетокот на мандатот на новиот градоначалник до сега исчистиле 20. Велат дека ќе работат на нивно целосно затворање со рекултивација на земјиштето. Општината има посебен буџет за чистење диви депонии кој за 2026 година изнесува 4 200 000 денари. Повторното создавање диви депонии на локации што веќе ги исчистиле им е најголем проблем.
„Годишно на неколку локации чистиме и по два-три пати. Најголем проблем ни е Подабнички Канал или познато во Прилеп кај мостот кај касарните, каде годишно чистиме од пет до 15 наврати. И покрај апелите и покрај посетата на граѓаните, нова локација, совеста никако да проработи. Отпадот од цела населба Тризла се подига еднаш во неделата и тоа редовно. И покрај ова, ефект засега немаме. Проблемот единствено може да се реши само со казнени мерки“,
вели Љубиша Јованоски – директор на ЈКП „Комуналец“ – Прилеп.
Здружението „Агро лидер“ го оценува Прилеп со жолто светло на матрицата за мониторинг. Тоа значи дека општината има преземено опипливи чекори кон исполнување на ветувањето за идентификација, спречување и отстранување диви депонии.
Иако општината има буџет за чистење диви депонии во согласност со програмата за јавна чистота и активности на терен за кои редовно информира, има простор за подобрување.
„Ние немаме податок и немаме никаква официјална информација колку пари од буџетот на општина Прилеп се префрлени на комуналното претпријатие досега се потрошени, колку кубни метри досега се исчистени диви депонии од планираните 5 000 метри кубни. Воедно, за сето ова ние поднесовме барање за слободен пристап до информации од јавен карактер, меѓутоа иако е поминат законскиот рок ние досега немаме добиено официјално известување“,
смета Даниела Цветаноска – претседателка на Здружение за рурален развој „ЛАГ Агро лидер“.
Од комуналното велат дека за чистење на дивите депонии користат сопствени ресурси, а секој документ или информација за нивната работа се достапни за јавноста.
„Јавното претпријатие редовно ги информира граѓаните за чистење на дивите депонии преку медиумите, веб-страната и фејсбук-страната на ЈКП ‘Комуналец’ – Прилеп. Работиме и на подигање на свеста на граѓаните како и каде правилно да го одложат отпадот. Имаме редовно информирање до граѓаните во однос на отпадот. Моментално ја спроведуваме и кампањата ‘Чисто е убаво’. Воедно програмите за работа, како и сите извештаи и други акти се достапни на веб-страната“,
рече Љубиша Јованоски – директор на ЈКП „Комуналец“ – Прилеп.
Една од забелешките на граѓанскиот сектор е дека општината не ги вклучува граѓаните во ниту една фаза од реализацијата на оваа ветена мерка. Па ги прашавме ние – дали општината ги исполнува ветувањата за чистење на дивите депонии.
„Па, мислам дека ги исполнуваат во рамки на нивните можности, секогаш може повеќе.“
„Па, не знам баш секаде како е се.“
„Секоја локална самоуправа пред секои избори си ветува, си има програма, е сега – колку ги исполнува, значи треба да имаат тие контроли што ги има и да врши самоконтрола на својата организација да таа работа ја регулира“,
велат тие.
Струга
На дел од брегот на Охридското Езеро и вдолж реката Дрим е распослана Струга. Целата општина, според последниот попис, има 50 980 жители за кои се смета дека генерираат околу 21 000 тони отпад годишно.
Ѓубрето во градот го собираат екипи на комуналното претпријатие, додека во дел од руралните средини, месните заедници ангажираат приватни фирми. Сметките за оваа услуга варираат во зависност од населеното место и квадратурата на објектите.
„Јас гледам дека е добро. Работат. Комуналната служба убаво си работи.“
360˚: Редовно го собираат ѓубрето?
„Кај нас колку што гледам редовно“,
смета жител на Струга.
Но, иако Струга важи за еден од нашите туристички бисери, само на неколку километри од езерото не е толку блескаво. Напротив. Оваа дива депонија е на падините на планината Караорман во близина на селото Делогожди (Логожда). Илјадници тони ѓубре среде преубава природа.

„Доаѓа со кола товарена и ќе истовари. Кој ќе го контролира? Луѓето се како овците – ќе види некаде ѓубре и сите таму истоваруваат, разбираш?“
„Па мислам дека не е до свеста на граѓаните, ако зборуваме како колектив.“
„Повеќе ние загадуваме отколку што тие можат да постигнат да не очистат“,
рекоа граѓаните со кои поразговаравме.
