Адеми истакна дека целта на власта е да ја манипулира јавноста и да ја прикрие сопствената одговорност, посочувајќи дека сите дозволи за преземање на Стопанска банка – Битола биле издадени во 2025 година од институции со кои раководи актуелното мнозинство

Демократската унија за интеграција (ДУИ) ги отфрли како лаги и неосновани обвинувањата од владејачкото мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ и Влен дека поранешната влада го овозможила влезот на српската Алта банка во домашниот банкарски систем.
Од партијата побараа претставниците на власта во рок од 24 часа јавно да се извинат, најавувајќи дека во спротивно ќе поднесат тужби за клевета.
„На суд ќе имаат можност да ги докажат своите тврдења и да покажат кој ги донел одлуките, кога ги донел и каква одговорност сноси. Државниот имот и интересите на државата не се предмет на политички игри. Граѓаните ја заслужуваат вистината. ДУИ бара одговорност и отчетност, а не клевети и манипулации“,
рече на денешната прес-конференција генералниот секретар на ДУИ, Арбен Адеми.
Адеми истакна дека целта на власта е да ја манипулира јавноста и да ја прикрие сопствената одговорност, посочувајќи дека сите дозволи за преземање на Стопанска банка – Битола биле издадени во 2025 година од институции со кои раководи актуелното мнозинство.
„Во 2023 година, тогашната Влада на СДСМ-ДУИ нема донесено ниту една одлука со која би ѝ се отворил патот на Алта банка во Северна Македонија. Напротив, таа ја заштити државата. Нашата држава поседуваше акции во белградската банка, која денес се нарекува Алта банка, акции наследени од поранешна Југославија. Сопственикот на оваа банка ги презеде овие акции по сила на српскиот закон, без согласност на нашите институции“,
додаде Адеми.
Тој дополни дека тогашната влада реагирала и на 24 октомври 2023 година го задолжила Државното правобранителство да ги заштити правата на државата пред српските институции. Значи, рече Адеми, во 2023 година станува збор за заштита на државниот имот, а не за договор или деловна соработка со Алта банка.
„Алта банка влезе во банкарскиот систем на државата во 2025 година, под оваа влада“,
кажа тој.
Адеми презентираше хронологија на одобренијата од минатата година. Според него, на 1 септември 2025, Народната банка дала согласност Алта банка да стане сопственик на Стопанска банка – Битола, при што, како што наведе, и самиот гувернер признал дека за ова се консултирал со премиерот.
Десет дена подоцна, Комисијата за хартии од вредност, предводена од Бујаре Абази, кадар на Влен, издала дозвола за купување на акциите. На 16 октомври 2025 година, рече Адеми, Алта банка станала сопственик на 93 проценти од акциите на Стопанска банка – Битола.
На 23 септември 2025, на предлог на Министерството за финансии, Владата на ВМРО-ДПМНЕ и Влен усвоила одлука со која од 16 државни институции – меѓу кои Фондот за здравствено осигурување, ЕСМ и Агенцијата за вработување – побарала во рок од три дена да ја разгледаат понудата на Алта банка за откуп на нивните акции во битолската банка.
„Ова се факти и конкретни одлуки. Одговорноста треба да ја преземат оние што ги одобриле, а не да ја префрлаат на некој друг“,
додаде Адеми.
Обвинувањата кон ДУИ, кои беа дел од владата со СДСМ, вчера ги упати премиерот Христијан Мицкоски за време на надзорната расправа во Собранието посветена на состојбите во Алта банка АД Битола.
Мицкоски рече дека тогашната влада на СДСМ и ДУИ дала согласност за продажба на акции во Стопанска банка АД Битола (денешна Алта банка АД Битола) и го задолжила Државното правобранителство да стапи во комуникација со сопственикот на Алта банка Србија, Давор Мацура.
Вчера и лидерот на СДСМ, Венко Филипче, го обвини премиерот за брутална лага и дефокусирање и даде објаснување околу случувањата. Филипче наведе дека Давор Мацура, кој сега е во притвор, ги откупил акциите од поранешната југословенска Југмест банка, кои ѝ припаѓале на Србија. За да се стекне со 90 отсто сопственост, тој сакал да ги откупи и акциите што им припаѓале на поранешните југословенски републики, според принципот на сукцесија. Според Филипче, македонската влада тогаш одбила да му ги продаде акциите на Мацура, но тој го остварил тоа преку Босна и Херцеговина и согласно српското законодавство ги откупил преостанатите акции без нивна согласност.