На дивата депонијата бевме со граѓанскиот активист Ндерим Положани.
„Како што гледате, овие се големи диви стари депонии. Ние се наоѓаме во една од нив. Инаку, на секои 50 или сто метри имаме по една таква голема дива депонија“,
вели тој.
Според матрицата за мониторирање на ветувањата на локалните самоуправи, за мерката – чистење диви депонии, всушност, општината добро стои и е во жолта зона. Тоа значи дека на хартија има буџет за оваа намена, распишана е јавна набавка, избрана е фирма што ќе ја сработи работата, се реализираат активности на терен, а за тоа јавно се информира. Но, очигледно тоа не е доволно.
„Одвоени се околу два милиони денари и избрана е една фирма за која ќе треба да видиме како тие ќе ја водат реализацијата. Сѐ уште е рано. Пред два месеци беше избрана фирмата. Но од почеток можам да ви кажам дека два милиони денари за толку голема проблематика се речиси ништо“,
додава Положани.
Потенцира дека проблемот е создаван долг период.
„Ние ја имаме мониторирано општина Струга и други години. Како институција требаше да прави многу повеќе во оваа насока. Инаку имаме неофицијални бројки од над сто диви депонии на целата територија. Проблемот беше што нема стратегија и не е изработена за овој проблем да се реши на некој начин. Значи, проблемот секоја година се прави се поголем“,
вели тој.
Тој вели дека за дивите депонии потребни се многу повеќе средства и ресурси, системски пристап и стратегија на државно ниво.
На други места, пак, има обиди за расчистување на дивите депонии како што е ова во селото Корошишта. Ова се снимки како изгледал теренот претходно. Потоа, со поддршка од локалните жители, местото е чистено со багер. Но, кога го посетивме очигледно беше дека повторно некој истовара отпад.
Сепак, има и светли примери. На локалниот пат кај селото Велешта имало дива депонија. Но, сега наместо за ѓубре, местово служи за починка.

„Беше многу валкано со ѓубре, разни пластични пакувања. Благодарение на селото, со придонес на селото и со придонес на градоначалникот на општината, успеавме да постигнеме ова место денес да биде излетничко место кое го користиме и за јадење и за прослави“,
вели Аџи Шеху, претседател на м.з. Велешта.
Градоначалникот Менди Ќура вели дека општината работи на расчитување на дивите депонии, а особено е задоволен што во тоа помагаат и локалните заедници.
„Мислиме дека идната година треба да доделиме некои средства за совеста на граѓаните да се поактивни и во делот на пријавување на депониите, тоа за што ние немаме такви ресурси или капацитети поготово на места гаде што има шуми итн., скриени места на кои се фрлаат тие отпадоци“,
вели Менди Ќура – градоначалник на општина Струга.
Градоначалникот смета дека проблемот со дивите депонии ќе се реши ако се отвори нова и современа регионална депонија.
„Ќе биде во Новаци, близу Битола. Тука се веќе 19 општини, каде што таа регионална депонија ќе стартува еднаш класично, па потоа веројатно со компанија која ќе го третира сметот за да се користи како извор на струја или прин. Мислам дека во април ќе има тендер за таа депонија. Ако стигнеме, тоа ќе ги намали и овие другите депонии што се по селата“,
додаде тој.
Секако побаравме мислење и од стружани – дали градоначалникот си го остварува ветеното за дивите депонии.
„Јас мислам дека си работи градоначалнико, не е лош.“
„Горе-долу градоначалникот е многу добар сега за сега и се труди што повеќе да постигне.“
„Градоначалникот си работи супер, некои работи се малку тешки за една локална самоуправа.“
„Не можете преку ноќ. Мал мандат е“,
рекоа жителите на Струга со кои поразговаравме.
Од Теарце, преку Кривогаштани, Прилеп и Струга – во Македонија речиси и да нема регион без диви депонии. Ова покажува дека сегашниот пристап не дава долгорочни резултати. Едно од решенијата е на граѓаните да им се понуди функционален, јасен и одржлив систем за управување со отпад што ќе можат и ќе сакаат да го почитуваат. Без системско решение, ниту еден багер не може да исчисти толку, колку што несовесните можат да нафрлаат. Тоа, пак, не значи дека градоначалниците не треба да си ги исполнат ветувањата.
Ова видео е подготвено во рамките на швајцарскиот проект Програма за поддршка на изборите имплементиран од Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС). Содржината на никаков начин не може да се смета дека ги одразуваат ставовите на Владата на Швајцарија и на Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС)
